Полицајците од нашите маала

Македонија има дури 522 полицајци на 100.000 жители, што е многу над европскиот просек од 318 полицајци на 100.000 жители или еден полицаец на 314 жители. Ако како земја сме многу погоре од овој просек со бројот на полицајци, тогаш што прават тие, каде се да нѐ заштитат нас, нашите деца и нашиот имот? Зошто ги нема кога најмногу ни требаат и зошто не реагираат на нашите пријави?

Речиси филмската полициска потера по уличен крадец што пред некој ден се случи во центарот на Скопје, кога полицајка скокна во Вардар за да го фати, беше пласирана како вистинска сензација во медиумите. Сосема оправдано, зошто, за жал, таквите ситуации, иако за секоја пофалба, се невообичаени во нашето секојдневие, и според општиот впечаток, и според извештаите за резултатите од работењето на полицијата.

Во главниот град на државата, на пример, веќе извесно време се врти информацијата дека човек што зборува на непознат јазик и се претставува себеси како мигрант напаѓа девојчиња и дека веќе направил и неколку обиди за силување. Граѓаните го среќаваат и јавно веќе го опишуваат како изгледа, кај се движи, а полицијата никако да се сретне со него и да го лиши од слобода. Или, барем, да ја демантира информацијата. Граѓаните се револтирани, лути и исплашени. Немоќни, незаштитени и разочарани од инертноста на полицијата за случајот, некои излегоа и на протест да го кренат својот глас и да извршат притисок врз луѓето задолжени за редот и законот.
Прават ли нешто корисно полицајците за нас граѓаните, освен што ни земаат изјави кога ќе се појавиме во полициските станици за да пријавиме некое дело. Општиот впечаток на најголем дел од граѓаните е полицајците како да не мрдаат ни со прст, па токму и затоа криминалците се толку активни. Никој ништо не им може. А нема ден да помине да не се случат кражби. Деновиве во Скопје како да се најактуелни кражбите на велосипеди. Се крадат и по неколку на ден. Социјалните мрежи зовреа од поплаки на граѓани. Стари или нови, скапи или поевтини велосипеди, сепак се крадат. Штом некому ќе му го снема велосипедот, нема утеха дека ќе му биде најден. Ова го тврдат и оние што претходно поминале низ истото тоа, бидејќи и тие се разочарале од полицијата.

Граѓаните се беспомошни, несигурни и недоверливи кон чуварите на редот и законот, бидејќи ниту ги чуваат нив и нивниот имот ниту, пак, им помагаат да им биде вратено незаконски одземеното. Велосипедите им ги снемува од пред станбените згради, од влезовите, пред трговските центри, пред зелените пазари, дење или ноќе, било да се скапи или евтини.
Само изминатиот викенд биле украдени повеќе од педесетина. Оние што навистина се засегнати со проблемов веќе имаат и статистика дека се украдени повеќе од 70.000 велосипеди и дека на секој велосипедист последниве десет години му е украден еден велосипед.

Само секој илјадити велосипед е пронајден од полицијата, што, според нив, претставува разочарувачки податок. Полицијата за јавноста немаше одговор колку велосипеди се украдени од почетоков на годинава досега, како што немаше одговор ниту колкумина од крадците успеале да фатат.
Се поставува прашање зошто полицијата не си ја работи работата за која е платена. Каде се полицајците кога на улица среде бел ден се прават дрски кражби. Всушност, крадците се намножија затоа што почувствуваа дека можат слободно да шетаат по улици. Ете беше скоро, крадејќи ѝ го синџирчето од врат, крадецот за малку ќе ја задавел жената, бидејќи дрската кражба ја извршил од велосипед.
А сето тоа се случи среде бел ден во скопската населба Аеродром, пред еден од трговските центри, каде што има огромна фреквенција на луѓе.
Трчала по него и бидејќи не можела да го стигне го пријавила во полиција, а оттаму ѝ рекле дека тие не можат да пратат полицајци на терен да го фатат момчето и дека може да даде изјава.

А кога пристигнала во полицијата да даде изјава, ѝ рекле оти е добро што останала жива, зашто само пред една недела на една старица на истиот начин ѝ било украдено златното синџирче, при што таа паднала на рабникот од тротоарот и по три дена починала во болница. А бе, целата приказна ѝ раскажале.
Замислете, тие го знаеле крадецот каде и како оперира низ населбата и не мрднале со мал прст за да го спречат да го повтори делото. Каква утеха, наместо заштита!
Каде се тие полицајци од некогашните маала, кои ги познаваа сите што таму живеат и им беше познато кој каде се движи и што прави, а граѓаните покрај нив се чувствуваа сигурно. Се сеќавам на Спасе полицаецот од моето мало, кој кога ќе поминеше по улица сите деца и возрасни го поздравуваа, а младината што седеше на потпорот од клупите и газеше со нозете по нив веднаш скокаше и седнуваше така како што треба да се седи на клупите во парковите, зашто дури и за тоа Спасе знаеше да прекори и подвикне, онака строго полициски.

Никој не смееше ниту да помисли да го остави својот автомобил на тротоар. Штом ќе се појавеше во населбата, сите го поздравуваа и му искажуваа почит, затоа што тој беше чувар на нашиот имот, безбедност и на јавниот ред и мир. А сега малкумина се такви, на кои навистина треба да им се оддадат и почит и признание. Таков пример е полицајката што пред некој ден не жалеше да си ги наводени униформата и фризурата, па дури и да си го ризикува животот, за да го фати крадецот.

Македонија има дури 522 полицајци на 100.000 жители, што е многу над европскиот просек од 318 полицајци на 100.000 жители или еден полицаец на 314 жители.
Ако како земја сме многу погоре од овој просек со бројот на полицајци, тогаш што прават тие, каде се да нѐ заштитат нас, нашите деца и нашиот имот? Зошто ги нема кога најмногу ни требаат и зошто не реагираат на нашите пријави за напади од педофили и силувачи, за украдени мобилни телефони, за украдени велосипеди, паричници и чанти, за вредни предмети и пари во нашите домови? Каде се полицајците од нашите маала? Навистина, многу ни се потребни!