Огледалото на Брисел

Многу неправди, уцени, притисоци, условувања се преломија изминативе години врз грбот на Македонија. Европската Унија мора да се замисли додека се огледува пред сопственото огледало на вистината и правото. ЕУ сега треба да одбере дали ќе го поддржува напредокот или уназадувањето. Ќе оди напред или ќе се враќа назад? Ќе се развива или ќе се блокира…

Наспроти сите очекувања дека на последниот совет на Европа дека ќе надвладеат разумот, принципите на меѓународното право, во однос на македонските аспирации за влез во Унијата, сепак се чини повторно задуваа старите ретроградни ветришта, кои ги оддуваа сите принципи и критериуми на кои се темели Унијата.
Овие ветрови предизвикани од бугарското вето очигледно се посилни од столбовите на кои се темели ЕУ, па дури и од моќта и влијанието на самото германско претседателство со заедницата. Тесноградите политички играрии по принципот „јас тебе, ти мене“, внатре во Унијата, очигледно ги нарушија и самите столбови врз кои е поставена Унијата и се спротивставија на сите цивилизациските придобивки на ЕУ. Унијата во своите последни заклучоци ја наметнува историјата пред иднината или, со други зборови, ѝ дозволува на Бугарија да продолжи со уцените токму во делот на историските прашања, кои се протнуваат и во преговарачката рамка за Македонија. Тоа практично значи дека Македонија нема да добие зелено светло во ЕУ сѐ додека на ги исполни бугарските уцени, кои се апсурдни и неприфатливи за Македонија.
Па, во тој правец е и констатацијата на македонскиот претседател Стево Пендаровски во своето годишно обраќање, кој напомена дека членството во ниту една организација не е вредно ако од нас се бара да се обезличиме. Шефот на државата рече дека во целокупниот македонски политички врв, во власта и во опозицијата, тој не познава ниту еден што е подготвен да тргува со најсветите работи за секој Македонец.

Слично тврдење имаше и премиерот Зоран Заев, кој во своето обраќање по повод отчетот за 100 дена од новата влада напомена дека за идентитетот, јазикот, националната посебност нема да се разговара ниту преговара и додаде дека, без разлика на исходот од преговорите со ЕУ, ќе го донесеме најдоброто од Европа дома.
Во меѓувреме, одлуките во Европскиот совет како самит на шефовите на државите или владите се донесуваат по пат на консензус, што значи дека сите држави се согласуваат околу одлуките. Сепак, недоразбирањата за крајните решенија се честа појава во рамките на ЕУ. Она што загрижува е практиката на тргање настрана или занемарување на општоприфатените критериуми, стандарди и меѓународното право во самата Европска Унија. Така, државите во меѓународните организации како по навика отсекогаш лесно се „помирувале“ меѓу себе кога ги решавале проблемите на третите земји, особено оние што аспирирале за членство во Унијата, како Македонија. Знаејќи ги сите политички игри во ЕУ, не е случајна ни мудроста на онаа народна изрека што вели дека „врана на врана очи не ѝ вади“. Или по туѓ грб и сто стапа се малку.
Многу неправди, уцени, притисоци, условување се преломија изминативе години врз грбот на Македонија.
Европската Унија мора да се замисли додека се огледува пред сопственото огледало на вистината, кое испраќа порака дека Европскиот совет е толку немоќен против активирање на ветото на некоја своја членка.
По овие настани се чини ќе остане запишано во историјата и врежано во главите на повеќе генерации дека ЕУ била немоќна пред уцените на Бугарија и не успеала да ја оттргне неправилната блокада кон Македонија на европскиот пат, иако единствено Софија и никоја друг од 27-те членки на ЕУ не го подржува овој чин. Излегува дека за да станеме членка, би требало целосно да се обезличиме и да потклекнеме на сите меѓународни притисоци што ја допираат срцевината на нашиот идентитет, јазик, историја и посебност како народ.

Сето ова е разочарувачко и за Европа, но и за Македонија, како и за сите земји од Балканот што сѐ уште се борат да испливаат во водите на пристапните преговори. Европската Унија, наспроти песимистичките најави, сега би требало да се врати на своите првични позиции, за која е и формирана од државите на Стариот Континент, и да биде т.н. „стожер на политиките“ што ги зачувуваат основните европски вредности. Дејствувањето на ЕУ во позитивен контекст кон Македонија не смее да дојде предоцна.
Сега лидерите на Брисел треба да се исправат пред својата морална цел и да им помогнат на Македонија и на нашето општество, кое во моментов минува низ траума предизвикана од двојните стандарди на Унијата, со чии блокади се замаскираа бугарските национални, политички дивоградби, а дури и одредени криминални активности на бугарските институции, за кои веќе алармираа токму бугарски политичари и интелектуалци. ЕУ сега треба да одбере дали ќе го поддржува напредокот или уназадувањето. Ќе оди напред или ќе се враќа назад?
Со откочувањето на македонската блокада од Бугарија, Брисел би покажал дека евроскептиците грешат, а европерспективите и проширувањето на Унијата никогаш не биле доведени во прашање.

[email protected]