Патокази низ лавиринтот на кризата

Следејќи ги трендовите и состојбите и сѐ уште нејасната ситуација за можното завршување на оваа пандемија, останува голема несигурност и има многу ризици поврзани и со проектираниот раст за македонската економија за наредната,
2021 година

Изминативе месеци економијата беше поставена пред сериозни предизвици, различни сектори и дејности различно беа погодени и сѐ уште се под влијание на здравствените и на економските последици од пандемијата. Особено во првите месеци состојбата предизвикана од пандемијата отвори повеќе прашања што го отежнаа работењето на компаниите. Стопанството алармира дека рестриктивните мерки значително ги нарушија нивните бизнис-планови и истовремено укажуваат дека поради намалените приходи се нарушуваат нивните можности за редовна исплата на платите, но и за намирување на обврските. Повеќепати алармираа дека состојбите се лоши и дека има опасност од затворање голем број бизниси, што последователно ќе остави на улица голем број работници. Апелираа на поголема поддршка од државата и иако веќе имаше неколку пакети помош, од кои дел директно таргетирани кај компаниите за исплата на платите, сепак, состојбите не овозможија брзо надминување на кризата, ниту враќање на нормалните текови на работа. Константното ширење на вирусот низ целата држава оневозможи стопанството да работи со полна пареа, а одредени сектори се и крајно засегнати поради недостиг од нарачки од странство или, пак, поради значително намалување на побарувачката на нивните производи. Следејќи ги трендовите и состојбите и сѐ уште нејасната ситуација за можното завршување на оваа пандемија, останува голема несигурност и има многу ризици поврзани и со проектираниот раст за македонската економија за наредната, 2021 година.
Сепак, јавните инвестиции може да ја поттикнат економијата и да помогнат за нејзино заживување, особено сега, во екот на пандемијата, но за време на вакви кризи станува очигледно дека домашните компании се главната движечка сила на економијата.

Покрај мерките што ги презема државата, мора да се наоѓаат дополнителни мерки, освен буџетските стимулации, за да се мотивираат приватните домашни инвестиции.
И стопанствениците се согласни дека планираното ниво на капитални проекти и јавната потрошувачка од буџетот нема да бидат доволни за поинтензивен излез и раст на економијата.
Значајни се мерките и чекорите што ги преземаат надлежните, па затоа треба добро да се размисли какви дополнителни стимулации може да им се понудат на приватните инвеститори, кои, секако, ќе го разберат тој сигнал и во вакви услови ќе ги искористат расположливите финансиски средства, или, пак, ќе користат кредити. Нема излез од кризата без работата на странските пазари и без нови домашни инвестиции. Инвестициите се тие што ја влечат економијата напред.
Дали четвртиот пакет на мерки ќе го амортизира ударот врз домашните погодени компании преку стимулирање на приватната потрошувачка, со фокус на домашната понуда и поддршка на приватниот сектор, ќе видиме со текот на времето.
Сепак, од круцијално значење е да се стимулираат домашните инвеститори, бидејќи основата на развојот на економијата треба да се базира на домашната акумулација и на домашните инвеститори.

Покрај мерките што ги презема државата, мора да се наоѓаат дополнителни мерки, освен буџетските стимулации, за да се мотивираат приватните домашни инвестиции,
бидејќи инвестициите се тие што ја влечат економијата напред

Економската фела вели дека само преку инвестиции може да се купат нови технологии, може да се подигне продуктивноста на нашето производство и да се индустријализира државата, бидејќи друг избор немаме. И само така може да бидеме конкурентни во светот и да пласираме наши производи на други пазари, а наедно да продуцираме и раст на економијата.
Новите проекции за раст за наредната година сѐ уште се исполнети со ризици, бидејќи предвидувањата се базираат на несигурни претпоставки, поради што проекциите треба да се земаат со резерва.
За да се надмине оваа состојба, потребни се сплотеност, основна свест и базична солидарност од надлежните и економистите за да се најдат најсоодветни предлози и решенија за да се поткренат домашните компании, што ќе резултира и со раст на економијата. Секако, неопходни се и постојана меѓусебна координација и соработка на надлежните органи со бизнис-секторот за навремено да се детектираат и отстрануваат сите евентуални тешкотии. Со други зборови, низ лавиринтот на кризата, да се наоѓаат патокази, преку кои ќе се извлече државата од криза и ќе се овозможи брз и динамичен економски раст и развој.