Оправдан страв или мит за бегалците и за мигрантите

Мора да се нотира дека македонските политичари не се сами во тврдењата дека навистина постои теоретска опасност од нови мигрантски движења од Блискиот Исток кон Стариот Континент. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, реагирајќи на воената акција во Сирија, рече дека Москва верува оти сето тоа ќе доведе до појава на нов бран бегалци во Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, изјави дека тој ќе предложи формирање фонд на ЕУ за поддршка на локалните заедници, кои би прифатиле и згрижиле бегалци

Бегалците и мигрантите се чини се трајна тема во македонската јавност и сѐ почесто се во фокусот на изјавите на домашните политичари и на невладиниот сектор. Токму неодамнешните изјави на високи државни функционери дека поради гранатирањето на Сирија, сѐ уште е присутна опасноста од репризирање на бегалската криза од 2015 година, ги заживеа старо-новите дилеми и безбедносни прашања.
Дополнително, масло на огнот во целата слика налеа и овонеделната информација од МВР, која вели дека цариник на граничниот премин Табановце, пријавил оти при контрола во вагон од товарен воз што сообраќал на релацијата Грција – Унгарија, пронашол четворица мигранти од Авганистан и еден од Иран.

Последна со предупредување се огласи министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, која пред новинарите изјави дека поради актуелните настани во Сирија се очекуваат нови бегалци и во Македонија и ја истакна потребата за постоење траен систем за соочување со вакви ситуации, за земјата да биде дел од системот за колективна заштита.
Јасно е, според министерката, дека притисокот врз границата постои. Не е видлив како во 2015 година, но фактот дека пред некое време имавме околу 100 мигранти што нелегално се обидуваа да ја поминат границата и, за среќа, беа фатени, покажува дека Македонија и регионот треба да се навикнат дека ова ќе трае и дека мора да имаме систем што постојано, а не само по потреба ќе биде активен, оцени таа.
Слично тврдење имаше и првиот полицаец Оливер Спасовски, кој на дипломатски брифинг информира дека низ Македонија, од почетокот на бегалската криза, поминале меѓу 800.000 и еден милион лица, а крајната дестинација им била Западна Европа. Околу 200 од нив побарале азил во земјата.

Притисокот врз границата постои. Не е видлив како во 2015 година,
но фактот дека пред некое време имавме околу 100 мигранти што нелегално
се обидуваа да ја поминат границата и, за среќа, беа фатени, покажува дека
Македонија и регионот треба да се навикнат дека ова ќе трае и дека мора да имаме систем што постојано, а не само по потреба ќе биде активен

Тој истакна дека според полициските сознанија западнобалканската маршрута, иако со помал интензитет, сѐ уште е активна и порача дека по официјалното затворање на маршрутата, се појавиле голем број шверцери на мигранти. Оние што патуваат сѐ почесто се нивни жртви, а неретко истите луѓе се и жртви на трговија со луѓе.
Натаму, мора да се нотира дека македонските политичари не се сами во тврдењата дека навистина постои теоретска опасност од нови мигрантски движења од Блискиот Исток кон Стариот Континент.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, реагирајќи на воената акција во Сирија, рече дека Москва верува оти сето тоа ќе доведе до појава на нов бран бегалци во Европа. Францускиот претседател Емануел Макрон, најверојатно, пак, мотивиран од слични причини, во вторникот изјави дека тој ќе предложи формирање фонд на ЕУ за поддршка на локалните заедници, кои би прифатиле и згрижиле бегалци.

Како што јави АФП, ваквиот предлог на Макрон се смета за обид за надминување на проблемот со сегашните и идни бегалци, кои важат за едно од политички најжешките прашања со кои се соочува Унијата.
Спротивно од изјавите на македонските и на странски функционери стојат тврдењата на невладиниот сектор и на хуманитарните организации.
Во последниот извештај на УНХЦР на оваа тема се наведува дека е намален бројот на бегалци и на мигранти што пристигнале во Европа минатата година, но и дека биле забележани изменети маршрути на движењето. Ова намалување продолжило во првите три месеци од 2018 година, со пад од 74 проценти споредено со минатата година. Во домашната јавност се огласи и хуманитарната организација „Легис“, која истакна дека во моментов во двата бегалски кампа во Гевгелија и во Табановце бројот на бегалци не бил поголем од триесетина луѓе, иако реално постоела можност оваа бројка да биде променета.

Од „Легис“ на медиумите им беше кажано дека нивните теренски проверки, барем засега, не забележеле поголем интензитет на движење на граничните премини и по последниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток.
Хуманитарците во своето обраќање во медиумите беа децидни дека не очекуваат да се повтори бегалската криза додека Македонија и натаму останува транзитна земја преку која тие, иако во значително помал број, поминуваат за да стигнат до конечната цел, некоја од западноевропските земји.
Како и да е, Македонија и регионот треба да се навикнат дека ова, со помал или со поголем интензитет, ќе трае и дека мора да се воспостави систем што постојано, а не само по потреба ќе биде активен.

Фото: Маја Јаневска-Илиева