Образовни промени само на здрава основа

Светот се развива толку брзо што големите образовни системи не можат толку брзо да се менуваат и приспособуваат на современите текови. Брзиот развој на технологијата и глобализацијата постојано наметнуваат и бараат да се применуваат нови политики во образованието, а од тие политики зависи иднината на општествата. Непроменливоста, неможноста за приспособување е бесмислена во ова време. А со образованието започнува сѐ, таму е основата на сѐ. Ние се обидуваме низ годиниве да го менуваме и приспособуваме, но работите некако тешко се придвижуваат. Она што го покажа времето е дека сме успешни во бројноста на експерименти низ годините, кои, евидентно, не носат подобрувања во однос на квалитетот, а носат, главно, неповолни образовни исходи

Воведувањето промени во образовните системи е предизвик за многу држави. Светот се развива толку брзо што големите образовни системи не можат толку брзо да се менуваат и приспособуваат на современите текови. Брзиот развој на технологијата и глобализацијата постојано наметнуваат и бараат да се применуваат нови политики во образованието, а од тие политики зависи иднината на општествата. Непроменливоста, неможноста за приспособување е бесмислена во ова време. А со образованието започнува сѐ, таму е основата на сѐ. Ние се обидуваме низ годиниве нешто да менуваме и да приспособуваме, но работите некако тешко се придвижуваат. Она што го покажа времето е дека сме успешни во бројноста на експерименти низ годините, кои, евидентно, не носат подобрувања во однос на квалитетот, а носат, главно, неповолни образовни исходи. Учењето за оценка наместо за знаење и слабите резултати на меѓународно ниво се само некои од нив.
Во нашето општество досега многупати политичарите ја изневерија довербата на наставниците, родителите, на стручната јавност, преку најразличните опити, мерки и т.н. реформи што се обидоа да ги воведат. Многу од нив звучеа како добра идеја во почетокот, но не успеаја да заживеат поради недостигот од капацитет да се истуркаат здраво, како што треба. Во теорија, некои од тие идеи беа одлични, во практика – не профункционираа. А довербата на наставниците е нешто што треба да се заслужи, па, затоа, разбирливо е да ги слушаме да велат дека им е смачено од промени што во суштина не донеле ништо добро на краток и на долг рок.

Тоа што ни треба се промени поставени на здрава основа. Затоа можеби треба да се размисли за пилотирање на концепцијата за основното образование, пред да се воведе како системско решение. Кога производителот на автомобили треба да пушти во продажба ново возило, прво го тестира повеќепати пред да го стави на улица и да го пушти во сообраќај, за да види што треба да се исправи и поправи за да биде комплетно функционално. Промени се потребни, но дали ваквата радикална замена на цел образовен модел што се прави кај нас, а за чии подготовки надлежните имаат само неколку месеци, навистина може да донесе квалитет?
Во 2007-та, во Македонија беше подготвена и применета концепцијата за деветгодишно образование. Тогашните директори и експерти од Бирото за развој на образованието одеа на состаноци во Словенија, од каде што „го донесоа“ деветгодишното образование. И тогаш, како и сега, познавачите на состојбите во образованието предупредуваа дека не постои цврст доказ дека тоа би донело напредок и дека такво нешто може да функционира кај нас. Предупредуваа дека ние ги немаме потребните просторни услови, ресурси, материјали, квалитетно едуциран и обучен кадар за таква крупна промена. Сепак, промената се случи, а години подоцна, во комбинација со воведените Кембриџ-програми (кои, нели, беа направени специјално за Македонија од страна на Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ и по кои учат веќе неколку генерации ученици), се покажа дека образованието произведува петкаши со „слаби“ знаења, а токму тоа се потврдува на меѓународните тестирања, каде што нашите деца си ги мерат силите со врсниците од други земји во светот. Токму затоа не треба да се брза со воведување промени. Неоспорно е дека се потребни, но кога се прават за неколку месеци, може да нанесат ненадоместлива штета на долг рок.

Тоа што ни треба се промени поставени на здрава основа. Затоа можеби треба да се размисли за пилотирање на концепцијата за основното образование пред да се воведе како системско решение. Кога производителот на автомобили треба да пушти во продажба ново возило, прво го тестира повеќепати пред да го стави на улица и да го пушти во сообраќај, за да види што треба да се исправи и поправи за да биде комплетно функционално

Она што звучи добро, а произлегува од концепцијата за основното образование, е автономијата на наставникот. Но ако намерата е вистински во практика тој да биде сосема слободен во она што го работи и ако намерата е промените во системот на образование да бидат сериозни, мора да се искорени и партизацијата на образованието. Не може да се очекува наставникот да е автономен и самостојно да одлучува и да не се плаши ако во исто време директорот на училиштето, кој е партиски поставен, од позиција на моќ, му ја ограничува слободата.
Новиот план за реформирано образование мора да обезбедува и задолжително стручно усовршување на сите наставници. Неопходно е постојано да се надградува нивното знаење, но тоа да не се прави со еднодневни или дводневни обуки, туку да се прави низ еден процес на доедукација. Тоа е процес што треба да се одвива паралелно со внимателното и постепено воведување на промените што се однесуваат на учењето. Кариерното напредување во професијата е добар чекор напред, но стручното усовршување на сите наставници треба да е континуирано. Тоа ќе придонесе квалитетот да дојде до израз, но и самите тие ќе бидат помотивирани и попочитувани.