Образование на респиратор

Слабите образовни системи како нашиот и во нормални услови едвај произведат квалитетни единки. Непотребни и малку теоретски знаења, како и заборавање на потребните апликативни вештини се белези на таквите образовни системи. Произведените единки на таков начин се нефункционални и неупотребливи за секој сегмент на државата за каде што „учеле и се обучувале“.
Кога слабите државни односно образовни системи ќе се соочат со криза како оваа со коронавирусот, тогаш образованието влегува во целосен колапс

Образованието, стожерот на општеството, периодов ни функционира во вонредни услови, како и сѐ друго. Ако до пред 10 март (кога беше донесена одлуката да се затворат градинките, училиштата и факултетите) овој систем беше на кислородна поддршка, сега тој е поставен на респиратор. А од респиратор досега „никој не се извлекол“. Си важи сѐ уште и она – какво ни е образованието таква ни е државата.
Зошто е вака како што е? Да погледнеме реално како стојат работите.
Основно образование, втор месец настава онлајн. Се бара од сите нас да се однесуваме како сѐ да е нормално и во ред, а не е. Просветните работници носат огромен товар на грб. Се бара од нив да ја реализираат програмата, да не се прескокнува од материјата, а реално, нема соодветни услови за да биде таа пренесена и усвоена од учениците како што треба. Сите мора да водат електронска евиденција за сѐ, како што водат и во нормални услови.

Во предметната настава е потешко, има многу предмети, многу домашни и многу повеќе главоболки и за родителите, и за нивните деца, и за наставниците. Има наставници што сѐ уште не одржале ниту еден час, а за кратко време треба да ги оценат учениците, за што образовните власти веќе објавија и упатство за оценување. Министерот Арбер Адеми на последната прес-конференција рече дека „онлајн-наставата успешно се реализира во сите училишта“, а веќе во следната реченица најави дека на 3.000 ученици во државата ќе им бидат доделени таблет-компјутери. Тоа значи дека 3.000 деца во моментов не следат настава оти немаат како.
Средно образование. Овде проблемите се поголеми. Учење, што беше тоа? Средношколците решаваат тестови со 30 прашања за 15 минути, имаат тешкотии во снаоѓањето со учењето и решавањето тестови. Немаат доволно време да го решат тестот, оценувањата се нереални, а има и проблеми технички при поврзувањето во системот за следење настава, учење и за тестирање.

Како што коментира еден родител со игра на зборови, „ова не е учење, ова е неучење“. Контролните задачи и тестови не се со истата тежина ако се споредат со оние што им биле давани во училница. Имаат по 12-13 предмети, некои професори се ангажираат и наоѓаат начини да ја одржат наставата, но голем дел од нив даваат отпор и воопшто не се трудат да работат.
Високо образование. Онлајн-предавања и консултации на Зум, Скајп, Вибер. Овде и властите и студентите се на иста страна – не сакаат да се брза со полагањето испити, велат сега е важно професорите да се толерантни и флексибилни со нивните студенти. Од сево ова сите губат, па во моментов е најважно загубите да бидат што помали.
Сево ова наброено погоре функционира на таков начин во многу држави, кои имаат образовни системи многу поразвиени од нашиот. По дефиниција, државата треба да испорачува квалитетно образование и тоа треба да умее да го прави и во редовни, но и во вонредни услови.

Ни требаат стабилни образовни политики, кои се долгорочни, флексибилни и целисходни. Потребно е сево ова да го работат и да го водат најквалитетните луѓе што ги имаме од областа на образованието и кои се бескомпромисни во спроведување на тие политики. Во право се образовните експерти кога велат дека никој сам во овие моменти не може да донесе одлука или да каже што треба да се прави

Образовниот систем има задача да произведува самосвесни поединци со критичко размислување, конкурентни, кои умеат брзо да се адаптираат на општествените промени, а ова се постигнува со поставување стабилни темели. Образовните системи не смее да бидат колатерална штета на слабите државни системи. Слабите образовни системи како нашиот и во нормални услови едвај произведат квалитетни единки. Непотребни и малку теоретски знаења, како и заборавање на потребните апликативни вештини се белези на таквите образовни системи. Произведените единки на таков начин се нефункционални и неупотребливи за секој сегмент на државата за каде што „учеле и се обучувале“. Кога слабите државни односно образовни системи ќе се соочат со криза како оваа со коронавирусот, тогаш образованието влегува во целосен колапс.
Ова е главната причина поради која ни требаат стабилни образовни политики, кои се долгорочни, флексибилни и целисходни. Потребно е сево ова да го работат и да го водат најквалитетните луѓе што ги имаме од областа на образованието и кои се бескомпромисни во спроведување на тие политики.

Во право се образовните експерти кога велат дека никој сам во овие моменти не може да донесе одлука или да каже што треба да се прави. Во право е проф. Кирил Барбареев кога вели дека итно е потребно да се формира стручно координативно тело, кое врз основа на информациите од експертите во здравството и Владата ќе сугерира стручни одлуки за сите нивоа на воспитно-образовниот систем, за усогласеност на одлуките. Овде секако не треба да се заборави и компонентата на воспитувањето, која треба да биде неразделна од образованието и не смее да се игнорира и да се запоставува.

Министерот Адеми и неговите советници само ќе треба да го послушаат. Ова тело би создало услови за дефинирање и за реализација на процедури за тоа како да се завршат учебната и академската година, како да се спроведат уписите, какви се реалните услови на секој факултет и училиште. Тоа тело треба да даде одговори на многу дилеми и да понуди решенија на долг рок, можеби и да иницира законски измени, кои ќе предвидуваат како ќе функционира сѐ во некои други вакви слични услови.
За добросостојбата на целото општество, државата е должна да го третира образованието многу посериозно одошто го правеше тоа низ сите години досега. Тоа е нејзина обврска и кон тоа треба да се стреми, и во редовни и во вонредни услови, ако воопшто сакаме функционална држава.