Пишувачка нација

Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ е можност за излегување од анонимност на младите автори, но и потврда за веќе афирмираните писатели од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници. Бројката од близу двесте ракописи пристигнати годинава, а имајќи предвид дека таа е релативно константна низ годините, е убава потврда дека ние Македонците навистина сме пишувачка нација

Близу двесте ракописи пристигнати на адресата на „Нова Македонија“, со назнака „За Конкурсот за краток расказ“, е бројка што потврдува дека Македонците се пишувачка нација. Секоја година одново сме изненадени од огромниот интерес на помалку или повеќе познати автори што се пријавуваат на конкурсот со свежи и нови идеи, многу од нив задоволувајќи ги критериумите на издржана наративна структура и вештина во изразот.

При селекцијата, некои од ракописите не влегоа во конкуренција за наградите поради недоволната зрелост и вештина во пишувањето (наша претпоставка е дека се работи за млади автори што допрва треба да се доизградат). Други беа отфрлени поради неисполнување на основните правописни стандарди, што значително влијаеше на стеснувањето на кругот на фаворити, но како и да е, позитивен е впечатокот дека краткиот расказ како иницијална форма на секоја добра проза и преку овој конкурс покажува дека е инспиративен за најразлични раскажувачки постапки. Уште поважно е тоа што во духот на времето добар дел од расказите беа поврзани за современи теми и со нов модерен израз.

Ценејќи го првенствено квалитетот на пристигнатите раскази ги избравме најдобрите за годинава: Петре Димовски за „Во трка за животот“, Симона Јованоска за „Последниот кат“, Ленче Милошевска за „Пештер“, Тони Попов за „Гугутки“, Лилјана Пандева за „Дупка“ и Емилија Гиноска за „Ентелехија“. Секој од шесте избрани раскази носи различен и видлив авторски белег со раскажувачка умешност да се доловат атмосферата и ликовите, а настанот што се опишува да се збогати со слоевитост на раскажувањето. Наградените раскази се свои и различни еден од друг.

Објавувањето на краткиот расказ во весниците сигурно не служи за пумпање на тиражите, но факт е дека весникот „Нова Македонија“, кој годинава слави јубилеј – 75 години постоење, низ годините успеа да направи бренд од Конкурсот за краток расказ, кој е нешто помлад од весникот. Колку и да се чини застарена идејата за објавување на расказот во дневниот печат, годините ни покажаа дека овој жанр има свои приврзаници, и меѓу авторите и меѓу читателите. Без скромност може да заклучиме дека токму „Нова Македонија“ во нашата средина ја создаде културата на читање на кратките раскази.

Кај нас ретко кој медиум му посветува преголемо внимание на овој книжевен жанр, иако гладта на читателите токму за оваа форма е повеќе од очигледна. Затоа иницијативата на „Нова Македонија“ да го негува расказот на домашните автори е од голема важност. Оваа акција практично го прероди жанрот.

Конкурсот за краток расказ е една од најпрепознатливите практики од зенитот на постоењето на првиот дневен весник. Обновен е за да ја поттикне продукцијата на краткиот расказ како форма што е популарна, современа и широко прифатена од читателската публика. Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ е можност за излегување од анонимност на младите автори, но и потврда за веќе афирмираните писатели од чие мајсторство сѐ уште може да учат нивните следбеници.