Опасни геополитички игри во Црно Море

Порошенко дури и отворено побара од НАТО да испрати бродови во Црно Море за да ѝ помогне на Украина. Од Алијансата засега не одговорија на ваквото барање, а малку е веројатно Киев да добие позитивен одговор

Истокот повторно не мирува, а деновиве сѐ погласно е ѕвечкањето со оружјето. Инцидентот во Керчанскиот Теснец е најнова ескалација на тензиите помеѓу Русија и Украина, кога станува збор за Крим. Првпат од почетокот на украинската криза, Русија и Украина директно се судрија, при што Киев „загуби“ неколку брода и дваесетина морнари. Исто така, Киев првпат прогласи воена состојба во делови на земјата, нешто што не беше направено ниту во екот на најжестоките борби на Истокот. Украинскиот претседател Петро Порошенко предупреди на опасноста од тотална војна со Русија, посочувајќи на „концентрацијата“ на руски сили по должината на границата. Порошенко дури и отворено побара од НАТО да испрати бродови во Црно Море за да ѝ помогне на Украина. Од Алијансата засега не одговорија на ваквото барање, а малку е веројатно Киев да добие позитивен одговор. И додека Порошенко се обидува да го зголеми влогот и да го вовлече НАТО во црноморската авантура, Москва обвинува за планирана провокација на украинските власти, кои сметаа на руската реакција. Но, и руската страна го зголемува влогот и најави распоредување на уште еден противракетен систем „с-400“ на Крим, покрај веќе постојните три системи што се наоѓаат на полуостровот.

И додека трае префрлањето на топката за инцидентот и лавината меѓусебни обвинувања и омаловажувања, се поставува логичното прашање – кому му одговара ваквата ситуација. Кој и за што сака да ја искористи ескалацијата на тензиите во Црно Море? Тешко е, барем засега, да се даде јасен одговор, а претстојниот период можеби малку ќе ни ја разјасни конфузната слика.

Сепак, за многумина руски, но и западни аналитичари, „главниот осомничен“ е претседателот Порошенко. Украинскиот лидер се соочува со катастрофално низок рејтинг, според последните анкети поддршката за него е 10 отсто, па можеби најновата (опасна) авантура е обид за подобрување на имиџот и додворување до електоратот. Посебно ако се земе предвид дека во март наредната година го очекуваат претседателски избори, кои, како што сега стојат работите, е на добар пат да ги загуби. Па, така, според добро испробаниот ПР-рецепт, малку „играње“ војна не пречи, а може добро да дојде и за дефокусирање на јавноста од лошата економска состојба во земјата и сѐ поголемата невработеност. Потоа и воведувањето воена состојба може да биде искористено за изборни цели, а сигурно ќе има големо влијание на политичката клима во земјата, посебно ако првичните 30 дена бидат продолжени за уште 30, па за уште 30 дена. Ваквиот чекор сигурно ќе има големо влијание на изборниот процес, како и на самата демократија во земјата.

Путин и Порошенко треба да бидат свесни дека играат опасна игра ако се обидуваат со ескалацијата на тензиите во Црно Море да си ги подобрат своите политички судбини. Сигурно се доволно упатени дека тешко се запира воената машинерија кога еднаш ќе биде ставена во погон. Случувањата и трагедиите од источните делови на Украина се доволна опомена да се запре пред да биде предоцна

Но, малку е веројатно дека Порошенко самоиницијативно влегува во опасните води, без, макар и премолчена, поддршка од западните пријатели. Подбуцнувањето и иритирањето на Москва се добри за одржувањето на тензиите и за држење на непријателот Русија постојано на штрек. Покрај тоа, нова „мала војна“ може добро да им послужи на некои западни лидери, за дефокусирање на вниманието од домашните проблеми. Американскиот претседател Доналд Трамп се соочува со сѐ подлабоката истрага за руските врски, а нејзините резултати може да бидат мошне непријатни за него. Тука е британската премиерка Тереза Меј, која најверојатно ги одбројува последните денови на функцијата и се соочува со сѐ поголем бунт кај пратениците, како опозициски, така и од нејзината Конзервативна партија, кои се незадоволни од постигнатиот договор за брегзит. Во ништо поубава ситуација не се наоѓа и францускиот претседател Емануел Макрон. Макрон се соочува со голем бран протести против поскапувањето на горивото, а рејтингот му е во постојан пад. Заинтересирани страни има многу што, пак, добро ќе дојде за пласирањето најразлични теории на заговор.

Но сликата не би била целосна, ако не се земе предвид и другата страна во најновата геополитичка „игра“ на светските моќници. Различни се мислењата за мотивите на рускиот претседател Владимир Путин, кој повторно покажа цврста рака. Некои од западните експерти сметаат дека Путин сака да ги блокира Азовско Море и источните индустриски пристаништа на Украина. Со таквиот чекор економски ќе го ослабне Киев и ќе ја демонстрира супериорната контрола на властите во Москва. Други оценуваат дека Кремљ исто така можеби реагира на украинските планови за изградба на нова поморска база во регионот. Сето ова можеби е само дел од долгорочната стратегија за потиснување на НАТО од црноморскиот регион. Од друга страна, Путин на домашен план се соочува намалување на рејтингот, тензии поради пензиските реформи и економски проблеми предизвикани од санкциите од Западот. Поддршката за рускиот лидер значително се зголеми по припојувањето на Крим, па можеби се обидува повторно да го изведе истиот трик.

Многу мотиви, вистински и лажни, како и многу заинтересирани страни. Но, Путин и Порошенко треба да бидат свесни дека играат опасна игра ако се обидуваат со ескалацијата на тензиите во Црно Море да си ги подобрат своите политички судбини. Сигурно се доволно упатени дека тешко се запира воената машинерија кога еднаш ќе биде ставена во погон. Случувањата и трагедиите од источните делови на Украина се доволна опомена да се запре пред да биде предоцна.