Политичко убиство на правото

Кога се рушеше Груевски основните аргументи на ЕУ беа: заробена држава, диригирано судство, немање правна држава итн. Сега кога се помилува и амнестира поранешниот премиер и му се доделува азил, аргументите се повторно исти, но овој пат во негова полза

Минатонеделната колумна со наслов, „Сто пораки и исто толку парадокси“, може слободно да ja реобјавам и сега. Изнесените тези и новинарски заклучоци во текстот во целост се поклопија со редоследот на настаните потоа, па дури добија и домашна и меѓународна поткрепа и валоризација. Еве сега и министерот Димитров ја користи истата терминологија, па вели дека парадокс и иронија е земја-членка на ЕУ да му даде заштита на осуденик.

За парадоксите во правото и политиката неделава зборуваа и европратеници, домашни политичари, унгарската власт и опозиција итн. Сепак најновите случувања, доделениот азил од страна на Унгарија на поранешниот премиер, рефлексиите врз Македонија, како и почнатите политички и правни процеси дома отвораат и многу други суштествени прашања и дилеми, кои, секако, заслужуваат внимание. Во таа насока овој пат ќе се позанимавам со владеењето на правото во ЕУ, и надвор од неа, поимање на меѓународното право, правдата и правната држава. Кој што подразбира под овие поими, како ги толкува и како ги применува. Дали можеби истите тие се (зло)употребуваат за политички цели и се врши трговија со нив.

Да не заборавиме дека владеењето на правото е еден од најсуштествените и водечки принципи на кој се темели Европската Унија и основен критериум од кој зависи идното членство на земјите-кандидатки во европското семејство, меѓу кои и на Македонија. Аргумент повеќе да се зафатиме со темата е и јасниот став на Европската комисија, случајот со бегството на Груевски да се третира исклучиво од правен аспект.
А бидејќи правото секаде во светот се темели на факти и докази ќе тргнеме од нив. Непобитен факт е дека Унгарија е членка на ЕУ и на НАТО и како таква споделува исти вредности како и целата Европска Унија. Колку тоа му се допаѓало некому или не е друга приказна, но фактите се тие. Понатаму. Врз основа на приложени факти истата таа Унгарија му доделува политички азил на поранешниот македонски премиер уважувајќи ги сите негови тврдења во барањето за азил. Да се потсетиме во барањето, пак, во кое Груевски навел дека сѐ почнало со објавување на бомбите од нелегално снимените аудиоразговори, дека СЈО е политичка експозитура, дека во Македонија се водат конструирани судски процеси, дека се спроведуваат репресија, политички прогон, дискриминација, тортура итн.

Унгарија, читај ЕУ, сето ова го прифаќа како точно и веродостојно, преку одлуката да му додели азил. Не случајно Груевски својата објава за доделениот азил ја почнува со зборовите: „Денес Република Унгарија, членка на ЕУ и НАТО, одговори позитивно на моето барање“.
Значи внимавајте, акцентот е ставен токму на членка на ЕУ и на НАТО.
Да поедноставам, Груевски не доби азил од Унгарија, туку од ЕУ и од НАТО. Тој е помилуван и ослободен од секаква одговорност директно од Брисел и од Вашингтон.
Дали тоа му се допаѓало некому или не е друга приказна, но фактите се тие. Така меѓународната заедница и ЕУ го разбира и го спроведува правото.
Наводите и обвинувањата од неговото барање за азил пак остануваат единствено и само врз грбот на Македонија.

За жал, во случаите со и околу Република Македонија историјата и практиката покажале дека кога станува збор за примена и почитување на меѓународнотo право тоа повеќе се користи како параван за остварување нечии туѓи интереси, отколку како алатка за решавање на проблемите

Сега останува уште ЕУ и Брисел и јавно да се изјаснат дали се согласуваат со наводите во барањето за доделување азил, за тортура, небезбедност, диригирано судство во РМ и на тој начин уште еднаш јасно да го демонстрираат своето разбирање за почитување на правото.

Наместо тоа ЕУ деновиве главно молчи или излегува со нејасни и збунувачки пораки. Кога се рушеше Груевски основните аргументи на ЕУ беа: заробена држава, диригирано судство, немање правна држава итн. Сега кога се помилува и амнестира поранешниот премиер и му се доделува азил, аргументите се повторно исти, но овој пат во негова полза. Ист критериум и за казна и за награда.

Затоа властите од Будимпешта со доза иронија и потсмев му препорачуваат на Хан да си ги прочита извештаите за Македонија. И сега каква поука или заклучок може да се извлече од последниот случај, но и од редица други претходно.
За жал, во случаите со и околу Република Македонија историјата и практиката покажале дека кога станува збор за примена и почитување на меѓународното право, тоа повеќе се користи како параван за остварување нечии туѓи интереси, отколку како алатка за решавање на проблемите. Тоа во крими-терминологија или филмските сценарија може да се оквалификува како политичко убиство на правото или убиство според закон.

Од една страна, демек сѐ е легално во постапката, иако гледано од друг агол сѐ е превртено наопаку и нема ништо законско. Да ја земеме на пример пресудата на Меѓународниот суд за правдата во Хаг. Македонија ја победи Грција во законска и легална постапка, која потоа се преврте наопаку и никогаш не заживеа. Дури напротив, државата беше принудена да ги прифати уцените од Грција и од меѓународната заедница.
Или меѓународното право на самоопределување, кое важи за сите држави во светот, само не и за Република Македонија. Што е ова ако не убиство на правото и тоа со умисла.

Веројатно истото тоа може да се каже и сега за целата постапка околу спроведување на спогодбата со Грција, процедурата за уставните измени, и најновите предлози и иницијативи за амнестија или помирување како што некои сакаат да ги толкуваат.
И ова веројатно може да се подведе под категоријата убиство на правото.
Во целиот овој галиматијас нејасно е дали ние се бориме и залагаме за правна држава или за амнестирана држава, дали се залагаме за владеење на правото еднакво за сите или правда само за избраните, а казна за другите.

Секој непромислен и избрзан потег, кој ќе биде на штета на правните процедури, Уставот и законите, може да биде само мечкина услуга што кога-тогаш ќе ни се врати како бумеранг. Како впрочем што се покажало и многупати досега.
Карикатуралните потези и однесување се за во циркус и служат за потсмев кај публиката, а не се одлика на стабилна и сериозна држава.
Затоа крајно време е да посветиме многу поголемо внимание и да покажеме повеќе почит дома, кон институциите, законите, процедури и да не отстапуваме од нив, по никоја цена. Верувајте, единствено и само така повеќе ќе нѐ ценат и ќе нѐ почитуваат и однадвор.