Оптимизмот можел да се вежба, како мускул

Какви програми и мерки, во кампањата, која веќе започна, планираат партиите да им понудат на гласачите овој пат, покрај толку акумулирани проблеми и неодговорени прашања? Што уште можат да понудат, а тоа барем на прв поглед да изгледа веродостојно? Особено кога дури и во изнудениот редизајн на некои од политичките партии нема ништо уверливо. Што уште можат да измислат стратезите на политичката анимација за да го одвлечат гласачкото тело до избирачките места, барем заради фотографирањето неопходно за да се верифицира одзивот. А некаква претстава, макар и лоша, ќе мора да се одигра. Заради оценувањето. Заслужуваат ли политичките партии граѓаните повторно да им играат во претставата? Но, да бидеме оптимисти…

Недобивањето датум за почеток на преговори со ЕУ, само неколку дена по состанокот на Советот на министри на Унијата, веќе изгледа како лански снег. Сега се зборува за изборите, за партиските рејтинзи, за техничката влада, за имињата на потенцијални министри, за рекетот… По првичните изрази на шокираност и неверување, освен „бабата на Макрон“, ниту еден аспект од она што пред само една недела се случуваше во Брисел не стана предмет на сериозна анализа. И навистина, без да се трошат простор и време на набројувања, доволно е само да се повтори оти и овој пат сѐ се сведе на тоа дека ЕУ глумеше оти ѝ верува на Владата дека ги спроведува предвидените реформи, а Владата глумеше дека ѝ верува на Унијата оти ќе ѝ го додели датумот.

Сега може да се намали оптимизмот за некаков значителен напредок во евроинтегрирањето, како што впрочем, кажа и самиот премиер Зоран Заев. Но затоа теренот е подготвен за да се распали нов оптимизам, за изборите. Предвремени, се разбира. Како ние да знаеме да одиме на редовни. Никој веќе не ни знае да работи нешто друго во оваа земја, освен да оди на гласање. Можеби затоа и премиерот е оптимист дека граѓаните ќе му потврдат оти е на вистинскиот пат.
А граѓаните, за волјата на вистината, имаат сѐ помалку врска со патот за кој зборува тој. Добар дел од нив веќе сами си отидоа во Европската Унија или се подготвуваат да заминат, а повеќето од тие што останаа веќе се свесни оти волјата на народот нема многу врска со изборите, освен на денот на гласањето кога треба да се демонстрира демократијата.

Имено, на изборите не решава народот. Изборниот модел не го дозволува тоа. Изборите ги добиваат тие што ја контролираат администрацијата, а власта можат да ја задржат и да ја зацврстат тие што знаат како да ги реализираат идеите. Тоа го покажаа резултатите од гласањето на последните парламентарни избори и на референдумот за државното име. Она што следуваше потоа е нешто сосема друго. Претстава што резултираше со болното приземјување и незавршен мандат на актуелната власт. И така кругот се затвора. Но ниту една од клучните теми што беше предмет на, повеќе или помалку, сериозна дискусија, во изминативе неколку години, не е затворена. Не се затворени дури ни најодговорните за криминалот и корупцијата на највисокото ниво.

Сега може да се намали оптимизмот за некаков значителен напредок во евроинтегрирањето, како што впрочем, кажа и самиот премиер Зоран Заев. Но затоа теренот е подготвен за да се распали нов оптимизам, за изборите. Предвремени, се разбира. Како ние да знаеме да одиме на редовни. Никој веќе не ни знае да работи нешто друго во оваа земја, освен да оди на гласање. Можеби затоа и премиерот е оптимист дека граѓаните ќе му потврдат оти е на вистинскиот пат. А граѓаните, за волјата на вистината, имаат сѐ помалку врска со патот за кој зборува тој

Со сиот тој багаж сега се влегува во нов изборен процес. Како јавноста да не е доволно збунета поради нерасчистените, сериозни обвинувања за криминал, корупција и измами, околу основните прашања за минатото и иднината, поради целосното релативизирање на вредносниот систем, неусогласените национални и државни приоритети… И секоја од тие теми е разбранувано море, океан, полн со недоречености и конфузии. Какви програми и мерки, во кампањата, која веќе започна, планираат партиите да им понудат на гласачите овој пат, покрај толку акумулирани проблеми и неодговорени прашања? Што уште можат да понудат, а тоа барем на прв поглед да изгледа веродостојно? Особено кога дури и во изнудениот редизајн на некои од политичките партии нема ништо уверливо. Што уште можат да измислат стратезите на политичката анимација за да го одвлечат гласачкото тело до избирачките места, барем заради фотографирањето неопходно за да се верифицира одзивот. А некаква претстава, макар и лоша, ќе мора да се одигра. Заради оценувањето. Заслужуваат ли политичките партии граѓаните повторно да им играат во претставата?

Но да бидеме оптимисти, зашто оптимизмот е како мускул, може да се вежба и да се развива. Дури и кога е атрофиран. Така, веројатно, има уште надеж за некаков расплет и во државава. Се разбира, тоа нема да биде неочекуван расплет. На него треба да се работи. Исто како и на оптимизмот, кој досега се развиваше до таа мера што ја загуби врската со реалноста.

[email protected]