Партибрејкери со нонпејпери

Македонија сѐ уште е само речиси членка на НАТО, иако ни „гарантираат“ дека в година сигурно влегуваме во сојузот. Други, пак, се обидуваат да го минимизираат француското „не“ за ЕУ и ни тврдат дека можеме слободно да се радуваме на „членството“ во НАТО, кое наводно било поважно дури и од приемот во ЕУ за привлекување странски инвестиции. Но да причекаме со гаранциите и со забавите за да не се појави повторно некој партибрејкер што ќе ни мавта со нонпејпер и ќе нѐ уверува дека и вака сме супер

НАТО слави 70 години, а ние одбележуваме речиси полноправно членство во Алијансата. Не влеговме, ама нѐ уверуваат дека практично сме таму. Да бевте полноправна членка, ќе седевте на масата незабележани меѓу сите преостанати 29 членки, а вака ќе бидете главни ѕвезди на самитот во Лондон, ни тврдат неофицијално дипломатите. Истите тие ни велат дека Шпанија ќе го ратификуваше протоколот за членство да не се мачеше со политичка криза, а и ни посочуваат оти малку сме претерале со надежите зашто ниту една земја толку брзо не го поминала процесот на зачленување. Наредната година сме во НАТО, нели? Не се знае точниот датум, ама па ние и онака сме скарани со датумите. И со ЕУ чекавме датум за датум за датум и уште го чекаме. Значи, нема да дозволиме некој да ни ја расипе прославата, па макар и биле влезени само со една нога. Така? Само да не биде после дека попусто сме го менувале името, па потоа да ни речат дека и тоа не е доволно и повторно да ни мавтаат со нонпејпери.

Конечно, ни на НАТО не му е многу до славење. Алијансата прво планираше голема прослава по повод 70-годишнината, но на крајот таа е сведена на „состанок“ на лидерите во Лондон (портпаролите на Алијансата инсистираат дека не станува збор за „самит“), од страв да не има ново фијаско како лани, кога американскиот претседател Доналд Трамп јавно ги нападна другите членки дека не трошат доволно пари на одбрана. (Трамп уште пред да влезе во Белата куќа тврдеше дека НАТО е застарено, а во еден момент го оспори и членот 5 од Северноатлантскиот договор за колективна одбрана.)

Но Трамп не е единствениот што ги мати евроатлантските води. На претходните годишнини, кога Алијансата одбележуваше пет или шест децении постоење, исто така имаше тврдења дека НАТО е застарено и дека повеќе не е потребно зашто Студената војна е завршена, а Русија не претставува толкава закана како бившиот СССР. Но во меѓувреме се случија шарените револуции во Источна Европа, мини-војната меѓу Русија и Грузија, кризата во Украина, анексијата на Крим итн. НАТО повторно стана важно и сега се посочува како контратежа на Русија. Враќањето на релевантноста, меѓутоа, не ги избриша внатрешните ривалитети и спротивставените интереси, особено меѓу големите сили, кои потоа на свој грб ги чувствуваат и помалите сојузници.

Сепак, годинава најголемиот критичар на Алијансата не е Трамп туку Емануел Макрон, кој неодамна го прогласи НАТО за „клинички мртво“. Францускиот претседател оцени дека јазот меѓу САД и Европа е преголем, изрази сомнежи кон членот 5 и нагласи дека главната дебата треба да се води за стратегиските приоритети на НАТО, а не за тоа кој колку пари дал. Франција е во директен судир со Турција поради турската операција против Курдите во северна Сирија. Париз е гневен и на Вашингтон, зашто без консултации во НАТО решил да се повлече од северна Сирија и со тоа ја дозволил операцијата против Курдите. Турција, пак, која ги налути сојузниците во НАТО со купопродажбата на руски системи „с-400“, поради што и беше исфрлена од програмата за американскиот „ф-35“, смета дека Франција е премногу блиска со Курдите и бара од НАТО целосно да застане зад неа. Критичарите, пак, тврдат дека Турција е премногу оддалечена од Западот и дека треба да се најде начин како да се протера од НАТО. Се зборува и дека Американците веќе размислуваат да ги повлечат нуклеарките од Инџирлик. Европските земји ѝ воведоа оружено ембарго на Турција, а САД ја предупредија дека ќе ѝ ја уништат економијата ако претера со операциите против Курдите. Грција исто така бара помош од НАТО во спорот со Турција. Поделбите само ги заокружи оцената на Макрон за „клиничката смрт“ на НАТО, за што вчера беше критикуван дури и од Трамп.

