Пандемијата како „кец на десетка“ за криминалците

Светот и здравствените системи потклекнаа пред пандемијата, а криминалот и криминалните организации, пак, ја искористија својата шанса. И покрај многубројните механизми и контроли на државите, пандемијата им ги откри слабите точки на државите и системите и притоа овозможи криминалот и црните бизниси длабоко да пенетрираат и во здравото ткиво на државите, економијата, бизнисот, трговијата… Се чини дека во оваа битка најмногу изгубија луѓето што имаа верба во владеењето на правото и во постоењето законитост, правда, сигурност, спокојство и мир за себе и своите најблиски. Но изгубената битка во пандемијата, не значи и изгубена војна против криминалот

Веќе втора година како пандемијата предизвикана од коронавирусот прави пустош низ светот. За жал, вирусот и оваа година никако да стивне. Токму кога сите луѓе и држави во светот помислија дека конечно вирусот се стави под контрола, изминатиов месец се соочуваме со индискиот делта-сој, кој е најлесно и најбрзо пренослив. И додека сите се надеваа дека вакцинацијата ќе воведе некој ред, брзата и лесна преносливост на вирусот ги принуди европските држави повторно да размислуваат за враќање на рестрикциите.
И додека сите чекаме подобро утре, додека насекаде се спроведува масовна вакцинација, едно е сигурно. Сите ги сакаме крајот на пандемијата и враќањето на нашата слобода, спокојство, сигурност и безбедност. Да, сите, освен криминалните организации! На криминалците и криминалните организации пандемијава им дојде како „кец на десетка“.
Луѓето низ светот, исплашени за своите животи, потклекнаа пред евтините, но ефикасни финти што криминалците ги искреираа, сѐ со една цел: што полесно и на нелегален начин да ги наполнат своите џебови.
Долга и широка е листата на разни лекови и препарати што на црниот пазар се продаваа како магични еликсири за спас од ковидот.
Уште на почетокот на пандемијата, криминалците почнаа да прават бизнис од маката на луѓето. Првично, кога мерките беа задолжителна изолација на постарите лица, бидејќи беа најзагрозени, ги искористуваа, им ги земаа парите за да им ги набават потребните производи за дома и никогаш не се појавуваа. Потоа, кога почна нагло да расте побарувачката за заштитни маски, го искористија недостигот од нив за да ги продаваат на црно, да крадат од болници, но и да манипулираат цели државни системи со лажни набавки.
На црните пазари вриеше од сирупи, фалсификувани лекови, разни напитоци, за кои тврдеа дека ќе им помогнат на заболените од вирусот, но и тврдеа дека доколку ги купат, нема да се разболат од опаката болест. Се продаваа лажни средства за дезинфекција, кои ништо не дезинфицираа и не штитеа од ковид-19.
Интерпол и Европол на големо реализираа голем број акции за сузбивање на овој криминал. Некаде акциите беа успешни, беа запленети голем број медицински средства, уапсени беа голем број криминалци, но некаде тие само ги предупредија криминалците дека треба да бидат попретпазливи во своите црни активности.
Масовно се купуваше сѐ за што постоеше поврзаност со корона-вирусот. На големо никнаа интернет-страници на кои на најлесен начин се продаваа производите, па Интерпол и Европол затвораа интернет-страници, кои буквално никнуваа како печурки.

Најголем страв постоеше за лажните вакцини. Тој страв, за жал, почна да станува реалност. Најнапред почнаа да се продаваат лажни вакцини, под имињата на производителите за кои веќе јавноста знаеше дека произведуваат вакцини.
Денес, луѓе се вакцинираат со лажни вакцини. За жал, и покрај многубројните предупредувања и покрај сите мерки за претпазливост, повеќе од 2.500 лица во индискиот град Мумбај добија солена вода како вакцина, за што дополнително одвојувале финансиски средства за да ги платат, полнејќи им ги џебовите на криминалните организации со 30 илјади долари.
Како да се заштити народот во овие ситуации? Постои ли начин со кој конечно граѓаните ќе бидат сигурни дека добиле вистински лек за заштита од ковид?
За жал, не. Светот и здравствените системи, за жал, беа изиграни од криминалните организации. И покрај многубројните механизми и контроли, се чини дека во оваа битка изгубија луѓето, кои како пациенти единствено нешто што бараа беше спас од опаката болест, со која битката ја изгубија повеќе од четири милиони лица.
Со фактот што вирусот продолжува да коси сѐ пред себе, продолжуваат и опасноста и неизвесноста за луѓето. Продолжува стравот за сопствениот живот, но и битката за негово заштитување и спасување.
Сѐ додека постои вирусот, ќе продолжи да постои и реалната опасност дека криминалните умови ќе изнаоѓаат сѐ поголеми и поинвентивни начини за да дојдат до она што го сакаат – брза и лесна заработувачка.
Сѐ додека граѓаните не почнат да внимаваат од каде набавуваат лекови, сѐ додека не почнат да веруваат во она што го препорачуваат здравствените власти, криминалците ќе заработуваат, бидејќи најлесно е да се спечали на туѓиот страв и мака.

[email protected]