Охрид како Дрезден и Оман

Дека другите земји преземаат итни мерки да се спасат од црната листа говори податокот дека во целата историја на оваа светска организација статусот на заштитено подрачје го изгубиле само два локалитета – германски Дрезден, поради изградбата на мост со четири ленти што ги поврзува двата брега на Елба, со што се измени сликата на градот, и арапската држава Оман, која поради нафтените наоѓалишта исече цел резерват. Другите што биле под закана итно ги решиле проблемите, а меѓу нив се и локалитети од регионов, како Котор, Дубровник и Плитвице

Неделава, на 43. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, ќе се дискутира за состојбата со природното и културното наследство во охридскиот регион. Делегацијата на нашата влада, која ја предводи министерот без ресор Едмонд Адеми, а во која уште се и заменик-министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, нагласи дека ќе го афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на светско културно наследство на охридскиот регион, кој не ѝ припаѓа само на Македонија туку на целиот свет.

Но факт е дека ваквата заложба е само декларативна, во практиката ништо не е сменето со години, иако заканата Охрид да го изгуби овој статус одамна демне.
Ниедна власт досега не презеде конкретни мерки за отстранување на причините (несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој) поради кои градот со 365 цркви, единствен во државата со највисок тип на заштита, стигна на црната листа на УНЕСКО. Тоа е показател за неспособноста и негрижата на македонските власти за културното и природното наследство во целина и несоодветната културна политика. Поразителен е податокот дека Охрид може да биде впишан на листата на загрозено светско наследство во друштво на држави што се безбедносно нестабилни, како што се Авганистан, Конго, Ирак, Палестина, Сирија, Узбекистан.

Тоа покажува дека Македонија е тука по сопствена вина, не поради објективни причини, затоа што на оваа листа обично се стигнува по природни катастрофи и по војна, а поретко, како во нашиот случај, и во случај на голема и континуирана негрижа од државните и локалните власти. За жал, евидентна е негрижата за овој дел од Македонија, чии културни и природни убавини се користат многу често во рекламите за земјава, но состојбата на терен веќе со години е поинаква.
На проблемите со градежната узурпација на езерскиот брег, палењето на трската и на непочитување на законите при градба на објектите во заштитените подрачја континуирано предупредуваат медиумите, граѓаните и невладините организации. Меѓу последните се и спорните градежни дејства на минарето на Алипашината џамија.

По последната препорака, Владата ќе треба да прогласи мораториум на секакви урбани трансформации на брегот на езерото, неправилно изградените објекти да се урнат, да се заштити брегот на езерото, а со тоа и неговата природна вредност. До јануари 2020 година, Владата ќе треба да достави до УНЕСКО извештај од реализираното, а оваа светска организација неодамна потсети дека поголемиот дел од нејзините барања и препораки од 2017 година е неисполнет. Тоа е најголем доказ за континуирано несериозен однос кон богатството што го поседуваме, за недоволна гласност на локалните жители и активистите, но и отсуство на јавна свест кај туристите и месното население еднакво.

На пример, кога туристичкиот брод „Опера“ на 2 јуни изгуби контрола во близината на центарот на Венеција – италијанските медиуми остро предупредија дека тоа би можело да биде капката што ќе ја прелее чашата. Локалните жители и активистите веднаш се кренаа против тоа судбината на нивниот град, кој е на листата на светското културно наследство на УНЕСКО, да ја крои профитот на бродските компании. Тие побараа да се спречи вакви големи бродови да влегуваат во лагуната. Се одржаа и големи протести по повод инцидентот, а се огласи и министерот за култура Алберто Бонисоли, кој потсети дека се потребни мерки заради заштита на Венеција како дел од светското наследство. На последиците од бродскиот туризам укажа и британскиот уметник Бенкси со делото „Венеција во масло“, кое се состои од импровизиран штанд со слики, кои заедно прикажуваат туристички брод зад кој градот само се наѕира.

Дека другите земји преземаат итни мерки да се спасат од црната листа говори податокот дека во целата историја на оваа светска организација статусот на заштитено подрачје го изгубиле само два локалитета – германски Дрезден (поради изградбата на мост со четири ленти што ги поврзува двата брега на Елба, со што се измени сликата на градот) и арапската држава Оман, која поради нафтените наоѓалишта исече цел резерват. Другите што биле под закана итно ги решиле проблемите, а меѓу нив се и локалитети од регионов, како Котор, Дубровник и Плитвице.

Страшно е ако Охрид се најде во друштво на Дрезден и Оман, затоа што статусот на заштитено културно наследство, во принцип, значи да ги зачуваме вредностите што ги имаме за идните генерации, а без постојан мониторинг и предупредувања од УНЕСКО, кои го привлекуваат вниманието на јавноста и ги охрабруваат противмерките, и онака кревката состојба би можела уште повеќе да се влоши. Охрид и комплетно би можел да ги изгуби архитектонското единство, историската автентичност и културното значење, а да не зборуваме за тоа дека оваа листа е толку силна реклама што во некои случаи дури создава и прекумерен туризам, што на Охрид и на земјава, кои не се баш на врвот на светската туристичка мапа, сигурно не би им штетело.