Петардите подалеку од децата

Не рекле старите попусто подобро спречи, одошто да лечиш, бидејќи се залудни кампањите и предавањата ако пиротехниката поминува на границите и е во слободна продажба на пазарите. Секогаш имало и ќе има непослушни деца, а некои можеби веднаш по едукативниот час ќе се упатат да купат петарди. Детската љубопитност може да ги наведе во сосема погрешен правец. Што ќе значат тогаш едукативните кампањи и часови, ако се случат несакани последици

Само две седмици нѐ делат од новата 2019 година и поклопувањето на стрелките од часовникот на 12 ќе го означи нејзиното пристигнување. А потоа покрај здравиците и звукот од тивкото удирање на полните чаши, ќе нѐ оглуши звукот од експлозијата на петардите. Ќе засмрдат влезовите на станбените згради, улиците, населбите. И нема да биде првпат да се слушаат од сите страни, чиниш ќе го запалат градов, кој до рано наутро ќе мириса на испуканите пиротехнички средства, без кои божем нема да пристигне Нова година. Колкави ли количества од оваа пиротехника ќе се испукаат за Нова година и дали некој знае колку деца наместо радост и среќа заедно со нивните родители доживуваат кошмар. Изгореници, контузии, па дури и губење прсти на нежните детски раце е епилогот од овие опасни играчки, кои ни случајно не треба да се најдат кај ниту едно дете. А како да не се случува тоа, кога петарди, ракети и купишта секаква пиротехника се продаваат слободно на пазарите и се купуваат уште од ноември. Овде-онде дури од минатиот месец се слуша пукање на понекоја петарда, бидејќи другиот арсенал се чува токму за новогодишната ноќ.

И што е најстрашно, на зелените пазари продаваат петарди, но ги купуваат и деца. Најмногу на импровизирани тезги, но продаваат и од најлонски ќеси. Овие опасни играчки, кои лесно експлодираат во детските раце и пред нивните очи, поради што можат да ги остават без вид, се продаваат како што се продаваат зеленчук и овошје. И како никој да не го гледа тоа, па често продавачите се и пред очите на полицајците, кои многупати биле само неми посматрачи. Можеби затоа што не се плашат од санкции, продавачите на петарди без никаков страв се шетаат низ пазарите и им ги нудат на граѓаните да ги купат. А во согласност со позитивното законодавство на Република Македонија, петардите претставуваат експлозивни материи и нивното неовластено изработување, држење, продавање и набавување е казниво и тоа според Кривичниот законик. Оттаму логично се наметнува заклучокот, ако надлежните навистина казнуваат, тогаш дали продавачите доволно комотно и легално ќе си дозволуваат да ги продаваат овие опасни експлозивни средства.

Дали ако доволно се казнувани и прогонувани, па дури и ако на сите им се одземе стоката што ја продаваат ќе останат петарди за продажба. Од каде тогаш ќе се набавуваат, ако не се продаваат нема и да се купуваат. Замислете од Царинската управа упатуваат апел до граѓаните од целава земја да доставуваат информации за недозволено и нелегално внесување петарди и други стоки со јавување на бесплатниот телефонски број 197, додека, пак, полицијата апелира да се пријавуваат продавачите на бесплатниот број 192 и се закани со глоба од 200 до 500 евра за сите што неовластено ќе користат пиротехника или ќе ги нарушуваат јавниот ред и мир и безбедноста на граѓаните. Што ако тие јавуваат, а полицијата не реагира, зарем надлежните не знаат каде се шверцуваат ваквите стоки и зарем не гледаат дека се продаваат на пазарите.

Никој, ама баш никој не би сакал да дозволи неговото здраво дете да настрада и не дај боже да остане инвалид без некој прст. Секоја Нова година и деновите околу празниците, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија на Ургентниот центар, по десетина деца завршуваат со повреди на рацете и на лицето поради неправилна употреба на петарди. Секоја година, од употреба на петарди и други пиротехнички средства, во светот над 150.000 лица остануваат трајни инвалиди, од кои 80 отсто се деца

Ако искуството на цариниците вели дека директно од Турција петардите се внесуваат преку источната граница, на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ново Село, тогаш се заклучува дека е многу лесно и да не влезат ако за нив границата се затвори. Но мудри се шверцерите, и не се луди да поминуваат со ваква стока на легални премини. Оттаму и оперативните дејства на надлежните треба да се насочат токму во таа насока да се затворат порозните точки низ кои влегуваат петардите. Ако се затворат тие и ако не поминат ниту на легалните гранични премини, белки ќе дочекаме една Нова година без пукотниците од петарди. За жал, малку или недоволно се прави што било во таа насока. И наместо да се дејствува токму на изворот на проблемот, се прават некакви кампањи од кои можеби ефекти и да нема.

Се држат предавања во училиштата за да им се каже да не купуваат петарди, колку се тие опасни доколку испукаат во раце. Не рекле старите попусто подобро спречи, одошто да лечиш, бидејќи се залудни кампањите и предавањата ако пиротехниката поминува на границите и е во слободна продажба на пазарите. Секогаш имало и ќе има непослушни деца, а некои можеби веднаш по едукативниот час ќе се упатат да купат петарди. Детската љубопитност може да ги наведе во сосема погрешен правец. Што ќе значат тогаш едукативните кампањи и часови, ако се случат несакани последици. А никој, ама баш никој не би сакал да дозволи неговото здраво дете да настрада и не дај боже да остане инвалид без некој прст. Секоја Нова година и деновите околу празниците, на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија на Ургентниот центар по десетина деца завршуваат со повреди на рацете и на лицето поради неправилна употреба на петарди. Секоја година, од употреба на петарди и од други пиротехнички средства, во светот над 150.000 лица остануваат трајни инвалиди, од кои 80 отсто се деца. Без двете дланки во 2016 година остана четиринаесетгодишно момче по тешките повреди што ги доби од петарда. Лекарите морале да му ги ампутираат двете дланки. Момчето имаше повреди на лицето, очите и слухот.

Несреќата се случила во неговата детска соба каде што си играло со забранетите пиротехнички средства и предизвикало експлозија на посилна петарда. На почетоков на 2017 година без двата прста остана возрасен маж, повторно од пукање петарди. Ваквите случаи се само опомена да не настрадаат и други деца. Токму затоа сите возрасни нека отворат четири очи и никако нека не дозволуваат петардите да дојдат близу децата. Надлежните мора да си ја вршат работата и да внимаваат овие опасни играчки никако да не ја поминат нашата граница, а уште помалку да дозволат слободно да се продаваат. Барем оваа Нова година нека пристигне без звукот од експлозијата на петардите и сите деца нека останат здрави, живи и неповредени. Новата година ќе дојде и без пукотниците од петардите.