Охридски „бисери“ во поновата историја

Дека УНЕСКО станува сѐ посериозно и поригорозно во врска со своите одлуки зборува и фактот што во Фуџу се разговарало и за тоа дури дека и споменикот Стоунхенџ може да го изгуби статусот на светско културно наследство на УНЕСКО поради изградбата на тунел во непосредната близина, а дека ќе биде ставен „поостар фокус“ и на другите 31 локалитет на списокот на Велика Британија, вклучувајќи ги палатата „Вестминстер“ и градините „Кју“, откако Ливерпул стана дури третото место за речиси 50 години на кое му беше одземен статусот на светско наследство (по Оман и Дрезден). Па, кога една Велика Британија со сите свои ресурси е под сериозна закана, откако почна да си ја поткопува својата глобална репутација во зачувување на своето историско наследство, што останува за Македонија, која никогаш и немала таква репутација

Пред десетина години за малку не се реализира лудата идеја на тогашните организатори на фестивалот „Охридско лето“, а промовирана уште во 2009 година, охридскиот Антички театар да добие покрив. Министерството за култура го аминува ова, можеби практично решение, но вистински бисер во поновата градителска историја, но, за среќа, бурните реакции во јавноста го спречија неговото остварување. Аргумент беше дека Античкиот театар може да прими многубројна публика ако го нема овој негов единствен „недостаток“, тоа што е отворен (инаку, главна карактеристика на сите антички театри во светот) во услови на временски неприлики. Тогаш еден од најубавите, најавтентични и, секако, најинспиративни отворени простори во Македонија, Античкиот театар, се спаси, но не и Охрид! Градот со 365 цркви, колку што има денови во годината, градот-музеј, оттогаш се соочи и сѐ уште се соочува со уште неавтентични интервенции во старото градско јадро, срцето на специфичната охридска архитектура. И не само тоа и не само во стариот дел. Следуваа бетонизација на крајбрежјето, уште дивоградби, високи објекти близу езерото, слаб архитектонски квалитет на изградената средина во градовите Охрид, Струга и Поградец и по должината на крајбрежјето надвор од урбаните средини, несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, платформи во Радожда, загрозен екосистем на езерото, планови за градба кај Студенчишко Блато, слабости на колекторскиот систем… Сето ова е само дел од посочените аномалии во заштитата на регионот во последното предупредување од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44-та сесија, која се одржува во Фуџу, Кина, а кои ќе треба да бидат надминати во дадениот „поправен рок“ од две години. Охрид и Охридско Езеро и овој пат, привремено, ја избегнаа опасноста да бидат ставени на листата на светско наследство во опасност на УНЕСКО.

Слично беше и на претходната, 43-та сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Баку, Азербејџан, во 2019 година. И тогаш се дискутираше за состојбата со природното и културното наследство во охридскиот регион, а делегацијата на нашата влада што присуствуваше таму нагласи дека ќе го афирмира ставот дека e комплетно посветенa на зачувување на статусот на светско културно наследство на Охридскиот Регион, кој ѝ припаѓа не само на Македонија туку на целиот свет. Но факт е дека ваквата заложба и тогаш, а постои реален страв дека тоа ќе се случи и сега, е само декларативна, во практиката ништо не е сменето со години, иако одамна демне заканата Охрид да го изгуби овој статус.
Ниедна власт досега не презеде конкретни мерки за отстранување на причините (несоодветна градба со несоодветно урбано развивање и експлоатација на брегот, зголемено загадување, нарушување и уништување на животната средина и неконтролиран урбан развој) поради кои градот, единствен во државата со највисок тип на заштита, стигна на црната листа на УНЕСКО. Тоа е показател за неспособноста и негрижата на македонските власти за културното и природното наследство во целина и несоодветната културна политика. Поразителен е податокот дека Охрид може да биде впишан на листата на загрозено светско наследство во друштво на држави што се безбедносно нестабилни, како што се Авганистан, Конго, Ирак, Палестина, Сирија, Узбекистан.
Тоа покажува дека Македонија е тука по сопствена вина, не поради објективни причини, затоа што на оваа листа обично се стигнува по природни катастрофи и по војна, а поретко, како во нашиот случај, и во случај на голема и континуирана негрижа од државните и локалните власти. За жал, евидентна е негрижата за овој дел од Македонија, чии културни и природни убавини се користат многу често во рекламите за земјава, но состојбата на терен веќе со години е поинаква.
Дека другите земји преземаат итни мерки да се спасат од црната листа говори податокот дека во целата историја на оваа светска организација статусот на заштитено подрачје, до годинава (со бришењето на Ливерпул од листата), го изгубиле само два локалитета – германски Дрезден (поради изградбата на мост со четири ленти што ги поврзува двата брега на Елба, со што се измени сликата на градот) и арапската држава Оман, која поради нафтените наоѓалишта исече цел резерват. Другите што биле под закана итно ги решиле проблемите, а меѓу нив се и локалитети од регионов, како Котор, Дубровник и Плитвице.

Но дека УНЕСКО станува сѐ посериозно и поригорозно во врска со своите одлуки зборува и фактот што во Фуџу се разговарало и за тоа дека дури и споменикот Стоунхенџ може да го изгуби статусот на светско културно наследство на УНЕСКО поради изградбата на тунел во непосредна близина, давајќи му статус на „наследство во опасност“, што претходи на целосно одземање на статусот на светско наследство. Официјалните претставници за светското наследство изјавија дека ќе стават „поостар фокус“ и на другите 31 локалитет на списокот на Велика Британија, вклучувајќи ги палатата „Вестминстер“ и градините „Кју“, откако Ливерпул стана дури третото место за речиси 50 години на кое му беше одземен статусот на светско наследство.
Па, кога една Велика Британија со сите свои ресурси е под сериозна закана откако почна да си ја поткопува својата глобална репутација во зачувување на своето историско наследство, што останува за Македонија, која никогаш и немала таква репутација.