Од Рамна нива до НАТО

Македонската армија изоди трнлив пат за да стигне онаму каде што е денес во предворјето на НАТО. Симболиката е дотолку поголема што токму во март пред 27 години односно на денешен датум, 6 март, беше преземен првиот воен објект – зградата на републичкиот и градскиот штаб на ТО во Скопје, а на 11 март и првата караула Рамна нива на македонско-бугарската граница, во процесот на раздружување со СФРЈ. На 26 март, припадниците на ТО на општината Чаир, во Скопје, го презедоа и последниот, но и најголем воен објект – сегашната касарна „Илинден“. Како почна, каде стигна и што уште треба да направи македонската војка за да биде рамо до рамо со сојузниците

„Армијата е вистинскиот благородник на секоја држава, а не нејзиниот владетел“. Ова е една од познатите мисли на францускиот војсководец Наполеон Бонапарта. Се разбира, со текот на времињата, се менувале општествените услови и околностите, улогата и задачите на вооружените сили низ светот.
Во однос на третманот на вооружените сили вреди да се спомене и изјавата на поранешниот лидер на СФРЈ, кој тврдеше дека секоја земја треба постојано да работи за мирот и да живееме како 100 години да ќе има мир, но истовремено да се подготвува и како утре да ќе има војна. Подготвеноста на вооружените сили, се разбира, во одбранбена функција и за зачувување на интегритетот и суверенитетот на земјата се наметнува како интересна тема за опсервација и во контекст на нашето зачленување во НАТО. Кои промени и обврски треба да ги направи нашата армија за да ги исполни критериумите на НАТО, но и каков пат изоди македонската армија досега за да стигнеме дотука. Симболиката е дотолку поголема што токму во март пред 27 години, македонската армија го започна својот трнлив пат и пробив до НАТО, односно на 6 март беше преземен првиот воен објект – зградата на републичкиот и градскиот штаб на ТО во Скопје, по одвојувањето од СФРЈ.

АРМ денес е проектирана на 8.000 војници, таа е професионална, ефикасна, посветена на безбедноста и успешно се справува и со други предизвици – од мигрантски бранови до санирање на последици од елементарни непогоди. Нашата војска започна да егзистира со недостиг од основни средства и оружје, Армијата на Македонија ги направи првите чекори пред 27 години. Таа израсна врз пепелта што ја остави бившата ЈНА, која замина со сето оружје и опрема од Македонија. На 21 февруари 1992 година, тогашниот македонски претседател Киро Глигоров и претставникот на федералната армија, генерал Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15 април. ЈНА целосно се повлече на 27 март 1992 година, кога Македонија ја напушти и нејзиниот последен војник. Претходно, македонските војници организирани во територијална одбрана (ТО) успешно го извршија преземањето на границите и на воените објекти. На 6 март беше преземен првиот воен објект – зградата на републичкиот и градскиот штаб на ТО во Скопје, а на 11 март и првата караула Рамна нива на македонско-бугарската граница. На 26 март припадниците на ТО на општината Чаир во Скопје го презедоа и последниот, но и најголем воен објект – сегашната касарна „Илинден“. На 14 април во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут – Пане Јамадиев од Велес, а на 15 април во касарните во Скопје, Битола, Штип и во Охрид веќе беше примена првата генерација млади војници во АРМ, со што и почна формирањето на вооружените сили на Република Македонија. За роденден на АРМ е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина, во областа Дебарца, бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија.

Македонската војска со огромна посветеност и ентузијазам стана практично кандидат за членство уште од 1999 година, истата година кога заедно со Албанија му се придружи на Акцискиот план за членство (МАП). Тирана и Загреб добија покана во 2008 година и во 2009 година станаа полноправни членки, додека Црна Гора, која се приклучи кон МАП во 2009 година, веќе во 2017 година стана членка на НАТО.
Во процесот за зачленување во Алијансата ние ги исполнивме сите можни услови што постојат. АРМ од година на година и на секое оценување од НАТО добива сѐ повисоки бројки за подготвеноста и професионалноста на нашите војници, во споредба, на пример, со друга балканска држава, како Словенија, која иако е земја-членка на Алијансата и на ЕУ во 2018 година од командата на сојузот беше критикувана дека нејзината војска не ги достигнува нивоата на дејствување што ги бара НАТО.

Натаму, веќе 17 години учествува во мировни мисии за кои добива високи признанија, а за тоа сведочат и над 2.000 ордени и медали доделени за успешно спроведени воени мисии на припадниците на АРМ. Во анкетите што го испитуваат јавното мислење, АРМ е во врвот според довербата што ја има кај граѓаните.
Сепак, познавачите на случувањата имаат обичај да истакнат дека овој успех на нашата војска повеќе се крепи на силен ентузијазам, отколку на софистицирана опрема, која практично и ја немавме на самиот почеток. Модернизацијата на АРМ со години е заборавена, бидејќи таа тешко може да се оствари и за неа се потребни огромни финансиски издатоци. Во овој момент нам ни е потребна темелна модернизација на опремата на војската.

Во изјавите на големиот број домашни безбедносни аналитичари можат да се сумираат информации, кои велат дека на АРМ сега ѝ недостигаат 50 тона оклопни транспортери и уште толку борбени возила, немаме нови беспилотни летала и супермодерни дронови, недостигаат современи авиотранспортери на војници за далечните мировните мисии, недостигаат лични дигитални уреди за секој војник, немаме ниту нови радари од секаков вид, а истовремено и располагаме со опрема што треба да се моденизира ако сакаме успешно да ги превенираме сабјер-заканите.

Постои едно верување, пласирано во јавноста, кое вели дека со членството ќе се решат сите наши безбедносни проблеми и загатки, а таквата претпоставка не може да е подалеку од реалноста бидејќи нѐ доведува во ситуација да помислиме дека иако е сојузничка некоја друга војска од НАТО со нивна опрема нам ќе ни биде бедем за безбедноста на државата.

Но доколку навистина сакаме да сме рамо до рамо со сојузниците и да бидеме вистински партнери во ова големо семејство на моќни државни, а не нивен товар, ние мора уште многу да сработиме на домашен план. И тоа во насока на владеењето на правото, интензивен и висок раст на економијата и во делот на реформите и модернизацијата на одбраната и армијата. На тој начин само ќе го додадеме последното парче во мозаикот и рамо до рамо, горди, достоинствени, економски стабилни, ќе сме еднакви со сојузниците, а не маргинализирани и седнати на ќошето од масата на НАТО како што можеби некои посакуваат да нѐ видат.