Образовен систем

Во делот за наставата и учењето, во последниот извештај, има и нова слаба страна, а тоа е дека најголемиот број наставници не изработуваат и не користат критериуми за оценување. Бидејќи сѐ друго е како што треба, па недостигаше само уште да знаеме дека наставниците произволно им ставаат оценки на учениците. По ова, Министерството за образование и наука треба да направи анализа, за тоа која е причината поради која наставниците не оценуваат според критериуми, иако тие се јасно наведени и дадени од Бирото за развој на образованието

„За остварување на образовните цели, училиштата недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на кембриџ-програмата по дадените наставни предмети. Исто така, наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, а родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата“. На оваа констатација стои потписот на првиот човек на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски, во последниот извештај за квалитетот на воспитно-образовниот процес во македонските училишта. Освен забелешките за Кембриџ, во овој извештај се впишани сите јаки и слаби страни на системот. Слабите, во најголем дел, се повторуваат од година на година бидејќи, очигледно, институциите, чија работа е тоа, не се ангажираат доволно да ја променат ваквата слика.

Како клучен проблем во низата е сликата за средното стручно образование, каде што изминативе години не гледаме некакви крупни поместувања. Во извештајот стои дека нема доволно нагледни средства и помагала за реализација на практичната настава, а недоволна е и соработката со компаниите каде што треба да се реализира обука на што треба да се поработи. Практичната настава во средните стручни училишта не се реализира најдобро во и надвор од училишните објекти. Во поголемиот број средни училишта понудените проектни активности и слободни часови не се во насока на проширување на знаењата на учениците од струката и не се реализираат според предвидениот распоред и динамика, дополнителната настава се планира, но не се реализира. За некои од наставните предмети сѐ уште нема обезбедено соодветен наставен кадар. Иако многу од овие работи се провлекуваат со години, сепак, нема крупни промени во насока на подобрување на состојбите во средното стручно образование.

Проблемите во системот се многубројни. Од првите луѓе на овој ресор постојано слушаме како зборуваат за квалитетно образование. Но ако навистина им е важен квалитетот, крајно време е тој и практично да им стане приоритет

Потоа, инспекторите констатирале уште нешто што е познато со години и кое веќе одамна требаше да се реши. Нефункционалната компјутерска опрема во училиштата е причина за немањето соодветна настава со компјутери по сите предмети. ИКТ-настава ретко каде се изведува со оглед на тоа дека, едноставно, нема опрема. За апсурдот да е поголем, законски, наставниците мора 30 отсто од наставата да ја изведуваат на компјутер. Наставниците импровизираат, носат лаптопи од дома за да им го покажат на децата тоа што го учат, а децата, пак, носат паметни телефони со кои пребаруваат тоа што можат и им треба. Најмногу од уредите од проектот „Компјутер за секое дете“ се во ѓубре, другите се стари и дотраени. Досега нема најави за набавка на нова опрема, иако информатичарите постојано предупредуваат дека нема иднина без технологија, односно, дека без компјутери нема интересна настава, нема креативно образование, креирање и учење преку истражување.

Во делот за наставата и учењето, со последниов извештај има и нова слаба страна, а тоа е дека најголемиот број наставници не изработуваат и не користат критериуми за оценување. Бидејќи сѐ друго е како што треба, па недостигаше само уште да знаеме дека наставниците произволно им ставаат оценки на учениците. По ова, одговорните во Министерството за образование и наука треба да проверат на што се должи ова, што е причината што наставниците не оценуваат според критериуми, иако тие се јасно наведени и дадени од Бирото за развој на образованието.

Кога станува збор за училишната клима, како слаба страна е наведено дека училиштата не им обезбедуваат на учениците јасни, точни и најнови информации за можност за понатамошно образование, доусовршување или вработување. И ова е одамна познато, а и многупати укажувано. Професионална ориентација мора да постои како механизам преку кој, во согласност со вештините и афинитетите на учениците, ќе се знае во која насока би можеле да продолжат со своето образование. За професионална ориентација само се зборува, но примена во практика, не видовме. Освен тоа, во извештајот е наведено дека училиштата недоволно соработуваат со деловната заедница и со невладиниот сектор.

Инспекторите констатирале и дека нема учебници по голем број наставни предмети во училиштата. Му дале препорака на Министерството за образование и наука, заедно со Педагошката служба, Бирото за развој на образованието и Центарот за средно стручно образование, да изработи учебници бидејќи тие се основно наставно средство. Исто така, посочено е дека училиштата не користат стандардизирани тестови при упис на децата во прво одделение. Освен тоа, слободните часови и проектните активности се користат за дополнување до полн фонд часови на наставниот кадар, наместо за проширување на знаењата, умеењата и вештините на учениците. Поголемиот број училишни библиотеки не водат електронска евиденција и има недостиг од лектирни изданија и стручна литература. Во некои училишта менторите недоволно ја следат работата на приправниците, а во некои од нив, не постои интерна процедура за упатување на наставниците за професионално усовршување…

Проблемите во системот се многубројни. Од првите луѓе на овој ресор постојано слушаме како зборуваат за квалитетно образование. Но ако навистина им е важен квалитетот, крајно време е тој и практично да им стане приоритет.