Паушалот, калориметрите и можностите на корисниците

Паушал за оние што веќе се исклучиле нема да се наплатува, ама оние што би сакале да се исклучат ќе треба да вложат многу напор и, секако, солидна сума за да го направат тоа. Дали новите правила се намерно направени за да нема нови корисници што би се исклучиле од системот?

Паушал… чуден збор, истовремено кажува малку, ама тежи многу. По долги години протести, натегања, докажувања, тужби и судски објаснувања, граѓаните навидум извојуваа успешна битка во борбата против наметнатиот паушал, или фиксен надоместок, ако повеќе така сакате, кој го плаќаа оние што се исклучиле од системот за топлинска енергија. И по новината дека сега исклучените се ослободени од плаќање на фиксниот надоместок, кај граѓаните повторно имаме поделени мислења, за некого правдата најпосле е задоволена, за други, најчесто корисници на парното, ова е нова неправда бидејќи има сограѓани што се топлат од цевките што им поминуваат низ станот, кои не плаќаат, а добиваат греење… Сепак, не треба да се изуми дека тоа е мал број граѓани, претежно во постари згради, а имавме и такви што плаќаа паушал иако цевки низ становите не им поминуваат, туку истите тие се наоѓаат во заедничкиот простор, односно во ходниците.

Но да се вратиме на сегашната состојба. Паушал за оние што веќе се исклучиле нема да се наплатува, ама оние што би сакале да се исклучат ќе треба да вложат многу напор и, секако, солидна сума за да го направат тоа. Дали новите правила се намерно направени за да нема нови корисници што би се исклучиле или, пак, од други причини остана загатка… Доколку надлежните сакаат да се спречи масовно исклучување од системот за топлинска енергија, кој по сите правила треба да е најевтина и најисплатлива варијанта за загревање на колективните станбени објекти, а не е, тогаш треба да се најде нов модел за да се постигне предвидениот план. Со сила и казни не се постигнуваат вистински решенија. Напротив, кога луѓето ја имаат слободата да избираат, тие ќе го одберат она што најмногу им одговара, а секако дека би избрале затоплување преку системот за топлинска енергија или попознат како парно греење ако тоа им се исплати. Секој сака дома да му е топло, особено кога ќе се прибере од работа, но притоа сите сакаме да го искористиме тоа што го плаќаме. Што во превод би било, сакаме да плаќаме греење што ќе го имаме кога сме дома, значи пред работното време, по работното време, во ноќните часови, во дневните часови… зависно кој каков ритам на живот има… Каде е проблемот со парното? Па го имаме само кога на компанијата што испорачува енергија ѝ е пропишано со закон, или со некојси таму прастар правилник. Но, за жал, тоа темпо не им одговара на сите корисници. Некој би сакал да има греење во подоцните ноќни часови кога работи дома, кога гледа телевизија… Но би сакале да сме стоплени и во ладните денови, а не да чекаме три дена со минусни температури за да ни пуштат греење.

Наместо надлежните да бараат механизми со кои би ги спречиле граѓаните да се исклучуваат, треба да бараат механизми со кои би ги мотивирале да го користат системот на топлинска енергија. Со поголем број корисници на парно ќе имаме помала потрошувачка на струја, а со тоа и помалку јаглен ќе се гори во Битола и ќе имаме помало загадување. Со поголем број корисници ќе имаме и пониски цени на парното греење.

Но останува клучна дилемата какви методи може да воведе државата за парното да биде прв избор за граѓаните, а без притоа да воведува репресивни мерки. Еден од можните поттикнувачи за масовно користење, кој најверојанто би бил и најмотивирачки начин, е намалување на цената на греење со парно. Факт е дека секое домаќинство при правење на калкулациите како да се платат сметките секогаш прво ќе го одбере поевтиниот начин бидејќи македонските плати сѐ уште се многу далеку од европските и повеќето од нашите сограѓани немаат доволно финансии за намирување на сите обврски.

Па затоа е разбирливо зошто сите се одлучуваат за најевтината варијанта. Кога мора да се намират кредитите, сметките, обврските за децата, за патување до работа и назад… граѓаните секогаш ќе размислуваат прво како да ги намалат трошоците.
Ако се навратиме наназад и ги разгледаме причините поради кои настанаа големи проблеми во системот за греење, односно поради кои започна масовно исклучување од парното, не може а да не ја споменеме старата „Топлификација“. Компанијата, која важеше за една од најсолидните во своето време, но која поради причини познати на тогашното раководство, ги исплаши или подиректно да кажеме, ги избрка своите клиенти, испраќајќи им сметки со неверојатни суми. На голем број корисници им се стемнуваше од месечната сума што требаше да ја одвојат само за парно греење, па се алармираше за месечна сметка од 12 илјади, 18 илјади денари, а имаше и такви што покажуваа сметки од 25 илјади денари. Имајќи предвид дека становите не опфаќаа илјадници квадратни метри, а станарите требаше да плаќаат вртоглави суми за греење, неизбежна реакција беше да се откажат од парното, особено ако се има предвид дека македонските плати беа и сѐ уште се пониски од сумата што тогаш сакаа да ја наплатат од компанијата за греење на еден стан, па било да тој е и од 100 квадратни метри.

Државата мора да најде начин парното како најисплатлив систем да е достапен до сите нејзини граѓани, цената да се движи во рамките на реалното, а со поттикнување масовно користење да се овозможат и пониски цени.

Освен тоа, граѓаните сакаат да имаат можност да го вклучат или исклучат греењето кога ним им одговара, односно кога имаат потреба. Уште поголема придобивка и мотив за користење на парното е граѓаните да се чувствуваат слободни, да се чувствуваат сигурни дека можат да го исклучат во случај да немаат потреба од затоплување на својот стан или кога од разни причини не можат да ги платат сметките. Само со ваква сигурност ќе имаме интерес за максимално користење на системот за топлинско греење.

Една од опциите со кои граѓаните би можеле да следат и да управуваат со тоа колку ќе трошат од парното е со поставување калориметри. Но трошокот за нивно поставување во ниеден случај не треба да е на сметка на потрошувачот, туку на сметка на компанијата што испорачува топлинска енергија, исто како што струјомерите и водомерите се во сопственост на дистрибутерот на електрична енергија и на вода. Наместо да се нуди плаќање на рати или по пониски цени за корисниците што ќе постават калориметри, тие треба задолжително да бидат вградени за секој стан што има приклучок на парно и за секој влез во колективен објект, но на тoвар на компанијата што испорачува топлинска енергија и која сѐ уште солидно заработува од корисниците.

[email protected]