Патување

Сепак, покрај мотивацијата со вакви олимписки и други цитати, за високите пласмани и медали треба, секако, и повеќе „капки во морето“. Треба на разни начини да се привлечат и обезбедат уште повеќе пари од институциите и од компаниите, но и интернационални финансии, од спортски и од други меѓународни институции, од инвеститори… Повеќе пари, ресурси, енергија, време… но, секако, е важно и поведувањето акција пред да дојде успехот, вложувања во условите, инфраструктурата, во овој период и поголема помош за школите, камповите, поединците, клубовите… Почетниот импулс потоа може да стане своевидно перпетуум-мобиле за патување до успехот и опстојување во врвот, и замаец за ново такво патување

Пандемијата на коронавирусот го измести ритамот на Олимписките игри, па како пред 30 години одново во период од шест месеци се одржаа и летни (во минатата година во Токио) и зимски олимписки игри (до неделата во Пекинг), по што за толку краток период светот доби целосна летно-зимска слика за спортската слика на секоја земја-учесник. Македонија од овој олимписки мини-циклус, секако, го издвојува сребрениот медал на таеквондистот Дејан Георгиевски.
Сега веќе се ближат нови летни олимписки игри, но постојаната приказна со исполнувањето на потребните олимписки норми на македонските спортисти е веќе поинаква отколку за неколку претходни планетарни спортски игри. Нормите допрва ќе се исполнуваат, но на помалку од 900 дена до почетокот на Летните олимписки игри во Париз во 2024 година, Македонија е на одличен пат одново да има спортисти со исполнети А-норми. Спортот е важен општествен сегмент, од рекреативниот преку школскиот до професионалниот. Тоа е една симбиоза, откако, на пример, за врвниот спорт од голема важност е што поголем број да се вклучуваат во училишниот спорт, бидејќи успешноста на кој било спорт се темели на широчината на базата, секако, потоа од „стручното око“, кое треба да ги види талентите многу пред другите, а зад сето тоа да стојат идејата, стратегијата, менаџирањето, иновативноста, докажувањето, стручноста, упорноста, компетенцијата, организаторите, стручњаците, тренинзите и – спонзорите. Македонскиот олимписки комитет доделува повеќе олимписки стипендии, обезбедени од Интернационалниот олимписки комитет, но тие пари се само капка во морето пари што треба да се вложат пред тоа, за еден спортист да се издигне до олимписки височини.

Таткото на модерните олимписки игри, Пјер де Кубертен, рекол: „Најважната работа на Олимписките игри не е победата, туку учеството“, но таа изјава, секако, не е целосна, цитирана е само половично и најчесто како еден вид утеха, а под учество се подразбира борба, без која, згора, немало ниту да има учество. Така, во комбинацијата со олимпиското мото, исто така, од Кубертен, „побрзо, повисоко, посилно“, се доаѓа до формулата за успех, со која во тој одреден момент на натпревар со себе (за личен рекорд), со времето (за државен и друг рекорд) и со противниците (за повисок пласман или за медал) да се даде најдоброто од себе, на олимписки игри, но и на светски шампионати, европски првенства, државни првенства, локални лиги, младински, сениорски категории, тренинзи… Има и други спортски мудрости, како „победата не е сѐ, но желбата за победа е сѐ“, на славниот тренер во американски фудбал Винс Ломбарди итн.
Сепак, покрај мотивацијата со вакви олимписки и други цитати, за високите пласмани и медали треба, секако, и повеќе „капки во морето“. Треба на разни начини да се привлечат и обезбедат уште повеќе пари од институциите и од компаниите, но и интернационални финансии, од спортски и од други меѓународни институции, од инвеститори… Повеќе пари, ресурси, енергија, време… но, секако, е важно и поведувањето акција пред да дојде успехот. На патот кон височините неизоставно е и усовршувањето на тренерите и на менаџментот во сите спортови, уште олеснувања за вложувачите, повеќе бесплатни школи, повеќе спорт и шах во училиштата, да им се даде шанса на младите за тие воопшто да имаат шанса да успеат, сега и на подолг рок услов без кој не се може се и неизоставните вложувања во условите, инфраструктурата, во овој период и поголема помош за школите, камповите, поединците, клубовите…

„До успех понекогаш може да се дојде на среќа или, пак, инцидентно, но до константен успех се доаѓа само преку менаџирана постапка. Успехот мора да се планира, да се имплементира, да се следи, да се проценува, да се евалуира и повторно да се планира. Потребни се добро менаџирање и управување, маркетинг и финансии“, изјави меѓународниот експерт за менаџмент на врвни спортски перформанси и за имплементација на стратегии за постигнување врвни спортски резултати, Австралиецот д-р Питер Дејвис, кој пред неколку години му беше гостин на Македонскиот олимписки комитет.
Почетниот импулс потоа може да стане своевидно перпетуум-мобиле. Накратко – менаџирање и управување, маркетинг и финансии, за патување до успехот и опстојување во врвот, и замаец за ново такво патување.

[email protected]