Одговорноста пред сѐ

Сите инцидентни ситуации во последниов период, околу (не)почитувањето на мерките и протоколите за превенција од пандемијата, од една страна можеби укажуваат на олабавеност и неодговорност кај дел од граѓаните, но исто така покажуваат и нејасни и недоследни стратегии на властите во справувањето со предизвиците на пандемијата, со која се соочуваме осум месеци, а сѐ уште нема најави за нејзино завршување

Што е она што го предизвикува повторниот пораст на бројката на новозаразени од коронавирусот, од почетокот на есента? „Храброста“, поткрепена од скептицизмот за постоењето и последиците од вирусот, и покрај фактот што веќе седум-осум месеци целиот свет и СЗО не се осмелуваат да прогласат крај на пандемијата, и понатаму претставува темпирана бомба за здравствените системи, особено сега, кога со очекуваното заладување доаѓа и вообичаената сезона на настинки, грипови и други вируси. Иако досегашното колективно и лично искуство со мерките за справување со пандемијата можеби ни создаде привид на одредена самоувереност и „сопствен начин на справување со заканата“, наспроти стручните мерки и препораки, таквата олабавеност многу лесно може да предизвика несакана здравствена ситуација, која ќе покаже дека таквиот однос бил само несовесност и кон себеси и кон општеството.
Зголемувањето на бројот на новозаразени, но и зачестеното непочитување на протоколите за заштита од вирусот во сѐ повеќе угостителски објекти, како и на организирани јавни настапи, ги предизвика здравствените власти во Македонија да го подигнат нивото на превентивните мерките.

Според министерот за здравство, Венко Филипче, препораките за новите мерки целосно се темелат врз анализата на епидемиолошката состојба и епидемиолошките анкети од новите инфицирани лица со ковид-19. Трансмисија на вирусот се случува најмногу помеѓу граѓаните на возраст од 20 до 40 години, а епидемиолошките анкети укажуваат дека причината е често непочитување на мерките за групирање или посетување настани и забави. Таквите сознанија беа причина за Владата да донесе нови рестрикции за работата на угостителските објекти во земјава. Забрането е гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, јачината на музиката да се ограничи до 55 децибели и да се намали бројот на лица што можат да седат на една маса од 12 на четворица, забрането е и стоење на шанк… Освен тоа, министерот за здравство посочи дека ситуацијата се следи и можно е понатаму да се воведат и дополнителни мерки, како ограничување на работата на одредени економски субјекти и на бројот на луѓето во јавниот превоз, како и мерката за носење маски на отворено.
Очекувано, ваквите мерки на Владата предизвикаа реакции на незадоволство, пред сѐ, во угостителскиот сектор. Од Независната угостителска комора дури најавија и доброволно затворање на објектите на две недели, како израз на револт на мерките за ограничување на работата на локалите, нарекувајќи ги „крпеници од протоколи“. Од НУК сметаат дека новите ограничувања нема да го решат зголемениот број на заболени, туку ќе ги поттикнат младите и гостите на угостителските објекти да бараат алтернативни решенија за дружење и забава, како што се групни и масовни собирања на приватни забави, по паркови, паркинзи и возила без никаква контрола и никакви механизми за заштита од коронавирусот.

На ваквата дебата меѓу угостителите и македонските здравствени власти воопшто не ѝ оди во прилог новиот есенски бран на пандемијата во Европа (и во целиот свет), каде што веднаш се применуваат мерки со целосно затварање на баровите и рестораните, а на многу места веќе има нови вонредни состојби. Според изјавите, целта на македонската комисија за заразни болести е со помеки мерки, а не преку целосно затворање на угостителските објекти да се намали ризикот за ширење на вирусот, а индустријата да може да работи.
Сепак, во ситуација кога се воведуваат дополнителни рестриктивни мерки за работа на домашните угостителски објекти и се размислува за нов и поефикасен начин за казнување на прекршителите, сосема е контрадикторно во исто време, истата комисија за заразни болести да предлага до Владата да се отворат границите на Македонија со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без ПЦР-тестирање. Аргументот за ваквиот предлог на Министерството за здравство е дека анализите во моментов покажале дека нема висок број увезени случаи во земјава со ковид-19 од овие земји, па, според тоа, „нема ризик и безбедно е отворањето на границите“. Дополнителна аргументација е и дека во Европската Унија сите граници на движење се без ПЦР-тестирање. Но и понатаму ваквиот предлог е контрадикторен, со оглед на ноторната состојба дека македонските граѓани без ковид-тест може да влезат само во Албанија и во Србија, додека во Бугарија не е дозволен влез без ПЦР-тест направен 72 часа пред пристигнувањето. Патувањето во земји од ЕУ за македонските граѓани е уште построго регулирано и обично подразбира најмалку двонеделен карантин.

Сите овие инцидентни ситуации во последниов период, околу (не)почитувањето на мерките и протоколите за превенција од пандемијата, од една страна можеби укажуваат на олабавеност и неодговорност кај дел од граѓаните, но исто така покажуваат и нејасни и недоследни стратегии на властите во справувањето со предизвиците на пандемијата, со која се соочуваме осум месеци, а сѐ уште нема најави за нејзино завршување. Нејасните стратегии и контрадикторните мерки можат да создадат впечаток на несериозност, што остава простор и за неодговорно однесување на граѓаните. Таквиот впечаток е засилен и со одложениот почеток на учебната година и (не)очекуваните предизвици што се појавија со платформата за настава на далечина, која беше подготвена за три седмици, иако физичката настава во училиштата престана уште во март, годинава.
Одговорноста и доследноста во почитувањето на мерките за превенција е иманентна во борбата со пандемијата, која и покрај сѐ што сме направиле досега, и понатаму останува наша и светска реалност.