Победници и непоразени

Иако новиот политички бонтон преферира на состојбите по демократските избори да не се гледа како на победа и на пораз и колку што е можно разликите во политичките позиции да се стават во интерес на сите граѓани, таквите насоки очигледно тешко го пробиваат менталитетот за искажување триумфализам во победата и манирот на нечеститање како неприфаќање (непризнавање) на туѓиот подобар резултат

Ако нешто се случи еднаш, може да се смета за инцидент. Кога би се случило и вторпат, би можело да помине и како трендовска инерција… Но кога „инцидентот“ и „инерцијата“ се провлекуваат триесетина години, или се работи за менталитет, или за нестандардно стандардизирана култура на однесување.

Традицијата на избегнување на политичарите во Македонија да го признаат подобриот резултат на политичкиот ривал, беше задржана и по објавувањето на гласовите од последните претседателски избори, што се одржаа во неделата, на 5 мај. Кога сѐ што е поврзано со политиката не би било од животно значење за државата и нејзините граѓани, таквата воспоставена „навика“ на нечеститање во македонскиот политички живот би можела да се објасни и духовито, со балканскиот менталитет, според кој нема победници и поразени, туку само „прв и тој до него“. Но, обично, кога духовитоста ќе се примени во сферата на политиката, таа најчесто добива призвук на цинизам, сатира и израз на огорченост. Истото тоа се случува и со честитките! Општо е познато дека честитките во политичката комуникација се неискрени, формални, но сепак се прифатена форма на однесување како знак за прифаќање (признавање) одредена состојба. Како на пример – изборни резултати!

Според тие изборни резултати, официјално соопштени од ДИК, Стево Пендаровски е новиот претседател на државата, откако во вториот круг на претседателските избори освои 436.212 гласа, или 51,66 отсто од гласовите на граѓаните што излегоа на гласање. Неговата противкандидатка, Гордана Сиљановска-Давкова, освои 377.713 гласа, или 44,73 отсто од гласовите на македонските граѓани. Одзивот на изборите изнесуваше 47,7 отсто, со што секако беше постигнат неопходниот цензус за претседателски избори. И тука бројките се сосема јасни и нема простор за какви било сомнежи или калкулации.

Освен како во нашиот случај, кога и двете најголеми партии ги толкуваат бројките на свој начин, односно и двете се прогласуваат за победници. А кога има само победници без поразени, тогаш, нели, и нема кој кому да честита.

Речиси сите македонски претседатели од независноста на земјата, во текот на своите мандати имале периоди обележени со сенката на непризнавање, или барем оспорување на значењето на нивната функција како „претседател на сите граѓани“.

Уште првиот мандат на претседателот Киро Глигоров (добиен во Собранието) беше обележан со неизгласување од пратениците при првото гласање. За вториот мандат добиен во 1994 година, и покрај убедливо најголемиот број освоени гласови во непосредните претседателски избори, во биографијата на Глигоров сѐ уште може да се сретне моментот на одобрените 150.000 македонски државјанства за граѓани со потекло од Косово… Претседателот Борис Трајковски, долго време по неговиот избор во 1999 година, за тогашната опозициска СДСМ беше само „граѓанинот Трајковски“, како своевидна форма на непризнавање на гласовите во албанските средини, што ги доби во вториот круг од изборите. За „возврат“, во времето на претседателскиот мандат на Бранко Црвенковски (од 2004 до 2009 година), тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, својот сомнеж во легитимноста на неговиот мандат го манифестира употребувајќи ги само иницијалите Б.Ц.! Претседателот Ѓорге Иванов, чиј втор мандат завршува на 12 мај, прво албанските партии не го признаваа како „претседател на сите граѓани“, но постојано беше и цел на критика на СДСМ, и како опозиција, а стана нивни директен ривал откако СДСМ дојде на власт. Всушност, на изборите за вториот мандат на претседателот Иванов, во 2014 година, сегашниот премиер Заев (тогаш лидер на опозицијата), веднаш по затворањето на избирачките кутии изјави: „СДСМ не го признава изборниот процес, без разлика какви и да се резултатите. Граѓаните во Македонија се измамени, нема услови за елементарен изборен процес, кој е спроведен нецивилизирано, во исто време е узурпирано уставното право на граѓаните“. Таквиот чин на непризнавање, (нечеститање) на изборите, на некој начин, значеше отворање на спиралата на политичката криза во која Македонија западна со години и за која денешната опозиција смета дека не е надмината.

Иако новиот политички бонтон преферира на состојбите по демократските избори да не се гледа како на победа и на пораз и колку што е можно разликите во политичките позиции да се стават во интерес на сите граѓани, таквите насоки очигледно тешко го пробиваат менталитетот за искажување триумфализам во победата и манирот на нечеститање како неприфаќање (непризнавање) туѓиот подобар резултат. Изборите во демократијата претставуваат констатирање одредено ниво на расположение на граѓаните од дотогашните политички процеси и политичкото дејствување на политичките фактори треба да продолжи од таа точка за да се излезе во пресрет на интересите на граѓаните. Секако, демократската теорија во политичката практика најчесто звучи наивно, но колку и да е жестока политичката борба, колку и да се спротивставени интересите и целите на чинителите на тој амбиент, сепак потребно е придржување до основните принципи на доброто однесување, колку и да е тоа формално! Прифаќањето (или признавањето) на изборните резултати едноставно значи соочување со реалната состојба во моментот, колку да (не) ни се допаѓа таа. И иднината, и сите планови за понатаму започнуваат од тоа соочување со сегашноста!