Патриотизмот на вага

Квалитетот, заедно со патриотизмот и лојалноста, е најважниот критериум врз чија основа се темели администрацијата во најмоќните држави во светот, меѓу кои се британската, француската, германската, но и американската, канадската, австралиската… Државната администрација е практично арматурата за ефикасна и успешна држава. Македонија,за жал, во изминативе 30 години покажа дека многу малку, или речиси ништо не научила од искуството на најмоќните држави во светот

Македонија чекори кон одбележувањето 30 години независност и наместо досега да прележеше барем дел од детските болести низ кои поминаа повеќето нови демократии, таа како да остана хронично болна без голема надеж за подобрување на нејзината „здравствена состојба“.
Распродажба на националните интереси, поделби по партиска, етничка и верска основа, девастирани институции во кои никој нема доверба, широко распространета корупција, непотизам, нефункционално здравство и недоволно развиена инфраструктура, економија на жабри, уништување на природата на секој чекор, се само дел од камчињата во мозаикот наречен „Македонија“.
Она што сите ние се прашуваме кога секое утро ќе се разбудиме, апатични и безнадежни, е зошто не успеавме да изградиме функционална држава веќе 30 години, иако несомнено имавме добра можност за тоа.
Веројатно најголем дел од проблемите лежи во лошата кадровска политика, поточно во главно катастрофалната селекција на оние што ќе раководат со институциите и државата.
Три децении земјава не успеа (или можеби некој намерно не сакаше) да изгради механизми и критериуми што ќе спречуваат на раководни функции да седнуваат луѓе што не се способни, што не се патриотски настроени и што не покажале никаква лојалност кон својата земја, туку напротив, работеле (ако и знаеле да работат) спротивно на нејзините закони и интереси.

Квалитетот, заедно со патриотизмот и лојалноста, е најважен критериум врз чија основа почива администрацијата во најмоќните држави во светот, меѓу кои се британската, француската, германската, но и американската, канадската, австралиската…
Сите овие држави и ден-денеска имаат посебни законски одредби што оневозможуваат на раководни места дури и во најниските ешалони, како што е државната администрација, да се најдат луѓе што не ја сакаат својата земја и што не се нејзини лојални граѓани. Токму тоа ги одржало низ годините и ја дефинирало нивната државност.
А што всушност претставува патриотизмот?
Тоа е љубов кон родниот крај и неговите карактеристики (како што се народ, јазик, култура, политика, историја, спорт итн.), што подразбира отворен, толерантен и рамноправен однос кон другите земји и нивните карактеристики, без каква било исклучивост. Патриотизмот е постојано и упорно инсистирање да се работи на афирмација на оние карактеристики на татковината што општеството го прават подобро, послободно и продуховено.

Патриотизмот може да се сфати и како израз на припадност и приврзаност кон татковината во одбраната на вредностите на демократското општество, основните човекови права и слободи, а се нарекува уште и „уставен патриотизам“.
Како, пак, да се дефинира лојалноста? Што значи да се биде „лојален“ на една држава? Дали е доволно да се почитуваат законите и демократскиот поредок на таа земја?
Да се биде лојален значи да се почитуваат законите на таа земја, а во најмала рака доволно и да се каже: да јас сум македонски државјанин бидејќи тука живеам со генерации и ја сакам оваа земја.
Токму ова последново кај нас никогаш не се изгради бидејќи не постојат критериуми за ништо, најмалку за патриотизам и лојалност, па така на високи државни функции се наоѓале и продолжуваат и натаму да се наоѓаат луѓе што биле во судир со законот, со Уставот, кои земјата повеќе ја доживуваат како дел од некој голем неостварен сон отколку како заедничка татковина со сите што живеат тука.
Затоа и се случува вицепремиер и шеф на дипломатија отворено да лобираат за соседните земји, наместо за земјата што ги плаќа и чии интереси треба да ги бранат. Каде се тука лојалноста и патриотизмот? Можеби и ги има, но тие никако не се однесуваат на државата Македонија.
Уште пострашно е ако зад сето тоа се кријат обидите за менување на карактерот на државата, што во западните демократии би било оценето како антидржавен елемент и ваквите луѓе повеќе не би имале никаков пристап на раководни функции, а некаде дури и би се соочиле со сериозни кривични процеси.

Патриотизмот и лојалноста не мора да се однесуваат само на највисоките функционери туку и на пониските ешалони, административците, кои се задолжени за спроведување на државните политики од најниското кон највисокото ниво. Како ќе помине некоја реформа ако некој раководител свесно ја опструира уште во корен, ако таа не може да се ефектуира меѓу граѓаните?
Каде се лојалноста и патриотизмот на локалните самоуправи ако не собираат даноци, а истовремено ја празнат државната каса? Каде се лојалноста и патриотизмот на градоначалниците ако толерираат дивоградби, ако купуваат луксузни службени автомобили во време на криза, ако не ги почитуваат одлуките на централната власт, ако упорно не го истакнуваат државното знаме на националните празници?
Несомнено моментот на патриотизам и лојалност треба да е присутен и кај самите граѓани, од кои голем дел својот „патриотизам“ го истакнуваат само на социјалните мрежи. Каде се лојалноста и патриотизмот ако гордо стоиме под истото македонското знаме, а меѓусебно се расправаме, се плукаме, се навредуваме, истовремено докажувајќи кој е поголем Македонец. Нема ништо патриотско и во депониите што ги оставаме зад нас, воздухот, реките и езерата што постојано свесно ги загадуваме…
Да, 30 години не успеавме вистински да дознаеме што значи човек да е патриот и лојален граѓанин на оваа држава и веројатно никогаш и нема да дознаеме. А ако некогаш случајно дознаеме, тогаш веројатно ќе биде доцна бидејќи сите ќе бидеме само странци во некоја туѓа земја што нема да ја наречеме татковина.