Опасни пиромански игри

И покрај „ставањето во фиока“ на словенечкиот нонпејпер, потребно е ЕУ да се наврати сериозно на своите основни принципи во градењето односи со земјите-кандидатки за членство, без да конструира ситуации што личат на изговори за одложување на проширувањето. Игрите пали-гаси со Балканот се опасност за цела Европа!

Со изјавата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас дека Германија жестоко го отфрла прекројувањето на границите на Западен Балкан по етничка линија, се чини дека јавно, со европска релевантност е затворена страницата со наводниот словенечки нонпејпер, кој ги разбуди свежите сеќавања за опасниот потенцијал од активирањето на оваа идеја за наводно „побрзо интегрирање на земјите од регионот во ЕУ“. Развојниот круг на оваа старомодна идеја за прекројување на границите, навидум е затворен, или барем „ставен во фиока“, како што со бирократска метафора заклучува Мас.
Според наводниот документ, за кој никој не признава дека го испратил и добил, но речиси две седмици е предмет на анализа во регионалните и европските политичко-аналитички центри, создавањето на голема Србија, голема Албанија и голема Хрватска може да помогне во решавањето на националните тензии што ја блокираат интеграцијата во ЕУ во регионот. Од Брисел, за цело време од разоткривањето на „непостојниот“ словенечки документ, не се отстапува од ставот дека земјите-членки воопшто не разговарале за идејата за менување на границите на Западен Балкан. Премиерот на Словенија, пак, Јанез Јанша, кој беше посочен како „доставувач на идејата“ скроена во ултрадесничарските европски кругови до ЕУ, обидувајќи се да ја демантира својата инволвираност во случајот, обвинува дека слични, ако не и порадикални планови за регионот биле заговарани и во круговите на неговите идеолошки противници, кај регионалните европски левичари.

Категоричноста на германскиот министер за надворешни работи во изјавата, со која предупредува за „идејата дека работите може да се решат со нови линии на мапата не само што е нереална туку е опасно дури и да се започне оваа дискусија“, привидно е деактивирана експлозивната смеса, расфрлана низ Западнобалканскиот Регион. Сепак, новото навраќање на идејата, колку и да настојуваат сите вовлечени во аферата да си ги „измијат рацете“, потсетува дека на нејзиниот експлозивен потенцијал не му е поминат рокот на траење. Опасноста на таквиот потенцијал, во голем дел е скриен во арогантната увереност кај одредени европски групи дека „приспособувањата на границите ќе предизвика онолку проблеми колку што теоретски би можело да решат“. Во контекст на таквите теории, може да се слушнат и аргументи дека „сериозните политичари треба да земат предвид дека работите може да одат во погрешен правец, па затоа треба да разговараат за различни сценарија со нивните колеги од регионот“. Сепак, како заклучок, (не)постоењето на нонпејперот се релативизира со претпоставката дека „не мора да значи дека политичарите што ги разгледуваат таквите сценарија се за поделба на постојните земји“.
Во некои од анализите на можните ефекти и опасности на сценаријата за промена на границите на земјите од Западен Балкан (во кој припаѓа и Македонија, иако се чини дека во овој нонпејпер е само (ко)латерално зафатена), се предупредува дека предложените решенија можат да се претворат во несакано прелевање на места како Украина, каде што Русија го анектира Крим пред седум години и сè уште ги поддржува вооружените сепаратисти. Односно прекројувањето на границите на Западен Балкан би претставувало „подарен аргумент“ од ЕУ за ситуацијата што не ѝ ја одобрува на Русија и поради која веќе седум години односите се во релативно студена состојба.

Упатени познавачи на состојбите во Југоисточна Европа, како Флоријан Бибер, предупредуваат дека било многу ризично да се дискутира дури за заемно договорена промена на границата меѓу Косово и Србија, но тоа е уште поризично во Босна. Според Бибер, тоа ќе вклучува не само неконсензуален процес туку ќе влијае врз луѓето против нивната волја и ќе го надмине пристапот на меѓународната заедница што постои од 1991 година – дека не се прифатливи промени на границите по етничка линија! Сепак, сите анализи во овие две седмици од разоткривањето на словенечкиот нонпејпер завршуваат со предупредување за големата можност од нови етнички конфликти.

Целата афера и однесувањето на европските фактори околу (не)постојниот документ за прекројување на границите на Западен Балкан, личи на опасна пироманска игра со потпалување, па гасење на етничките страсти во регионот. Освен што повторно ја покажува надменоста на европската политика со предлози кои како пробни балони, фамозниот нонпејпер е уште еден показ на геополитичката импотентност на ЕУ, која со планови од 19 век му се наметнува на Балканот како кројач на неговата судбина, без притоа да се обиде да ги запамети вистинските „мерки на моделот“, а не пак да го гледа како рамноправен партнер за заедничка иднина. И покрај ставањето во фиока на нонпејперот, потребно е ЕУ да се наврати сериозно на своите основни принципи во градењето односи со земјите-кандидатки за членство, без да конструира ситуации што личат на изговори за одложување на проширувањето. Игрите пали-гаси со Балканот се опасност за цела Европа!