Обесшумување како обесчестување

Освен фактот што шумите се извонредно дело на природата, тие се од витално значење за здравјето на нашата планета. Да, сигурно сите сте учеле на училиште дека дрвјата се белите дробови на Земјата. Е па, тоа е навистина така. Дали човекот може да живее без своите бели дробови? Не! Истото тоа важи и за Земјата

Потребни се неколку секунди за да изговорите „обесшумување“, а во истиот тој временски период некаде на планетата Земја се уништува уште едно парче шума со големина на фудбалски терен. И тоа е така на секои две секунди, секојдневно.
И да се разбереме, тука не станува збор за комерцијално и наменски одгледувани дрвја и насади, туку на природни бујни шуми, „џунгли“, каде што човечка нога ретко кога може да стигне. Таквите шуми се домови на илјадници загрозени животински видови, кои, сепак, бог ги создал со некаква намена на ова парче земја.
Според анализите на светските еколошки организации, денес на Земјата има само половина од дрвјата што постоеле уште пред да настане човекот и да ја узурпира и силува планетата. За жал, последните неколку века се најсмртоносни за шумите.
Статистиката вели дека секоја година се сечат и до 15 милијарди дрвја низ целиот свет. Тоа воопшто не е промислено, паметно, па и одржливо или надоместливо и не само за животинските видови туку и за нас и за климата и климатските промени.
Освен фактот што шумите се извонредно дело на природата, тие се од витално значење за здравјето на нашата планета. Да, сигурно сите сте учеле на училиште дека дрвјата се белите дробови на Земјата. Е па, тоа е навистина така. Дали човекот може да живее без своите бели дробови? Не! Истото тоа важи и за Земјата.
Шумите имаат огромно влијание врз моделите на врнежи, врз квалитетот на водата и почвата, но и во превенцијата од поплави. За ова последново добро посведочивме пред пет години, кога стравотното невреме направи пустош во Синѓелиќ, Стајковци и околните населени места.

Тогаш и експертската јавност излезе јавно и кажа дека причина за надоаѓањето на водата е обесшумувањето, односно опустошувањето на шумите и неконтролираната сеча и нивното уништување. Најпластично кажано, потребни ни се шуми што ќе можат да апсорбираат повеќе вода.
Уште една доста важна причина зошто шумските подрачја се од витално значење е фактот што нивното уништување е причина за околу десет проценти од глобалното затоплување. Нема начин да им се спротивставиме на климатските промени ако не го запреме уништувањето на шумите. Секое лето сите коментираме дека е претопло и дека 45, па и 50 степени никогаш немало во Скопје и Македонија. Е па, тоа се тие климатски промени за кои слушаме секојдневно, но мудро си ги премолчуваме и чекаме да се случи чудо што ќе нѐ спаси од летните горештини.
Дрвјата апсорбираат и складираат јаглерод диоксид. Ако шумите се расчистат, па дури и се нарушуваат, тие ослободуваат јаглерод диоксид и други стакленички гасови.
Зошто го пишувам сето горенаведено? Затоа што се надевам од длабочината на срцето дека ќе допрам до оние што илегално ни ги пустошат шумите за профит, но и до оние што им се редовни потрошувачи, па купуваат такви дрва. Тоа мора веднаш да запре! Да, факт е дека сме релативно сиромашна земја, каде што народот кубури од ден на ден за да преживее, но тоа не може и не смее да биде причина за ненормалното растење на црниот бизнис за продажба на дрва за огрев.
Механизми мора да се најдат и да се имплементираат, особено затоа што е очигледно дека дрвокрадците воопшто не се потресени од полицијата. Едноставно, наоѓаат други креативни начини да го продолжат своето бизнис-дејство на штета на сите нас.
Факт е дека дрвокрадството и илегалната сеча на дрва се можеби едни од најголемите проблеми на властите низ светот, па и во земјава. За жал, никако не може да му се стави крај на овој црн бизнис, бидејќи тие успешно сечат дрва во густите шуми, каде што тешко може да се забележат.

Само лани 178 сторители на кражба на дрвна маса направиле финансиска штета на државата за повеќе од 25 милиони денари. Годинава бројот е помал и изнесува 129, меѓутоа да оставиме простор за да ја заокружиме годинава, од која остануваат уште три месеци за да се достигне, па и надмине минатогодишниот број на сторители.
Тие 25 милиони денари од лани можеле да бидат во државната каса и со нив државата можела да инвестира во градинки, училишта, во болници или амбуланти возила, автопатишта…, но од тие пари нема ниту трага ниту глас. Останале во џебовите на криминалците.
Државата мора сега и веднаш да најде начин да се справи со овој вид криминал, кој секоја година ни ја пустоши земјата. Мора да најде механизам што ќе ѝ стави крај на сечата на дрвата, но и да се најде начин да им се помогне на оние семејства што поради беспарицата се обидуваат да заштедат за да можат да преживеат.
Кај нас овој проблем корените ги влече директно од сиромаштијата. Кога тие што ги купуваат илегално исечените дрва би имале финансиска стабилност, не би ги купувале. Можеби и би се грееле со помош на други грејни тела и со тоа дополнително би придонеле за зачувување на природата со незагадувањето на воздухот.
Значи, сепак, некаде системот ни затајува и потфрлува, штом самиот народ на своја штета го поттикнува црниот бизнис на обесшумување на земјата. И на себеобесчестување, се разбира.