Политичкиот карантин од Брисел!

Оттука е значајно што поскоро симнувањето на „карантинот“ наметнат од ЕУ за земјите од Западен Балкан, кој се манифестира и преку бесмислената блокада на Бугарија за почеток на пристапните преговори со Македонија, а тоа ќе значи и давање зелено светло за Албанија и за сите други земји од регионот, кои поучени од лошото искуство на нашата држава во процесот во преговорите со ЕУ се обидуваат да најдат нови партнери во економската соработка, притоа запоставувајќи ги реформите на политичкиот систем, кои ќе доведат до поголема демократија и почитување на правото

Темата за Западен Балкан повторно се најде на дневен ред на еден меѓународен политички форум, на кој повторно се искажаа познатите заложби за „европската перспектива на регионот“. Викендот, Дубровник беше местото на новата средба на претставници на балканските и на европските политичари, кои учествуваа на самитот што имаше и симболична порака, преку насловот на темата на панел-дискусијата: „Меѓународната заедница и Западен Балкан: Како да заврши карантинот?“ И навистина, Балканскиот Регион подолго време се наоѓа во еден „политички карантин“, наметнат од Брисел, од кој тешко може да се излезе, наспроти изолацијата од здравствени причини, која беше воведена поради пандемијата на коронавирусот. Додека земјите од Западен Балкан полека ги надминуваат здравствените стеги, кои беа воведени заради побрзото справување со коронавирусот, неизвесно е кога ќе попушти „карантинскиот режим“ во кој беа ставени граѓаните од нашите простори, што им беше наметнат од строгите правила за проширување на Европската Унија.
Но последните месец-два има нешто што е позитивно во однесувањето на челниците на ЕУ, а кои многу почесто се посветуваат на Западен Балкан, со прифаќањето на реториката на балканските лидери „за единствена Европа“ и за тоа дека ЕУ нема да биде цела ако во неа не се и балканските земји! Па и самиот специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина, Мирослав Лајчак, сега зборува за „Западен Балкан и ЕУ како за едно семејство“, кое се соочува со истите предизвици. Тој од собирот во Дубровник порача колку е важно сите заедно да ги делиме истите норми и вредности. Високиот претставник на Унијата за надворешна политика Жозеп Борел се заложи за продолжување на вниманието на Западен Балкан и на целиот регион на европскиот пат, вклучувајќи го и оживувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
По долгогодишното исчекување на судниот ден за отпочнување на преговорите за пристапување во европското семејство, граѓаните на Балканот како да стекнаа „колективен имунитет“ од силните ветувања што доаѓаа од домашните политичари, на кои им се придружуваат и западните дипломати.

Но тоа што особено загрижува, е сѐ поизразениот скептицизам кај населението за некое брзо пристапување во елитниот европски клуб. Наспроти сѐ уште присутната неизвесност од целиот процес на проширување, на последните западнобалкански собирања станува сѐ појасно што ќе ни се случува во наредните години и декада, во смисла на некаква форма на здружување на земјите од Балканот, но на меѓусебно регионално ниво. За ова говори и новоименуваниот висок претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, кој во својот настап во Дубровник го нагласил клучното прашање за Европската Унија, како да се задржат шесте држави на Западен Балкан заедно и да се почнат интегративни процеси што би можеле да доведат, како што нагласува тој, до т.н. голем шенген.
Идејата за поголемо економско и регионално поврзување на балканските земји беше нагласено и на минатонеделниот Берлински процес, кој се одвива под лично покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел, но и од САД, кои се и најголемите поддржувачи на процесот на мини-шенген, во кој активно се вклучени Албанија, Србија и Македонија. Меѓутоа, сѐ поголемото инсистирање на меѓусебното економско поврзување предизвикува и сѐ поголема демотивираност кај креаторите на националните политики за спроведување на потребните внатрешни реформи, на што со право и предупредуваат некои добронамерни земји од Европската Унија, кои се и најсилни поддржувачи на процесот на проширување кон Западен Балкан. И самиот процес за регионално поврзување е недоволно прифатен од другите земји, како што се Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, така што регионот ќе биде доведен до празен простор, во кој од едната страна е неизвесноста од целосно зачленување во ЕУ, а од друга страна е формирање некаква „балканска заедница“, за која никој не е докрај сигурен дали ќе профункционира во вистинска смисла.

Наспроти сѐ уште присутната неизвесност од целиот процес на проширување, на последните западнобалкански собирања станува сѐ појасно што ќе ни се случува во наредните години и декада, во смисла на некаква форма на здружување на земјите од Балканот, но на меѓусебно регионално ниво

Оттука е значајно што поскоро симнувањето на „карантинот“ наметнат од ЕУ за земјите од Западен Балкан, кој се манифестира и преку бесмислената блокада на Бугарија за почеток на пристапните преговори со Македонија, а тоа ќе значи и давање зелено светло за Албанија и за сите други земји од регионот, кои поучени од лошото искуство на нашата држава во процесот во преговорите со ЕУ се обидуваат да најдат нови партнери во економската соработка, притоа запоставувајќи ги реформите на политичкиот систем, кои ќе доведат до поголема демократија и почитување на правото. Процесот на регионално економско поврзување во сѐ уште поделениот Балкан и при отворени и нерешени политички прашања може да има ограничени можности и не смее да биде некаква алтернатива на процесот на проширување на ЕУ.