Обединети во тагата и во неодговорноста

Со поминувањето на еднодневниот шок од суровата вест што нѐ разбуди во вторникот и тридневната тага, повторно ни се врати познатиот балкански менталитет, по кој сме единствени и познати во светот и во Европа. Во основа, тоа се сведува на верувањето на луѓето во разни теории за причините за запалувањето на автобусот, што беше и причина за големиот број жртви, но и за традиционалното „пост фестум“ дејствување на надлежните институции, кои во толку краток период, по несреќата, „открија“ голем број пропусти и недостатоци во работењето на транспортната компанија, но и на државниот сообраќаен инспекторат и на царинските служби

Минатата недела Балканот повторно беше обединет во тагата. Во тешката сообраќајка со автобусот со македонски регистерски таблички што се случи на автопатот Струма, во Бугарија, загинаа 45 патници, поголемиот број од нив од скопско Студеничани и од Чаир, кои се враќаа од шопинг-викенд во Истанбул. За жртвите од автобусот на смртта еднакво се тагуваше во Македонија, Бугарија, Косово, Албанија, Србија и во другите балкански држави, од каде што пристигнаа голем број пораки на сочувство за загубените животи на патниците. Трагедијата од Струма повторно го стави Балканот во црната статистика на најтешки сообраќајни незгоди што се случиле во Европа. Меѓутоа, со поминувањето на еднодневниот шок од суровата вест што нѐ разбуди во вторникот и тридневната тага, повторно ни се врати познатиот балкански менталитет, по кој сме единствени и познати во светот и во Европа. Во основа тоа се сведува на верувањето на луѓето во разни теории за причините за запалувањето на автобусот, што беше и причина за големиот број на жртви, но и за традиционалното „пост фестум“ дејствување на надлежните институции, кои во толку краток период, по несреќата, „открија“ голем број пропусти и недостатоци во работењето на транспортната компанија, но и на државниот сообраќаен инспекторат и на царинските служби. Ни во овој случај не изостанаа желбата за медиумски сензационализам, изрази на протоколарно искажано сочувство, изјави на прикриен национализам, но и за обиди за извлекување политички профит на сметка на загинатите патници. Така, изминатите денови имавме можност да слушнеме за автобусот во кој, наводно, илегално се пренесувале разни опасни материи, од гориво, петарди до „киселина за производство на наркотици“!
Истрагата за причините за несреќата, која се води од страна на Македонија и Бугарија, ќе треба да ги даде конечните одговори за влијанието на условите на патот, за што кај самите бугарски експерти постојат различни погледи за безбедноста на автопатската делница кај Струма, како и за техничката исправност на возилото и за евентуално невнимание на возачот на автобусот. Новите сознанија по несреќата, за тоа дека автобусот сообраќал без лиценца, нималку не ги ослободуваат од одговорност надлежните институции во земјата и се доволен показател за нефункционирање на системот на контрола во одвивањето на патничкиот и автобускиот сообраќај.

Тоа што дејствува фрустрирачки е објавата од македонското министерство за внатрешни работи дека автобусот со лажни документи над 150 пати „слободно“ ги преминувал меѓудржавните граници, без да биде откриен од пограничните полициски и царински служби. За да биде апсурдот поголем, тој сообраќал и во земји од Европската Унија, каде што важат построги сообраќајни правила кога е во прашање масовниот превоз на патници. Практично, за овој превозник и во буквална смисла важеле правилата на „Отворен Балкан“. Тоа е принцип за кој подолго време се залагаат премиерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, и српскиот претседател Александар Вучиќ. Последната сообраќајна незгода треба да биде сериозно предупредување за „опасност“ за тоа што се случува на балканските меѓудржавни патишта, за кој од претходно знаеме дека поминуваат главните коридори на илегална трговија на наркотици и на разна друга нецаринета стока. Ако вака со леснотија се поминуваат границите кога постои „граничен режим“, тогаш можеме само да претпоставуваме како ли ќе изгледа „слободниот проток на камиони, автобуси, луѓе, капитал и идеи“, четирите принципи на слободна економија, сфатени низ наш, балкански аспект!?

За да биде апсурдот поголем, автобусот на смртта непречено сообраќал и во земја од Европската Унија, каде што важат построги сообраќајни правила кога е во прашање масовниот превоз на патници. Практично, за овој превозник и во буквална смисла важеле правилата на „Отворен Балкан“. Тоа е принцип за кој подолго време се залагаат премиерите на Албанија и Македонија, Еди Рама и Зоран Заев, и српскиот претседател Александар Вучиќ. Последната сообраќајна незгода треба да биде сериозно предупредување за „опасност“ за тоа што би се случувало на балканските меѓудржавни патишта кога целосно би се кренале граничните рампи

Идејата за воспоставување слободен премин меѓу земјите според моделот на Европската Унија, секако, е прифатлива и пожелна за стопанските субјекти и компании од Албанија, Србија и Македонија, но тоа бара и сериозни подготовки на институциите на земјите што би влегле во евентуалниот отворен Балкан. Тоа ја наметнува потребата од градење меѓусебна доверба во документите што се издаваат од националните институции. Доверба што е сериозно „нагризена“ поради високата корупција присутна во земјите од регионот, за што редовно се укажува од меѓународните и релевантни институции. Во спротивно, изјавите на противниците на поголемото економско поврзување на земјите од Западен Балкан ќе бидат позачестени и ќе наидуваат на плодно тло, а со тоа и иницијативата на тројцата лидери сѐ повеќе ќе бледнее.
Токму завчера претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, коментирајќи ја иницијативата „Отворен Балкан“, порача дека им се придружува на оние „што мислат дека станува збор за политички маркетинг, а не сериозна идеја“. Ѓукановиќ оцени дека идејата не била конзистентно формулирана од самиот почеток, ниту пак им била понудена на сите земји од регионот од самиот почеток, а проблемот, според него, е кредибилитетот на одделни автори.
Токму поради ваквите реакции, на потег се земјите иницијатори за „Отворен Балкан“, кои ќе треба да дадат многу одговори и да ги надминат многуте проблеми, пред да одлучат да ги кренат рампите на границите.