Освестување за бездушниот

Да се биде верски лидер во општество како македонското, кое има испреплетени етнички и верски карактеристики, многу повеќе е одговорност, отколку привилегија. Таа одговорност подразбира балансирање на сопствените верски права со верските чувства на различните од себе. Само верски личности духовно изградени на високо ниво можат да бидат контролори на негативните набои на меѓуверските чувства и промотори на меѓуверската почит

На секој духовен водач „големата должност“ му е да ги обедини верниците. Да шири добрина, да го искористи своето влијание и да се обиде светот околу себе да го направи барем малку подобар. Таква е филозофијата на размислување кај луѓето во денешниот современ свет, во кој религиската припадност и верските чувства се индивидуална вредност што секој мора да ја почитува. Токму во тој контекст се и сите надежи дека токму верските лидери се оние што треба да бидат првите во повиците за смирување на сите етнички и верски тензии.

Изјавата на реисот Сулејман Реџепи, првиот човек на втората по големина верска заедница во земјава, со која им се обраќа на своите верници и поддржувачи со зборовите: „Замислете, како див народ е овој со кој сме во соживот. Овие се беспримерен див народ, затоа немаат идентитет и нема да имаат никогаш, без разлика што ние сакаме да им помогнеме. Не се помага, бездушниот не се освестува“. Ваквите зборови искажани од поглаварот на една верска заедница поттикнаа лавина реакции во јавноста.

И со право.
Кого навреди поглаварот Реџепи? Дали со оваа негова изјава тој ги навреди само Македонците или, пак, и претставниците на другите етнички заедници што живеат во земјава? Дали со тоа ги навреди и Македонците што се со исламска вероисповед?
Да се биде верски лидер во општество како македонското, кое има испреплетени етнички и верски карактеристики, многу повеќе е одговорност, отколку привилегија. Таа одговорност подразбира балансирање на сопствените верски права со верските чувства на различните од себе. Само верски личности духовно изградени на високо ниво можат да бидат контролори на негативните набои на меѓуверските чувства и промотори на меѓуверската почит.

Проблемите што ИВЗ ги има со оваа или со претходната влада треба да се решаваат со дијалог, а верските лидери треба да бидат токму тие што треба да ги имаат и демонстрираат трпението, смиреноста и аргументираноста на своите ставови. Како може да се заслужи титулата духовен водач? Дали, освен неговата света димензија, треба да има и човечка и етичка доблест, која ќе ја поткрепи водечката особина?

Иако доминантните две верски заедници, МПЦ и ИВЗ, во овие години на независност покажаа капацитет да превенираат конфликти и да градат меѓусебна толеранција, сепак, за жал, одредени верски претставници и од двете страни честопати не успеваа да се разберат најсоодветно и нивните изјави добиваа квалификации на говор на омраза.

Ако ИВЗ вели дека поглаварот Сулејман Реџепи, кој за волја на вистината досега знаел да биде човек што повикува на разум и човек чиј авторитет спречи влез на радикални структури во ИВЗ, немал намера да ги навреди Македонците, и изјавата за некаков див народ била наменета за други луѓе, тогаш најсоодветно е самата ИВЗ да го објасни тоа.

Оваа изјава на Реџепи доаѓа и во период на негова конфронтација со власта, што за многумина е една и од причините за револтот на поглаварот, но сепак непримерно е тој револт да се манифестира врз еден цел народ.

Проблемите што ИВЗ ги има со оваа или со претходната влада треба да се решаваат со дијалог, а верските лидери треба да бидат токму тие што треба да ги имаат и демонстрираат трпението, смиреноста и аргументираноста на своите ставови.
Сепак, позитивно беше тоа што голем број припадници на албанската, турската и од другите етнички заедници во земјава го осудија овој говор, посочувајќи на тоа дека во Македонија отсекогаш постоел добар соживот меѓу различните етнички и верски заедници и дека на овој начин се поткопува она што се наследувало со генерации.
Како може да се заслужи титулата духовен водач? Дали, освен неговата света димензија, треба да има и човечка и етичка доблест, која ќе ја поткрепи водечката особина?

Во таа насока и сегашните лидери на ИВЗ треба да учат од поранешниот прв човек на оваа заедница во поранешна Југославија, неодамна починатиот Јакуп Селимовски, кој претставуваше столб на оваа институција и секогаш наоѓаше начин за решавање и можност за разговор за многу клучни верски прашања. Токму тој беше заслужен за надминување одредени проблеми меѓу Владата и ИВЗ.

Верскиот поглавар, свештеникот, верскиот службеник, па и секој верник, секогаш треба бидат на висината на својата определба, следејќи ги дословно принципите на религијата на која ѝ припаѓаат. А нема религија што проповеда и пропагира нешто поразлично од мирот, разбирањето, слогата, љубовта, почитта кон другиот.
Нели верските поглавари имаат поголема одговорност (од другите верници) и треба да поттикнуваат толеранција и разбирање меѓу луѓето, без разлика на нивната вера и нација?! Зарем правото на верска и национална определба не е неприкосновено право на секој поединец?!

Мора да се истакне дека почитувањето на заедничкото наследство и на културната разновидност, како и почитувањето на еднаквото достоинство на секој поединец се темелни вредности на меѓукултурниот дијалог, кој овозможува да се спречат етничките, верските и културните поделби и овозможува да се справиме со нашите различни идентитети.
Никој нема право да шири верска и национална омраза меѓу граѓаните и да ги навредува нивните чувства, зашто општество во кое религиската определба има важна улога во животот на граѓаните не може да си дозволи луксуз на нетолеранција.