ПМО во Македонија

Што се однесува до Македонија, имам впечаток дека постојат обиди да се вметнат модификации во сѐ и сешто. Најмногу во правосудниот систем. И тоа не дозволени 0,9 отсто како за ГМО, туку ако се може и 99,9 проценти. Затоа наместо ГМО, кај нас можеби посоодветно би звучело ПМО, што во превод значи политички модифицирани организми. Тие се најопасни за државата и поредокот

Што прави црногорски вирус во компјутер? Ништо, само зафаќа место.
Овој виц, кој отсликува нечија мрзливост и неработливост, може да се преформулира и да добие македонска модификација. Зашто, нели, модификациите сега се во тренд. Некои ова го нарекуваат и компромитација. А кога нешто е толку многу модифицирано и компромитирано тоа може да значи и дека е неупотребливо и бесполезно. Или некој намерно сака така да го претстави и на тој начин да се скрие вистината или да се избега од правдата. Од друга страна, модификациите може да бидат и многу опасни и ризични, по нечие здравје или кариера. Да го земеме примерот со модификациите во храната попознати како ГМО, таканаречениот генетски инженеринг. Тоа е кога туѓ ген/и се вметнува во автохтониот организам за да му се променат својствата. Во растение се вшприцува генетски материјал од некое животно и добивате сосема нов и поинаков подвид. Се внесуваат и вируси, бактерии, гени од инсекти, со еден збор секакви можни комбинации. Сепак, најважен е процентот на внесен туѓ генетски материјал, кој не треба да биде над 0,9 отсто ГМО.

Ваквите постапки и експерименти некои ги оправдуваат, други ги осудуваат, но факт е дека во ЕУ тоа е строго контролирано, а некаде и забрането. Е сега што се однесува до Македонија, имам впечаток дека постојат обиди да се вметнат модификации, како ГМО, во сѐ и сешто. Најмногу во правосудниот систем. И тоа не дозволени 0,9 отсто, туку ако се може и 99,9 проценти. Или кај нас наместо ГМО, посоодветно би звучело ПМО, што во превод значи политички модифицирани организми. Тие се најопасни за државата.
Можеби затоа и терминот модификации беше пласиран и промовиран во јавноста директно од судница, и тоа најмногу за политичка намена.

Во меѓувреме на домашната политичка сцена продолжуваат експериментите со ОЈО, по неуспехот и хаваријата со СЈО, што само ја потврдува тезата за присуство на ГМО, (ПМО) во судството, и во Македонија воопшто.

И додека чекаме разврска за сево ова, да се вратам на вицот од почетокот на текстот.
Како би звучела, на пример, македонската верзија/и на шегата?
Што прави поранешен разузнавач во судница? Ништо, се оградува од самиот себе. Или што прави поранешен обвинител во судница? Ништо, се брани со молчење. Што прави актуелен обвинител пред јавноста? Зборува, но внимава да не се демантира себеси.
Што прави поранешен претседател во пензија? Ништо, како и пред пензија.
Со таа разлика што сега нема став за ништо, не коментира ништо, и не се чувствува повикан за ништо. Освен редовно да ја подига пензијата и да го користи сите привилегии што му следуваат.

Ајде уште неколку модификации, ова со ГМО (ПМО) станува интересно.
Што прави државен административец? Ништо, клати врата и чека плата. Или најнова модификација, чека субвенции, само ако го преземе некој друг да работи кај него.
Ете, и дотаму стигнавме. Да се делат државни субвенции за некој да се кандиса да ги преземе легачите по државните институции. Ај баш да видиме ќе се јави ли некој.
Можеби, но само ако претходно јадел нешто со над 0,9 отсто ГМО.

Или што прават македонски политичари во врска со изборниот модел? Ништо, само везат едно те исто, верглаат во празно и на крајот повторно ништо. И вака може да се продолжи до бескрај. Примери има мноштво.

Во суштина се сведува на долго и мачно исчекување, редица попатни модификации и на крајот најчесто се доаѓа до некое големо и разочарувачко ништо. Било да се работи за реформи во правосудниот систем, (тука СЈО е најеклатантен пример), владеењето на правото, борба против загадувањето на воздухот, заштита на животната средина, битката против корупцијата и криминалот, реформите за промена на изборниот модел итн. Во сите овие области има многу зборови, планови, стратегии, модификации, но без видливи ефекти. Значи во суштина едно големо ништо. Само во однос на актуелната тема за неопходноста од реформа на изборниот систем нашиот весник посвети цел серијал текстови и анализи.

Сублимираниот заклучок од сите нив е дека на Македонија ѝ се неопходни промена на изборниот модел, воведување една изборна единица и отворени листи, доколку се сака да се постигне вистинска демократизација во државата и враќање на моќта на одлучување кај граѓаните. Но брзо стигна и разочарувањето.

Министерката за правда сосема отворено и искрено предупреди дека стравува дека попусто само се трошат зборови, бидејќи мала е веројатноста нешто да се промени. Едноставно на некои од политичките партии добро им е вака, не сакаат промени.
Значи пак може да очекуваме едно големо ништо. Лидерите на политичките партии не дозволуваат граѓаните да одлучуваат наместо нив. Не сакаат друг да ги составува и крои пратеничките листи. Зашто се навикнати да ја слушаат онаа народната „јас тебе сердаре ти мене војводо“. Оние околу нив постојано да ги величат и тапкаат по рамо. И што покажа и докажа ваквата практика? За државата и граѓаните ништо посебно. За политичарите, пак, покажа дека само глумат големи демократи, визионери, а всушност се непоправливи автократи до кои не допира гласот на народот, предлозите и сугестиите на експертската јавност. Важни им се само нивните интереси, (лични или партиски), нивната фотелја, нивните привилегии, нивните законски решенија и нивните проекции за нашата иднина.

Зашто се покажа и докажа дека најголемиот проблем и кочница на државата кон подобра иднина, како што тоа претходно лажно се прикажуваше, воопшто не било името на државата. Проблемите скандалите, аферите не исчезнаа со промената на името. Дури напротив, во некои области состојбите се дури и полоши отколку што беа.
Затоа на Македонија по толку многу разочарувачки и изгубени години ѝ треба нешто. Ѝ треба нешто што ќе ја измести од гравитацијата на големото ништо и ќе ја пренасочи во друга орбита. Дали тоа нешто ќе се најави со промена на изборниот модел, преку доделување датум за преговори со ЕУ, промена на досегашните политички матрици внатре во партии, кадровски освежувања и многу поквалитетна и поконкурентна понуда, не е битно. Најважно е да се почне со нешто. Да се отстрани македонскиот вирус што само зафаќа простор и да се инсталира нова програма што ќе работи, ќе наоѓа решенија, и ќе влече напред. Идејна програма и кадровска понуда што немa да биде ниту рециклирана, ниту модифицирана, а уште помалку компромитирана. Е тоа конечно може да значи нешто.

За доброто на државата и на граѓаните, пред сѐ.

[email protected]