Политичката привлечност на фискалната илузија

Се зборуваше за фризурите, за облеката, за чантите, за музичкиот вкус, за приватниот денски и ноќен живот на „грациите“. Дури се снимаа и репортажи во и околу нивните домови. Но никој не се заинтересира за нивните бонуси и за износите што по разни основи им беа исплатувани на многу други лица и компании, кои тешко може да се поврзат со работењето на обвинителството. Некаков посериозен преглед на буџетот на СЈО или на годишните извештаи за неговото работење, што според законот требало да се доставуваат до Собранието, веројатно ќе укажеше на одредени нерегуларности.
Но кој ќе чита, пресметува и превенира!?

Во земјата во која финансиската писменост е на мошне ниско ниво, а неодговорното трошење видливо на секој чекор, навистина би било наивно да се очекува оти некој би можел да преземе одговорност или, не дај боже, да ги врати „неоправдано“ присвоените државни пари. Ова „неоправдано“ не е случајно ставено во наводници, зашто оградите се навистина нужни кога, речиси редовно, за ситуации што се надвор од секаква логика и здрав разум, на крајот се покажува дека „сѐ било според Уставот и законите“. Такво нешто веројатно ќе произлезе и од, барем до вчера, последната епизода од серијалот „Рекет“, во која со најновата владина алатка, меѓу другите, беа отворени и финансиите на специјалното јавно обвинителство. Изливите на вџашеност и на разочарување, за среќа или несреќа, стивнуваа како што се интензивираа информациите за тресењето на земјата во регионот. Но дури и да не беа земјотресите, ќе имаше некоја друга вест што сигурно ќе ги потиснеше во сенка обвинителските бонуси. Можеби некој детаљ од благото кафе и ракија кај невестата на Цеца. Толку ѝ е капацитетот на јавноста кога станува збор за грижата за јавните финансии, поточно за сопствените пари и за сопствените интереси. Нема тука слики од вистинското човечко страдање, ниту од лажниот гламур. Сѐ само некакви ставки и бројки. И понекое звучно име што евентуално, на краток рок, би можело да ја предизвика љубопитноста и да резултира со понекоја чисто сеирџиска реакција.

Таквата епидемиска летаргија во однос на сериозните теми во голема мера е резултат и на површните и стерилни јавни полемики, вклучувајќи ги и тие што се водат во законодавниот дом, но и недоизградените, накриво насадените и на разурнатите механизми за контрола на владеењето, така што секоја владејачка гарнитура, без оглед на криминалниот баласт, се провлекува само со устен укор и со понекој ден одлежан што во домашен што во затворски притвор, кој потоа, во изненадувачкиот пресврт, дебело се наплатува. Се разбира, повторно од државната каса.
Политиката на трошењето за бирократијата и за партократијата и на штедењето на сѐ друго стана вообичаена шема при креирањето на државниот буџет, но поради финансиски неедуцираното граѓанство, сѐ понезаинтересираната или пак добро контролираната научна елита и паушалните реакции на опозицијата, лесно се продава илузијата дека буџетот е развоен, дека ќе ги поткрене економијата и животниот стандард на граѓаните, а дека дефицитот, на пример, е само поради враќањето на старите долгови.

Политичката привлечност на оваа фискална илузија е што никој не навлегува во детали за јавните приходи и расходи, што всушност е простор за неограничени манипулации, со можност и да се прошири со некој иден ребаланс и образложение дека, на пример, ефектот на наплатата на ДДВ бил под очекуваниот. Кој ќе се нафати да го оспорува тоа?

Првата линија на одбраната, Собранието, кое на чело со парламентарната опозиција, според редот на нештата, би требало да реагира во таквите случаи, како што во многу пригоди досега и се покажа, ќе оцени дека ќе го задоволи интересот на јавноста со тоа што ќе го оквалификува буџетот како расипнички, коруптивен и предизборен. Втората линија, правосудството и регулаторните тела, едноставно или се обезглавени, како на пример Државниот завод за ревизија, или се преокупирани со меѓусебните лични и клановски војни каква што деновиве на крајно недоличен начин се води помеѓу дел од обвинителите и судиите. Третата линија, економските експерти и невладиниот сектор, веќе традиционално се заплеткани во владините проекти, така што навистина не ќе можат да најдат доволно време за посериозни согледувања.

Таквата епидемиска летаргија во однос на сериозните теми во голема мера е резултат и на површните и стерилни јавни полемики, вклучувајќи ги и тие што се водат во законодавниот дом, но и недоизградените, накриво насадените, и на разурнатите механизми за контрола на владеењето, така што секоја владејачка гарнитура, без оглед на криминалниот баласт, се провлекува само со устен укор и со понекој ден одлежан што во домашен што во затворски притвор, кој потоа, во изненадувачки пресврт, дебело се наплатува. Се разбира, повторно од државната каса

Четвртата линија, асоцијациите на стопанствениците, крајно прагматични како и секогаш, молчат и чекаат поволна ситуација со власта за да се испазарат за нешто. Петтата линија, медиумите, се толку исцрпени од сопствените финансиски проблеми и недостигот од ресурси така што најчесто и немаат простор за некакви длабински анализи на јавните финансии. И конечно се граѓаните, од кои најголемиот дел, преку вработувања во јавниот сектор, му се директно подложни на најголемиот стопанственик во државата, Владата, така што тука се затвора кругот.

И затоа не треба да изненадува тоа што цели четири години никој не се заинтересирал колку точно и од каде добива и колку точно и на што троши тимот на чело со Катица Јанева. Се зборуваше за фризурите, за облеката, за чантите, за приватниот денски и ноќен живот на „грациите“. Дури се снимаа и репортажи во и околу нивните домови. Но никој не се заинтересира за нивните бонуси и за износите што по разни основи им беа исплатувани на многу други лица и компании, кои тешко може да се поврзат со работењето на обвинителството. Некаков посериозен преглед на буџетот на СЈО или на годишните извештаи за неговото работење, што според законот требало да се доставуваат до Собранието, веројатно ќе укажеше на одредени нерегуларности. Но кој ќе чита, пресметува и превенира!? Политичкото поентирање ќе има поголем ефект кога работата ќе експлодира. А и сеирот ќе биде поголем.

[email protected]