Опожарена меморија

Тие работи се прават не од утре, туку од вчера, ако некој сака сериозно да им пристапи на нештата. Во спротивно, „утре“ многу лесно станува „задутре“ или наредниот понеделник или почетокот на идниот месец… додека во меѓувреме се натрупуваат уште многу нешта што требало да бидат решени вчера, но не биле зaшто не притиснал никој од централата. Она за што се притискало било решавано уште завчера. И тоа е единствената матрица на однесување која покажува извонредна отпорност на сите опожарувања на системот

Како што властите и нивните служби редовно остануваат изненадени, па дури и навредени од секој пообемен снежен врнеж во текот на зимските месеци, така и во летните месеци, како во правило, се затечени од ненајавените пожари. Во меѓувреме, мирот им го нарушуваат поројните дождови и понекој земјотрес. Уште повеќе што природата, таа крајно импулсивна и понекогаш целосно некооперативна сила, сѐ почесто си зема за право со своите своеглавости да им го узурпира дури и слободното време на државните функционери и службеници, принудувајќи ги да отстапуваат од нивните внимателно испланирани активности за да ја исполнат „обврската“ за фотографирање на некое од местата погодени од катастрофа.
Сепак, ако сакаме од актуелнава вжештена и зачадена состојба да излеземе објективни, треба да кажеме оти за крајно незадоволителните одговори на сите стрес-тестови што природата досега му ги приредуваше на државниот систем, еднакво се одговорни и власта и опозицијата.
Само некој паднат од Марс, деновиве, додека Македонија гори и додека нема со што да се гаси, може да посочува кон едните или кон другите. Тоа, за политичките елити, е најповолниот и најпосакуваниот пристап, со кој гарантирано јавноста се втурнува во спиралата на меѓупартиски надмудрувања, губејќи ја способноста јасно да ги раздвои причините од последиците, а со тоа и да ја лоцира одговорноста за (не)стореното.
Само оној што е подготвен нештата да ги гледа пошироко и подлабоко, како прво, ќе види дека пожарите деновиве, во услови на натпросечни температури и на интензивни ветришта, дивеат и во повеќето соседни земји и дека насекаде има помали и поголеми организациски, технички и секакви други проблеми при обидите за нивно гасење. Ќе се присети и дека во изминативе години и децении Македонија трпела несразмерно големи штети од пожарите, исто како и од поплавите, земјотресите, поголемите сообраќајни несреќи, бегалските кризи, епидемиите… И дека не само што повеќето од нив можело, а не биле превенирани, туку и системот ниту еднаш досега не реагирал адекватно и благовремено за да се ублажат последиците.

Она што сега е најнецелисходно е да се занимаваме со пресметките колку тие кризи и штети се случувале во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а колку во времето на СДСМ и дали некој конкретен лик случајно поставен на одредена функција, како резултат на во правило крајно сомнителни меѓупартиски договори, ќе преземе одговорност со тоа што ќе биде дислоциран на некоја помалку експонирана, но не и помалку доходовна позиција. Како да се лоцира одговорност во услови на општа неодговорност, која со децении го парализира системот? И како воопшто да се бара одговорност за евентуални пропусти во услови на криза, кога државниот апарат постојано си ја потврдува својата дисфункционалност, дури и во мирновременски услови?
Па, така, во изминатиов период се покажа дека надлежните не само што не ги порачувале навреме вакцините, разни лекарства и опрема неопходни за справувањето со пандемијата на коронавирусот или средствата и опремата потребни за пресретнување на елементарните непогоди, туку многу често доцна им текнува да набават лекови или опрема за лекување на вообичаените болести или, како во последниот случај на пример, ги пробиваат роковите за усогласувањето на личните и други документи со договорените фази за промената на државното име. Сите тие и многу други „пропусти“ им нанесоа огромни, а често и ненадоместливи штети на државата и на граѓаните, а уште поголеми штети функционерите си нанесуваат сами на себеси со уверувањата дека, ете, веќе од утре, нештата ќе почнат да се ставаат во ред. Како што пред некој ден, на половина од летото, најавија дека „од утре“ ќе важи забрана за движење низ шумите на целата државна територија и дека, исто така, „од утре“ ќе почне постапка за сервисирање на авионите за гасење пожари.
Тие работи се прават не од утре, туку од вчера, ако некој сака сериозно да им пристапи на нештата. Во спротивно, „утре“ многу лесно станува „задутре“ или наредниот понеделник или почетокот на идниот месец… додека во меѓувреме се натрупуваат уште многу нешта што требало да бидат решени вчера, но не биле зaшто не притиснал никој од централата.

Како да се лоцира одговорност во услови на општа неодговорност, која со децении го парализира системот? И како воопшто да се бара одговорност за евентуални пропусти во услови на криза, кога државниот апарат постојано си ја потврдува својата дисфункционалност, дури и во мирновременски услови?

Она за што се притискало било решавано уште завчера. И тоа е единствената матрица на однесување која покажува извонредна отпорност на сите опожарувања на системот. Со забраната за движење низ шумите и со сервисирањето на авионите за гасење пожари нема да се реши проблемот, ниту ќе се ублажи. Уште при самата набавка на авионите требаше да се мисли на сервисирањето, а шумите требаше да се исчистат и да се заштитат од насобирање на самозапаливите и лесногорливите материјали што во огромна концентрација се присутни на секоја од неброените диви депонии. И уште еден пример на опожарениот систем. Никој сега не прашува што се случило со концептот за рано откривање шумски пожари, кој пред само нешто повеќе од две години, на големи ѕвона, од страна на владините претставници беше промовиран. Тоа се само некои од активностите коишто требаше да водат кон вистински решенија, а не кон импровизации кон кои тежнеат политичките елити и на кои тоа им е дозволено затоа што во услови на изгорена меморија, никој не сака да фрли поглед наназад и да прашува, да се заинтересира за ефектите од она што е или не е направено и да анализира со цел да ги искористи искуствата и ресурсите за одбрана од некои идни катастрофи.

[email protected]