Политики за самоуништување

Холандскиот филозоф Барух Спиноза, во едно свое размислување, луцидно заклучува дека „кога би постоеле суштества што им ги исполнуваат сите желби на луѓето, тоа не би биле богови, туку демони“. Следејќи ја логиката на Спиноза, кога Македонија би имала капацитет и потенцијал да им ги исполнува сите желби на соседите (без притоа да се самоуништи), веројатно не би била „земја од бајките“, туку „земја на демонските сили“. Но во реалноста, Македонија никако не може да им ги исполни сите апсурдни желби на соседите, без да се доведе во состојба на самонегација, саморазградување, до самоуништување

Несвесно, или промислено, но се чини дека соседите ја доживуваат Македонија како земја од бајките – како земја што може да им ги исполни сите нивни (гео)политички желби, да ги излечи сите нивни историски фрустрации, па и како земја со потенцијал за задоволување на нивните територијални аспирации… Спонтано, или можеби по нечија поука, и македонската реална и официјална политика некако ја прифати таквата „улога“ за Македонија, како земја подготвена да прави отстапки (политички, идентитетски, историски) во интерес на желбите на соседите, за да стане дел од една поголема „земја на бајките“, како што стана навика во македонската јавност да се претставува ЕУ.
Во таквиот „заплет од бајките“ во односите со соседите, Македонија западна со потпишувањето на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција, за кои со текот на времето сѐ повеќе се покажува дека се замислени само како список на отстапки што треба да ги спроведе македонската страна, а речиси без обврски за другите страни. Всушност, во договорите (не)внимателно е вградена опцијата „списокот на македонските отстапки“ да не биде затворен, за соседите да можат постојано во него да додаваат нови и нови желби.

Неколку такви желби, навистина и порано споменати, неодамна реафирмираше бугарскиот претседател Румен Радев на средбата во Софија со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Радев, меѓу другото, потенцирал дека во македонските историски учебници и во спомениците и понатаму провејувал „говор на омраза спрема Бугарија“, со тоа што бугарскиот „престој“ на македонска територија за време на Втората светска војна е опишан со квалификацијата „бугарска фашистичка окупација“ или „бугарски фашизам“… На ваквата сензибилизираност на бугарската страна, македонскиот премиер Зоран Заев одговори дека „во голем дел од спомениците што ги има и во Бугарија и во Македонија, треба да има пријателски дух, така што фашизмот не смее да има етничка димензија“, навестувајќи интервенција во таа смисла, како на спомениците така и во учебниците. Во намерата за отстранување на причината за вознемиреност на бугарската страна, македонскиот премиер зачекори во ризичната зона на контроверзност во однос на антифашистичките темели на сопствената современа македонска држава. И овој пат подготвеноста за отстапки на македонската политика, наводно во интерес на забрзување на процесот на евроинтеграција, заринка во апсурдноста на политичката стратегија – да се даде сѐ што ќе побара страната што прави проблеми до постигнувањето на поставената цел.
Холандскиот филозоф Барух Спиноза, во едно свое размислување, луцидно заклучува дека „кога би постоеле суштества што им ги исполнуваат сите желби на луѓето, тоа не би биле богови, туку демони“. Следејќи ја логиката на Спиноза, кога Македонија би имала капацитет и потенцијал да им ги исполнува сите желби на соседите (без притоа да се самоуништи), веројатно не би била „земја од бајките“, туку „земја на демонските сили“. Но во реалноста, Македонија никако не може да им ги исполни сите апсурдни желби на соседите, без да се доведе во состојба на самонегација, саморазградување, до самоуништување. Зашто апетитот на соседите (и на кој било) не згаснува со една исполнета желба, со една, две, па и три направени отстапки…

Кога отстапките се прават без реципроцитет, без возврат, според законите на физиката и на логиката, таквата практика води кон исцрпување и на материјалните, националните, интелектуалните, историските, идентитетските, духовните… капацитети на „исполнувачот на желбите“. Притоа, побарувачот на отстапки, ни тогаш нема да биде задоволен и нема да биде променета вистината, која е причина за неговите лични или дури и национални фрустрации.
Во конкретниов случај, дури и Македонија да ја ревидира својата историја по желба на Бугарија, и да го отстрани спорниот елемент на „бугарскиот фашизам“ на своите споменици и во својот образовен систем, тоа нема да го промени она што е забележано во документите од Втората светска војна, според кои е пишувана светската историја од тој период, во кои јасно е наведено дека Бугарија била сојузник на фашистичката оска. Дури и во бугарските документи од тој период е запишано дека Бугарската комунистичка партија се борела против бугарската фашистичка влада на премиерот Филов и царот Борис. Менувањето на фактите од минатото и менувањето на историјата никако не може да придонесат за добрососедство во сегашноста. Тоа е како перење масни дамки – колку повеќе ги бришеш, повеќе се познаваат!
Од друга страна, Македонија никако не смее да се откаже и да го крие фактот дека била на вистинската страна на историјата во времето на Втората светска војна и дека антифашизмот е втемелен во основите на современата македонска држава. Во тој правец, Македонија не може да прави никакви отстапки или да замижува пред историските факти, со цел лекување на соседските фрустрации.

Од досегашното искуство, на македонските политичари треба да им биде јасно дека политиката на отстапки нема да нѐ одведе во ЕУ. Политиката на отстапки не е стратегија, туку одење по линија на помал отпор, која се тенчи додека не се скине. Наместо да биде „земја од бајките“, Македонија мора да се повика на принципите на реалниот свет, на принципите на историјата, на меѓународното право, кои колку и да се обидуваат (по)моќните држави да ги избегнат кога не им одговараат, сепак не смеат и не можат да ги игнорираат. Не случајно се вели дека пред фактите и вистина и боговите молчат. А токму историските факти и вистината се на страната на Македонија, која патем секогаш била на вистинската страна на историјата и со тоа треба да се гордее. Туѓиот срам не може да се пере врз грбот и на штета на Македонија, како што се обидуваат и се надеваат соседите. Како што не може ниту да се ревидира историјата или да се избрише нечие фашистичко минато.