Позитив корона кантри

Македонија „позитив корона кантри“, посети ја, стекни природен имунитет! Ова може да биде одличен слоган за летната туристичка сезона оваа година, со кој Македонија, државата на природниот имунитет, ќе привлекува туристи. За разлика од другите туристички дестинации за кои ќе треба вакцинален сертификат, Македонија ќе може да го понуди својот македoнски сој на вирусот како модел за имунитет. Тоа му доаѓа нешто како летна ковид-терапија, заштити се природно

Кога пред една година светските медиуми почнаа да известуваат за „непознат“ вирус што пустоши низ Кина, здравствените авторитети ја поставија одбраната на штрек. Иако и во минатото имало пандемии и здравствени светски кризи, светот сега, на прагот на 2020 година, токму во 21 век, речиси ништо не знаеше за вирусот. Како се справуваше Кина со заразата, така светот ги пресликуваше мерките и начинот на лекување на болните. Карантин, затворање на границите, затворање индустрии, школи, ресторани. Состојба пресликана од филм или од компјутерска игра, светот одеднаш се затвори. Не излегувајте од дома беше главната порака. Ако излезете, ризикувате да бидете заразени и да не преживеете. Само Шведска примени свој поинаков модел.
Тогаш дилемата беше, што ако пандемијата почнеше од Шведска, дали светот ќе го следеше шведскиот модел?
Македонија една година подоцна може слободно да се пофали дека ги испроба и двата модела. Од март до јуни минатата година некаде теравме по кинески модел, а од јули до Нова година по шведски модел. Од Нова година, па досега тераме по свој македонски модел. Ефектите, пак, се исти од кој било модел.
Главниот е „кој ќе преживее, ќе раскажува“.
Македонија „позитив корона-кантри“, посети ја, стекни природен имунитет. Ова може да биде одличен слоган за летната туристичка сезона оваа година, со кој Македонија, државата на природниот имунитет, ќе привлекува туристи. За разлика од другите туристички дестинации за кои ќе треба вакцинален сертификат, Македонија ќе може да го понуди својот македонски сој на вирусот како модел за имунитет. Тоа му доаѓа нешто како летна ковид-терапија, заштити се природно.

Кај нас секогаш на работите се гледа од црната страна. Од лошиот агол се анализираат сите состојби, па и оваа ситуација сега со пандемијата. Нема вакцини, нема нови мерки, расте бројот на заразени, па кој е виновен, зошто вака, зошто така, можеше и онака. Но не е сѐ толку црно. Еве, на пример, за мерките и рестрикциите.
Мораме да признаеме дека тука сме најдобри во светот. Луѓето по Европа со месеци не можат кафе да се напијат во кафуле, ручек не можат да истераат во ресторан, не можат да се видат со блиските.
Кај нас, пак, стануваш наутро, одиш на кафенце, последните денови на сонце, муабет, опуштено со пријателите докај пладне. Попладне винце, мезенце, ручече и ако затераш надвор од градот можеш и на некоја журка да завршиш.
Во помалите градови атмосферата е уште полабава. Кој бил, знае.
И во растот на нови случај не е сѐ толку црно. Растат кај нас, растат и во светот. Но нашата предност е во тоа што ние можеме за многу кратко да станеме држава број еден во која не 50, туку 90 отсто од населението ќе стекне природен имунитет. Досега, според официјалните бројки, околу седум отсто од населението прележало ковид-19. Според неофицијалните, пак, околу 45 отсто. Ни недостига уште малку за да бидеме светски пример број еден по стекнување колективен имунитет. Потребно е само малку повеќе да се потрудиме.

Главното прашање што деновиве сите си го поставуваат е зошто во Македонија сѐ уште нема вакцини? Некои тука вина гледаат во власта, други, пак, во општата ситуација, а само најмудрите всушност знаат во што е проблемот. Е, во што е? Во чиповите. Сѐ уште немало соодветен чип за Македонците и затоа доцнат вакцините. Кога ќе го има него, ќе ја има и вакцината за Македонците. Невакцинирани сме, ама и нечипирани

Сме успевале во многу работи, па можеме и во оваа.
Главното прашање што деновиве сите си го поставуваат е зошто во Македонија сѐ уште нема вакцини? Некои тука вина гледаат во власта, други, пак, во општата ситуација, а само најмудрите всушност знаат во што е проблемот.
Е, во што е? Во чиповите. Сѐ уште немало соодветен чип за Македонците и затоа доцнат вакцините. Кога ќе го има него, ќе ја има и вакцината за Македонците. Невакцинирани сме, ама и нечипирани.
Тоа што нема вакцини кај нас е уште една светла точка од тунелот. Наместо да броиме нуспојави и последници од вакцините, ние собираме искуства од светот, анализираме, проценуваме, која вакцина е добра, која лоша, која ефикасна, која не е.
На крајот од денот, наместо да трошиме пари за речиси два милиона вакцини, ќе поминеме со 20.000 дози, таман за да го заокружиме комплетно имунитетот на стадото. Пардон, населението.

[email protected]