Отворено за Отворен Балкан

Што е тоа што се договорија лидерите на Албанија, Србија и на Македонија на самитот во Скопје што толку многу ги „загрижи“ противниците на идејата за Отворен Балкан? Тие не можат да го видат тоа што е очигледен факт што домашните компании се ниско конкурентни и за помалку развиени региони, па затоа и на секоја иницијатива за економско отворање гледаат со сомнеж и со потценување

Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Приштина го повика Косово „со отворен ум“ да им пристапи на иницијативите за регионална интеграција и подвлече да ги поддржува напорите на Западен Балкан за зајакнување на регионалната интеграција. „Го охрабруваме Косово да бара можности за намалување на трговските бариери, зголемување на неговата економска конкурентност и изградба на регионално интегрирана и еластична економија што ќе донесе резултати за сите граѓани на Косово“, се вели во реакцијата на амбасадата. Веднаш по оваа објава од американската амбасада се огласија од Косовската комора за бизнис, која се изјасни против иницијативата Отворен Балкан. „Косова прес“ објави дека Комората оценила дека Косово се соочува со пречки во спроведувањето на претходно потпишаните договори со Србија, бидејќи Србија не ги почитува тие договори, а се споменуваат ЦЕФТА и Бриселскиот договор. Комората ги повика Албанија и Македонија да го земат предвид фактот дека Србија прави напори против Косово и неговото непризнавање.
Со ова, списокот на „противници“ за идејата за Балкан без граници станува сѐ подолг и со нивните јавно декларирани ставови може да се насетат и причините, но и мотивите на одредени центри чии интереси се спротивни на заложбите на тројцата лидери на Албанија, Србија и Македонија.

Покрај веќе декларираниот отпор од албанскиот премиер Албин Курти, кој не пропушта шанса да опонира на секоја, а често и на добронамерна иницијатива што доаѓа од официјален Белград, со свои „јавни размисли“ за иницијативата Отворен Балкан се огласи и грчкиот весник „Катимерини“. Тоа што особено го прави интересен грчкиот поглед е што може да се препознаат вистинските намери на Атина, па и на Брисел во случај на поголемо економско интегрирање на земјите од Западен Балкан, со кое, според видувањето на грчкиот аналитичар, „Балканот без граници може да ѝ наштети и на европската интеграција!“ Онака ненаметливо тој го внесува „црвот“ на сомнежот, прашувајќи се „дали иницијативата Отворен Балкан е приоритет за српскиот Александар Вучиќ, Зоран Заев од Северна Македонија и албанскиот Еди Рама, или тоа е симболичен потег на тројцата лидери за да извршат политички притисок и да го уценуваат Брисел за пристапување во Европската Унија“. Која би требало да биде пораката од една ваква размисла? Дали во Брисел, и покрај декларираните заложби за поголемо регионално економско поврзување на Балканот, има некои на кои не им е по волја реално да се случи тоа. Очигледно водството во Европската Унија сѐ уште не расчистило само пред себе што сака од Западен Балкан. Со сѐ понеизвесното проширување на ЕУ, како да имаат и резерви за економското интегрирање на регионот, за што и беше забележано во коментарот на „Катимерини“ дека трите земји не можат да седат на два стола и да бараат алтернативи и затоа е потребно да се посветат на реформите, кои ќе значат и нивно приближување на европската заедница!

Пред иницијаторите на Отворен Балкан стојат многу предизвици во наредниот период, до конечното кревање на граничните рампи. Тие првенствено треба да расчистат колку се искрени во тоа што го кажуваат на регионалните самити, каде што се промовира регионалното поврзување, Засега, целиот процес, колку и да е сложен поради различните законодавства во трите земји, се одвива бавно

А што е тоа што се договорија лидерите на Албанија, Србија и на Македонија на самитот во Скопје што толку многу ги „загрижи“ противниците на идејата за Отворен Балкан. Главната порака што ја упатија Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев е од 1 јануари 2023 година да бидат укинати граничните контроли меѓу трите земји, пред сѐ за товарниот патнички сообраќај. Или, како што сликовито го објасни македонскиот премиер Заев, да не дозволиме „нашите камиони да патуваат со денови и да стојат заглавени пред балканските гранични рампи“. Коментарите на ова на „вечните“ скептици од регионот се дека целата идеја потекнува од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој сака да го прошири своето влијание во регионот. Овие тврдења се понагласени во етнички поделената Босна и Херцеговина, која има големи резерви околу вклучувањето во Отворен Балкан. Негативни коментари имаше и кај дел од македонските стопанственици, кои сметаат дека идејата за поголемо економско поврзување е претесна, па затоа и нивните очекувања се многу поголеми и досегаат директно до високоразвиениот пазар на ЕУ, а не само до Врање! Тие не можат да го видат тоа што е очигледен факт што домашните компании се ниско конкурентни и за помалку развиени региони, па затоа и на секоја иницијатива за економско отворање гледаат со сомнеж и со потценување. За постоењето на големиот отпор на домашните производители говори и примерот со земјоделци од јужните српски делови што со години протестираат од увозот на домати од Албанија, кои се попривлечни по квалитет и цена за српскиот потрошувач. Прашањето што овде се поставува е како компаниите од земјите на Западен Балкан ќе бидат конкурентни на единствениот европски пазар ако се недоволно подготвени за помало регионално економско натпреварување?
Пред иницијаторите на Отворен Балкан стојат многу предизвици во наредниот период, до конечното кревање на граничните рампи.

Тие првенствено треба да расчистат колку се искрени во тоа што го кажуваат на регионалните самити, каде што се промовира регионалното поврзување, Засега, целиот процес, колку и да е сложен поради различните законодавства во трите земји, се одвива бавно. Две години од промоцијата на идејата за мини-шенген, сѐ уште нема конкретни договори и решенија за организирање регионален центар за помош во случај на елементарни непогоди, како и за слободното движење на работниците и камионите. Тоа што балканскиот триумвират треба да им го објасни на сите неверни томовци е до кое ниво ќе се одвива поголемото регионално поврзување. Што е уште поважно, како што и нагласија од Стопанската комора на Македонија, тоа што најмногу му недостига на регионот е имплементација на веќе постигнатите билатерални и мултилатерални економски договори. И на крајот, дали тоа нема да предизвика целосно ладење од идејата за приклучување кон Европската Унија?