Политиката како еден од најбрзорастечките бизниси

Политичките партии, кои повеќе или помалку уверливо, настојуваат да ја одржат претставата за меѓусебна тензија на државно ниво и во одреден степен во Град Скопје и во скопските општини, во локалните средини низ земјава, каде што и така многу потешко се детектираат злоупотребите, се значително потолерантни едни кон други, особено кога станува збор за обострана добивка. Резултат на тоа е очигледната спротивност помеѓу големиот интерес за управување со општините и малите, речиси никакви резултати во нивниот развој. И тоа не мора, иако би требало, да го утврдуваат истражните и органите на прогонот, контролните и регулаторните тела, доволно е само да се погледнат демографските движења, инфраструктурата, економската активност…

Дека политиката е еден од најбрзорастечките бизниси во земјава, во која речиси сѐ друго стагнира и назадува, се потврди и пред некој ден кога Државната изборна комисија објави дека за локалните избори што треба да се одржат за точно еден месец во 80-те општини и во Град Скопје, се пријавени дури 297 кандидати за градоначалници и 546 советнички листи. Па така, за градоначалничката функција во Скопје има рекордни 12, во скопската општина Центар – седум кандидати… Вистина, тие бројки можат да бидат и намалени со оглед на тоа дека сѐ уште тече процедурата за потврдување на кандидатурите во изборните органи, но сепак, веројатно, ќе останат значително поголеми од тие на локалните избори во 2017 година кога имаше 257 кандидати за градоначалници, од кои осум за Скопје, и 371 советничка листа со 6.617 кандидати за советници.
Тоа, според големиот број мислења, навистина, е премногу дури и за многу поголемите земји, а камоли за Македонија, која, судејќи по апостолското навестување на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, тешко дека ќе има и два милиони жители. А со оглед на досегашните искуства со политичките функционери и на централното и на локалното ниво, како и на профилот на кандидатите, и без објаснувања на разни експерти и аналитичари, може да се заклучи оти во таквата наезда на политички функции има многу повеќе бизнис отколку идеологија и ентузијазам.

И додека еден дел од фирмите се затвораат и се отпуштаат работници, а другиот дел има проблем со пронаоѓање соодветен кадар, политичките партии како со некое волшебно стапче си ги пополнуваат листите со имиња што доколку некој би имал време и можност да ги анализира подетално од она што, во рамките на законски утврдените „стандарди“, го прават изборните органи, речиси сигурно би ја разобличил оваа апсурдна масовност на учеството во изборите. Вака, останува да им се верува на изборните органи оти сите тие се „квалификувани“ за изборната трка сѐ додека самите не се сопнат или додека некој од политичките противници не им подметне нога.
Системот, за жал, досега не смогнал сили да воспостави јасни критериуми за да се заштити од пробивот на разни ликови подложни на криминал, корупција и на секакви други општествени девијации, така што на кандидатските листи многу често се наоѓаат лица осомничени и обвинети по повеќе основи, а неретко дури и поранешни осуденици. Некои од нив стануваат и избрани функционери, а јавноста, со фаталистичка рамнодушност, и такви какви што се, ги прифаќа или барем се навикнува на нив, се разбира, со поголема или помала помош на техниките на мајсторите на политичката агитација.
А чуму сите тие напори и настојувања, особено за функциите на локално ниво, кога се знае дека тие и не се толку добро платени? Искуството покажа дека тоа сигурно не е поради големата желба да се работи за општото добро и за јавен интерес.
Влијанието е она што во последните години се покажа како доминантен мотив при кандидирање за јавните функции зашто, освен за овдешни прилики, сепак, незанемарливи редовни приходи, тие овозможуваат и голем број дополнителни „добивки“ при директно или индиректно учество во реализирање различни зделки. Притоа, локалните моќници се во одредена предност во однос на тие од централната власт, бидејќи не се до толку во фокусот на јавното внимание, а и надлежните контролни и регулаторни тела поретко се занимаваат со нив.

И додека еден дел од фирмите се затвораат и се отпуштаат работници, а другиот дел има проблем со пронаоѓање соодветен кадар, политичките партии како со некое волшебно стапче си ги пополнуваат листите со имиња што доколку некој би имал време и можност да ги анализира подетално од она што, во рамките на законски утврдените „стандарди“, го прават изборните органи, речиси сигурно би ја разобличил оваа апсурдна масовност на учеството во изборите. Вака, останува да им се верува на изборните органи оти сите тие се „квалификувани“ за изборната трка сѐ додека самите не се сопнат или додека некој од политичките противници не им подметне нога

Освен тоа, и политичките партии, кои повеќе или помалку уверливо, настојуваат да ја одржат претставата за меѓусебна тензија на државно ниво и во одреден степен во Град Скопје и во скопските општини, во локалните средини низ земјава, каде што и така многу потешко се детектираат злоупотребите, се значително потолерантни едни кон други, особено кога станува збор за обострана добивка. Резултат на тоа е очигледната спротивност помеѓу големиот интерес за управување со општините и малите, речиси никакви резултати во нивниот развој. И тоа не мора, иако би требало, да го утврдуваат истражните и органите на прогонот, контролните и регулаторните тела, доволно е само да се погледнат демографските движења, инфраструктурата, економската активност… Мртвилото и запуштеноста, освен, се разбира, пред избори, се првиот впечаток што се добива кога ќе се тргне на пат низ Македонија. Тоа е сликата што зборува многу повеќе од предизборните програми на партиите, колку и да се бројни тие и колку и да се повторуваат.
Но партиите со таквата „селекција“ на понудените кадри и со воспоставениот начин на управување и владеење, не ги истоштуваат само граѓаните и ја потценуваат нивната интелигенција туку ги исцрпуваат и ресурсите неопходни за сопственото одржување, народски кажано, си ја сечат гранката на која седат зашто во многу средини, веќе на наредните избори би можело да се случи и да нема кој да гласа за нив.

[email protected]