Но зошто Макрон е главниот критичар на НАТО, а на ЕУ и на нејзиниот процес на проширување? Македонија директно по својот грб го почувствува новооткриеното водство на Макрон, кој навидум тргна сам против сите да ги реформира евроатлантските структури. Има повеќе причини за француското противење за проширувањето на ЕУ, како и за погребувањето на НАТО. Првата причина е внатрешнополитичка и се однесува на изборните битки на Макрон со сѐ попопуларната француска крајна десница на претстојните локални избори во 2020 година и на претседателските избори во 2022 година. Макрон смета дека ако заземе цврст став против имиграцијата и проширувањето, ќе може да им земе гласови на ултрадесничарите. Другото објаснување се фокусира на „историската скепса на Франција кон проширувањето“. Аргументот е дека Париз генерално е против проширување на ЕУ, зашто смета дека тоа ја слабее неговата позиција во Унијата и дека од него најголеми придобивки има неговиот најголем партнер/ривал во блокот, Германија, особено кога станува збор за проширување кон земјите од Јужна и од Источна Европа. Во моменти кога германската канцеларка Ангела Меркел полека се повлекува од политичката сцена, Макрон гледа можност да ја промовира Франција како лидер на Европа, иако двете земји постојано го нагласуваат своето партнерство во рамките на ЕУ. Се разбира, најглавната причина се парите. Франција ги обвинува САД дека ги тераат сојузниците во НАТО да купуваат американско оружје, па во една пригода обвини дека членот 5 од Северноатлантскиот договор се претворил во „член ф-35“, алудирајќи на купопродажбата на американски авиони во замена за американска одбрана. Франција претпочита европските сојузници да купуваат француски авиони, зашто, како што вели самата, тоа е „во европски интерес“.

Во моментот има два табора – „за“ и „против“ НАТО. Едните ги посочуваат важноста, отпорноста и цврстината на Алијансата, нагласувајќи дека НАТО успеало да се одржи цели 70 години наспроти сите предизвици. Според нив, за тоа колку се ретки таквите сојузи сведочи и една студија на Брукингс од 2010-та, според која во изминатите пет века имало над 60 големи воени сојузи, од кои само десет траеле над 40 години, додека просечниот век им бил околу 15 години. НАТО, велат приврзаниците, не само што трае седум децении туку успеа и да се прошири и да се приспособува на состојбите. Критичарите не се толку уверени. Според нив, ако првичната идеја за НАТО била да ги држи Русите надвор, Американците внатре, а Германците долу, сега работите се изменети – Американците се повлекуваат од Европа, Русите влегуваат, а Германците бараат начин да имаат поголем удел во прашањата од одбраната. Значи, НАТО допрва ќе се менува.

Што може Македонија да извлече од таквите глобални размислувања? Земјата во моментот е со транзициски статус, иако ни гарантираат дека в година ќе бидеме полноправна членка. Други, пак, се обидуваат да го минимизираат француското „не“ за проширувањето на ЕУ и ни тврдат дека можеме слободно да се радуваме на членството на НАТО, зашто ќе ни донесе големи економски придобивки. На пример, еден извештај на Виенскиот институт за економски студии за Македонија посочува дека членството во НАТО историски носело бран странски директни инвестиции во земјите од Јужна, Централна и од Источна Европа, бидејќи странските фирми високо ги вреднувале безбедносните гаранции од САД и членството во најсилниот воен сојуз во светот. Во документот се тврди дека членството во НАТО дури е и поважно од членството во ЕУ кога станува збор за странските инвестиции и се посочува дека во просек членството во НАТО го зголемило уделот на странски директни инвестиции во БДП на земјите од Јужна, Централна и Источна Европа за 11,4 отсто, или за еден отсто повеќе од очекуваното членство во ЕУ. Сето ова изгледа розово, ама да не бидеме толку еуфорични. Сепак, да причекаме со гаранциите и со забавите за да не се појави повторно некој партибрејкер што ќе ни мавта со нонпејпер и ќе нѐ уверува дека и вака сме супер.

[email protected]