Пандемијата и спортот равенка со повеќе непознати

„За да ја обликуваме нашата иднина, потребна ни е визија за тоа како ќе изгледа овој нов свет по кризата со коронавирусот, која го промени фундаменталниот начин на живеење“, рече претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, на скорешната седница на која беше одобрен петгодишен стратегиски патоказ. Вакцината против ковид-19 моментно нуди доза сигурност, но решението уште е на крајот од тунелот. Натпреварите уште долго време ќе се играат пред празни или полупразни трибини. Прерано е да се прават конечни процени и предвидувања за ефектот на вакцината и за враќањето на спортот и животот на старите патеки

Спортот каков што до пред една година го знаевме и гледавме, нема да имаме можност да го следиме во блиска иднина. Интересот за спорт, спортување и за следење спортски натпревари кај луѓето значително опадна за време на пандемијата на коронавирусoт и покрај фактот што, условно кажано, луѓето се затворени во своите домови и имаат повеќе време за себе.
Мерките за социјално и за физичко дистанцирање, блокираните деловни активности, училишта и целокупниот социјален живот, кои станаа вообичаени за да се ограничи ширењето на коронавирусот, нарушија многу аспекти на животот, вклучувајќи ги и спортот и физичката активност.
Не треба да се заборави дека падот на гледаноста на спортските натпревари и натпреварувања им носи негативни економски последици и на клубовите. Според анализите на Организацијата на Обединетите нации (ООН), глобалната вредност на спортската индустрија се проценува на 756 милијарди долари годишно, а според истражувањата, во текот на 2020 година биле реализирани само 53 проценти од планираните спортски настани, поради што спортската индустрија загуби голем дел од својот приход. Колку спортовите или лигите се поголеми и попопуларни толку последиците за нив се поголеми.

Поради сето тоа во опасност се доведени неколку милиони работни места, не само на спортските професионалци туку и на оние во сродната индустрија за трговија со спортски услуги поврзани со натпреварувањата, кои вклучуваат патувања, инфраструктура, транспорт, угостителство, медиумско емитување…
Поради пандемиските ограничувања, забрането е и присуство на гледачи на трибините на многу спортски натпревари, а поради мерките на социјална дистанца, престанаа и, на пример, семејните дружења за следење спортски натпревари во домашна атмосфера. Сето тоа во голема мера се одрази и врз спортската ТВ-индустрија, со значително намалување на гледаноста на спортските натпревари и натпреварувања што се пренесуваат на ТВ-екраните.
Овие факти ги потврдуваат и официјалните податоци од истражувања на американските спортски ТВ-канали, за процентот на гледаност, кои покажуваат дека гледаноста на големите спортски настани опаднала за повеќе од 50 отсто, во споредба со периодот пред пандемијата на ковид-19.
Податоци покажуваат дека последнава година значително е загубен интeресот за следењето спорт и спортски настани воопшто. А спортот како спорт, само во одредени моменти доаѓа во центарот на вниманието во социјалниот живот.
По затворањето спортски сали, стадиони, базени, фитнес-центри, паркови и игралишта, многу луѓе не се во можност активно да учествуваат и во своите редовни индивидуални или групни спортски физички активности надвор од своите домови. Целата ситуација ги стави под голем психички притисок, па единствено на што размислуваат се егзистенцијата и опстанокот. Голем е бројот на луѓе што поради целокупната ситуација со ковид-19 не ни помислуваат да гледаат телевизија или спорт. Едноставно кажано, животните проблеми им се многу поважни.

Како последица на пандемијата и сите наметнати ограничувања, спортот го достигна и својот виртуелен момент, нешто што од претходно се предвидуваше, но не како последица од пандемијата, туку од други процеси. Спортските натпревари на ТВ-екраните сега се слични на видеоигра и не изгледаат реално. Имаме „виртуелни“ стадиони, без публика и лажни звуци на навивање, а епилогот е изгубен интерес за следење на таквите натпревари.
„За да ја обликуваме нашата иднина, потребна ни е визија за тоа како ќе изгледа овој нов свет по кризата на коронавирусот, која го промени фундаменталниот начин на живеење“, рече претседателот на Интернационалниот олимписки комитет, Томас Бах, на скорешната седница на која беше одобрен петгодишен стратегиски патоказ.

Солидарност, дигитализација, одржливост, кредибилитет и економска и финансиска стабилност се пет тренда со кои се идентификува олимписката агенда на ИОК.
Вакцината против ковид-19 моментно нуди доза сигурност, но решението уште е на крајот од тунелот. Натпреварите уште долго време ќе се играат пред празни или полупразни трибини. Сѐ ќе зависи од медицинските упатства и од темпото на вакцинација, која дава надеж за оптимистичко сценарио. Меѓутоа прерано е да се прават конечни процени и предвидувања за ефектот на вакцината и за враќањето на спортот и животот на старите патеки.

[email protected]