„Носи ја маската правилно, не си снешко“

Важно е што влегувањето во новава година е поврзано и со енергијата што ја шират уметничките дела на автори што по својата природа на постоење и дејствување имаат одредени визии за иднината. А токму тоа многу и ни треба за да се надеваме дека 2021 година со добро ќе ја поништи лошата енергија што ја наследивме од лани

„Носи ја маската правилно, не си снешко“, со оваа порака групата „Урбани уметнички акции“ ја постави својата уметничка инсталација, белиот снешко на плоштадот во Скопје, му стави шал, капа и заштитна маска, но не му го покри носот, сакајќи да ги потсети граѓаните дека за време на новогодишните и божиќните празници, но и во деновите што следуваат треба да се придржуваат кон пропишаните мерки за заштита од актуелната пандемија на коронавирусот. Очекувано, снешкото, кој мора да има и метла во рацете, привлече внимание, па некои од минувачите коментираа, со него се фотографираа и деца и возрасни, а дали и колку потоа се придржуваа до пораките нa уметниците би требало да знаат надлежните од МВР. Важно е дека и во традиционалниот период на поголеми турканици за празниците, некои од уметниците придонесоа за издигање на нивото на будност и свесност за актуелната опасност по човековото здравје со која влеговме во 2021 година. Еден снешко од детскиот свет, кој редовно предизвикува искри и во очите на возрасните, сепак, може да биде доволен за да се почне родителско-детски, детско-детски или, пак, разговор меѓу две возрасни лица за тоа каде треба да стои актуелната маска и сега, во зима. И кога има и кога нема снег!

Луѓето по својата природа сепак се приспособливи суштества и борбата за опстанок ги тера да прифаќаат и различни новини како нормални, а таму спаѓаат и уметничките интервенции во јавните простори. Во нив уметниците низ светот во изминатите неколку децении сѐ почесто и на сѐ поголеми површини сликаат и мурали со кои ги разубавуваат ѕидовите на зградите, ги оживуваат запуштените објекти и простори, а со тоа пренесуваат и пораки. Ги искажуваат своите уметнички, општествени или пак политички ставови, критики, но и визии. Евидентно е дека и во Македонија бројот на муралите постепено се зголемува. На пример, младиот уметник од Тетово Рејан Етеми на еден од влезовите во истиот град, на почетокот на месецов наслика мурал како поддршка на лекарите и другите медицински лица во нивната борба со коронавирусот, нарекувајќи ги херои на ова време. А Скопје при крајот на 2020 година доби и мурал со наслов „Хероите на градот“, кој неговите автори, уметниците Јана Јакимовска и Ненад Тонкин, го насликаа на познатата пожарна кула во населбата Автокоманда и им го посветија на скопските пожарникари. Насликан на површина од 180 квадратни метри, тој дејствува мошне импресивно во просторот опкружен со индустриски објекти, шут и секојдневна река од автомобили и луѓе. Големо парче уметност што облагородува кога минувате крај него на околните улици и за момент ве насочува да размислите каде сѐ би можело да се насликаат мурали во околината во која живеете или престојувате во текот на денот. За издвојување е и фактот дека лани, само во рамките на фестивалот за современи уметности „Акто“ се изработени серија мурали и во Кавадарци, Битола, Прилеп, Велес, Кочани и во Гевгелија, што покажува дека постои интерес за нивно создавање и од страна на општините и од страна на уметниците.

Тоа е момент што радува, со оглед на тоа во каква состојба генерално се наоѓаат урбаните центри во земјава со застарени згради и објекти од секаков вид и колку малку средства, во однос на другите дејности, вообичаено се издвојуваат за проекти од културата и уметноста. Автори на муралите во најголем број се млади луѓе, кои и на овој начин ја покажуваат својата творечка моќ, но и желбата да направат нешто за својот град и држава и во време на актуелната пандемија на коронавирусот. И пред пандемијата, кога желбата да се замине во странство беше полесно остварлива, млади ликовни уметници создаваа незаборавни уметнички дела на отворен простор. Во 2019 година, на пример, нов изглед доби пречистителната станица за отпадни води во Струмица, која со финансиска поддршка од Европската Унија ја насликаа уметниците Ване Костуранов, Филип Конески, Маријан Димиќ, Драган Китановски-Драш и Блаже Атанасков, во рамките на проектот „Уметност и вода – магија на животот“.
Имињата на уметниците вреди да се споменат за да се знае кој во овој век му давал душа на просторот во кој живееме и кој, за жал, секојдневно е исполнет со низа безначајни интервенции, главно произлезени од политички и бизнис-интереси. На пример, во тетовското село Теарце лани беше поставена уметничка инсталација на зрнце од тетовско гравче од скулпторот Љубиша Камењаров, по повод десетгодишнината од тамошната манифестација „Ден на гравот“.

Впечатливото дело говори многу за почитта што тамошните жители и уметникот му ја оддаваат на зрнестото растение и храна, за кое се знае и надвор од Македонија, но и за реткиот респект кон уметноста во едно од македонските села. Оваа инсталација може да послужи како пример за други села или градови познати по одредени продукти, храна или настани, на ваков или пак на сличен начин да го привлечат вниманието на јавноста, на медиумите, на идните купувачи, а можеби и на идните производители.
И уште нешто за крај врзано повторно за Скопје. Низ центарот на градот, спроти Спомен-куќата на Мајка Тереза, каде што некогаш постоеше познатото диско „Турист“, сега може да се види поставената уметничка инсталација на авторот Ѓорѓе Јовановиќ, која вклучува и пишан историјат за ова мало диско, кое одигра голема улога во развојот на културно-забавното живеење на скопјани.

А таква е и една друга микролокација, урбаниот топоним со право уметнички мемориран во овој период, просторот на некогашното „Кино Карпош“, каде што сега гордо стои исправена стара филмска камера, инсталација, дело на уметникот Андреј Миневски, со до неа испишаниот историјат за времето на уживање во гледањето филмови на големо платно во ова кино.
Важно е што влегувањето во новава година е поврзано и со енергијата што ја шират уметничките дела на автори што по својата природа на постоење и дејствување имаат одредени визии за иднината. А токму тоа многу и ни треба за да се надеваме дека 2021 година со добро ќе ја поништи лошата енергија што ја наследивме од лани.