Политичка желботека и со платите

Зголемувањето на платата не треба да се искористува за политички цели за да се добиваат гласови. Зашто платата не е политичка категорија, туку економска. Дали е воопшто коректно политички да се манипулира со народот со виртуелно и реторичко ветување за зголемување на платите, без притоа да се има економска логика и оправданост за тоа?

Покривањето на основните прехранбени потреби, како и намирувањето на сметките за струја, вода, парно се предизвик за многу семејства во Македонија и покрај тоа што просечната плата расте, што значи дека повеќето граѓани работат за минимална плата што воопшто не е доволна ни за основните потреби.
Статистички, платите растат повеќе од трошоците за живот, но колку реално се чувствува тоа? Речиси ни малку. Бидејќи според податоците на Државниот завод за статистика, речиси две третини од вкупно 794.909 вработени лица, лани земале помалку од 20 илјади денари. Најголем број од вработените, или 207.442 вработени, минатата година месечно на својата сметка добивале меѓу 16 и 20 илјади денари. Синдикалната кошница што ги опфаќа само основните потреби на граѓаните за домовите го надмина прагот од 34 илјади денари, што значи ни просечната плата не стигнува, која изнесува околу 28 илјади денари. Но статистиката е едно, а политиката сосема друго. Проблем може да настане доколку за партиско-политички цели се лицитира со одредени стриктно дефинирани економски параметри и показатели како што е и платата.
Зашто платата не е политичка категорија, туку економска. Зголемувањето на платата не треба да се искористува за политички цели за да се добиваат гласови.
Дали е воопшто коректно политички да се манипулира со народот со вакви лицитации за вештачко зголемување на платите, како и влијанието на државниот интервенционизам на платите на пазарот на трудот во нашето општество?
Затоа платите треба да бидат разгледувани низ призмата на економијата, односно како економска категорија, а директно поврзана со личната потрошувачка.
Надлежните треба да имаат на ум дека секој нов бран поскапувања не само што се одразуваат врз џебот на граѓаните туку сѐ повеќе се одразуваат и врз нивното здравје поради континуираниот пад на квалитетот на животот. Но и вештачкото зголемување на платите само повеќе ги фрустрира граѓаните, бидејќи за нив тоа е само една илузија што им се сервира. За позначајни промени во платите се потребни сериозни инвестиции во додадена вредност.

И бизнис-заедницата останува на ставот дека секој вештачки обид за зголемување на минималната плата не е добар, затоа што приватниот сектор работи секојдневно и е реална материја што се менува на дневна, недела, месечна основа. Треба да се следат условите на пазарот. Треба да гледаме како се менува пазарот. Треба да креираме лица што ќе ги задоволат потребите и треба да влезат на тие работни места. Мора прво да ја зголемиме побарувачката на работна сила, да се намали понудата со намалување на стапката на невработеност и дури тогаш да дојде до зголемување на платите, како цена на работната сила.
Со зголемувањето на вработеноста, луѓето ќе имаат повеќе приходи, ќе трошат производи и услуги што некој друг ги произведува, што ќе резултира со уште повеќе нови работни места, намалување на невработеноста и зголемени плати. Сите земји од Централна и од Источна Европа, како Полска, Унгарија, Чешка, Словачка, го поминале овој пат, имале првични инвестиции со ниско ниво на плати, но сега веќе таму платите се неколкупати повисоки.

Национална стратегија со утврдени цели за подобрување на продуктивноста на приватниот сектор, обезбедување стабилен пласман на македонски производи и зголемување на бројот на компании што извезуваат може да ја зголемат платата.
Голема е веројатноста да се зголеми и неформалниот сектор, работењето на црно, со вештачкото зголемување на минималната плата во услови на непродуктивност.
Продуктивноста се зголемува со промена на структурата на стопанството, каде што ќе се воведат дејности што ќе имаат поголема додадена вредност, кои ќе може да бидат конкурентни на странските пазари и ќе овозможат реално зголемување на платите на вработените. Но за тоа ни треба и капитал, значи инвестиции, но ни треба и знаење, поголеми промени во образованието.
За да ја гледаме платата како мотор на засилување на економскиот раст, мора да размислуваме како да ги охрабриме претприемачите да инвестираат, да создадат нови работни места, кои ќе генерираат повисоки плати и ќе влијаат позитивно и врз штедењето.