Одбојката се враќа?

Сега следува слаткиот, но паралелно и потешкиот дел за овој спорт. Прво ќе биде „слаткиот“ настап на Европското првенство, каде што ќе се игра со најдобрите, на натпреварите во многу посилна конкуренција. Но, во меѓувреме следува потешкиот дел, огромна работа во заднина за да биде искористен исчекорот напред за нов скок во истиот правец, а тој би дошол прво со зголемување на базата. Во периодот што следува одбојкарите имаат голема шанса да му го вратат сјајот на одамна заборавениот скапоцен камен во македонскиот спорт

Во првиот месец од предолимписката 2019 година, македонските репрезентации имаа забележителни настапи во два тимски спорта. Кратко потсетување: одбојкарската селекција првпат во својата историја обезбеди пласман на едно европско првенство, а ракометната на шестото учество на светските шампионати (единаесетто вкупно големо натпреварување, заедно со европските првенства и рекордно осмо во низа) се пласира на 15-то место на планетата.

Одбојката е еден од најуспешните екипни спортови во минатиот век во Македонија, со настапите во натпреварувањата во некогашна СФР Југославија, и најуспешен во Европа во тој период. Сега, особено по ждрепката на групите на Европското првенство пораснаа и апетитите и се најавува и напад на пласман во осминафиналето. Тоа, сепак, сега е помалку важно во моментов.

Успехот е голем и е апсолутно заслужен, поради сѐ што беше вложено во изминатите години. Со пласманот на континенталниот шампионат одбојкарите им се приклучија на ракометарите, кои се редовни учесници на најголемите европски и светски првенства, потоа и на кошаркарите, кои сега се „на пауза“, но од неодамна виденото „се враќаат за пет минути“, а и на фудбалерите до 21 година, кои по тој успех се основата на сениорската селекција, но станаа и најава за „квантен скок“ и на А-тимот, кој е на неверојатни само 180 минути до пласман на Европското првенство во 2020 година.
Резултатот на одбојкарите не е дојден од никаде. Македонија има одбојкарски ген. Да не е така немаше да има успешни тимови и поединци во минатото. На пример во поранешна СФР Југославија Македонија имаше, како ретко која тогашна република, неколку прволигаши, Вардар, Работнички, Струмица, Борец… Во еден период три тима одеднаш играа во најсилната лига и тоа три сезони по ред (во фудбалот и во кошарката, на пример, Македонија најмногу имала по два прволигашки тима истовремено во првенствата на поранешната држава, не подолго од две сезони во низа).

Пред околу 40 години една генерација, како што би рекол своевремено еден од најдобрите светски одбојкари Владимир Богоевски, „израсната на леб, сирење и на домат“, соединета во Вардар освои шампионска титула во 1976 година, а три години подоцна и трофеј во Купот на СФРЈ. Згора, тимот беше и четврти во Европа, по настапот на фајналфорот во Купот на шампионите пред 42 години.

Богоевски и Александар Тасевски беа незаменливи во тогашната репрезентација на СФРЈ, која со Богоевски во составот освои бронзен медал на Европското првенство во 1975 година, потоа уште и со Тасевски и Горан Србиновски и на Европското првенство во 1979 година и беше шеста на Летните олимписки игри во 1980 година. Богоевски долго време беше и капитен на репрезентацијата. И во самостојна Македонија продолжија успесите, па Работнички играше на фајналфор-турнирите во тогашниот Топ-тимс куп (во тој момент втор по квалитет во Европа), со Јошко Миленкоски како тренер.

Сево ова значи дека одбојкарска традиција постои во Македонија. Сега треба сето тоа полека да почне да се ревитализира и да се надградува во центрите, клубовите, училиштата… Јасно е дека за такво нешто е потребна и поголема поддршка од институциите и од компаниите.

Одбојката во Македонија е и парадоксален спорт. Предвидувањата за успешност на еден спорт се темелат на широчината на базата, односно колку повеќе млади се занимаваат со некој спорт, толку подобар (повисок) резултат ќе постигнат врвните изданоци (поединци, тимови или репрезентации). Таа база во одбојката е мала, но врвот е изненадувачки висок. Да е поинаку може само да се претпоставува, но и да се насетува, колкав успех би имала одбојката во Македонија. А тие, одбојкарите, само покажуваат дека фокусот неправедно не е врз нив.

Сега следува слаткиот, но паралелно и потешкиот дел за овој спорт. Прво ќе биде „слаткиот“ настап на Европското првенство (групата на Македонија ќе се игра во Љубљана), каде што ќе се игра со најдобрите, на натпреварите во многу посилна конкуренција. Но, во меѓувреме следува потешкиот дел, огромна работа во заднина за да биде искористен исчекорот напред за нов скок во истиот правец, а тој би дошол прво со зголемување на базата.

Во периодот што следува одбојкарите имаат голема шанса да му го вратат сјајот на одамна заборавениот скапоцен камен во македонскиот спорт.

Во ракометот, пак, работите се поинаку и од одамна подредени, особено во еден клуб, па работата за одржување на континуитетот е децениско секојдневие во оваа залетана македонска спортска локомотива. Веќе десетина години како на лента доаѓаат млади што сега се во А-тимот, на прагот сѐ уште неколкумина, а засилено се работи и на следните генерации во спортот број еден во Македонија.

Сите спортски успеси се должат на работа и спортот, како и животот, е постојано докажување.