Нокдаун по вторпат

Случајна коинциденција, карма, игра на судбината или нешто трето. Јануари како да е предодреден за технички влади кај нас. Додека во Европа во јануари вообичаено паѓа снег, во Македонија паѓаат премиери од власт и се избира техничка влада. Во самата своја суштина форматот техничка влада има редица аномалии, нелогичности, контрадикторности па и небулози

Велат секој народ има влада каква што заслужува. Македонија секако не е исклучок од ова непишано правило. Сепак не знам со што толку заслуживме по вторпат за три години да се нуди техничка влада и тоа со консензус да биде прифатено од сите политички субјекти. Како да се работи за некое врвно политичко достигнување или за којзнае каков нивен дострел. Некои ја нарекуваат уште и пржинска влада, што е сосема несоодветно зашто звучи некако сецесионистички, како да се работи за влада на населбата Пржино, а не на Македонија.

Но нејсе, кога веќе станува збор за феноменот на техничката влада вреди да се спомене дека низ историјата ваквото искуство е многу посвојствено за држави како јужен Судан, Либија, Тајланд или Тунис. Значи за конфликтни средини и опкружувања во одреден историски момент.

Македонија, сакам да верувам, дека не припаѓа во категоријата конфликтно општество, па да има потреба од некаква техничка или преодна влада.
Затоа ваквата практика изгледа по малку парадоксално. Од една страна сме на прагот на ЕУ, за што од сите страни добиваме потврда дека сме ги исполниле условите и сме го заслужиле датумот за преговори, додека од друга страна упорно самите практикуваме некакви преодни решенија како во држави што се во тешки кризни ситуации.
Некој ќе каже дека технички или преодни влади има секаде во светот па и во Европа. Можеби, но причините за нивното формирање најчесто се длабока политичка, економска или должничка криза, масовни граѓански немири, воен удар, внатрешни меѓуетнички или верски судири, политички убиства и слично.

Во Македонија нема сигнали за каква било криза од пошироки размери, но секогаш се наоѓаат причини за техничка влада. Или можеби и Македонија се држи во некаква перманентна однадвор контролирана криза, која може секој момент за избувне.
Па затоа, еве, се најавува и по вторпат техничка влада, а којзнае уште колку ќе тераме вака понатаму. Бидејќи феноменот на техничка влада кај нас е правно регулиран и озаконет и тој предвидува на 100 дена пред избори да се формира техничка вада, која ќе биде одговорна за нивното спроведување.

Значи на 3 јануари 2020 г. треба да ја добиеме втората техничка влада, по онаа од 2016-та. Е сега ако датумот за ЕУ го испуштивме, ова со јануари станува некако симптоматично.

Случајна коинциденција, карма, игра на судбината или нешто трето. Јануари како да е предодреден за технички влади кај нас. Претходно во јануари 2016 г. тогашниот премиер се повлече од функцијата и беше формирана техничка влада, сега повторно во јануари актуелниот премиер се повлекува и се формира техничка влада. И до кога вака?

Додека во Европа во јануари вообичаено паѓа снег, во Македонија паѓаат премиери од власт и се избира техничка влада. И сето тоа се одвива според однапред договорено и режирано политичко сценарио. Однатре, а можеби и однадвор. Дел од објаснувањата и во 2016 и сега на прагот на 2020 година се дека техничките влади за спроведување избори се нужност поради недовербата во институциите и превенирање на можноста за корупција на гласачите. Аргументи во прилог или не на ваквите тези секогаш ќе се најдат и во тоа не би сакал да навлегувам, како и во партиско-политичките калкулации за потребата од едно вакво тело. Но она што најмногу ме загрижува е тенденцијата за подривање на институциите преку форсирање на потребата од формирање какви било специјални тела и органи. Правење експерименти на сметка и на штета на државата и граѓаните.

Зошто во самата своја суштина форматот техничка влада има редица аномалии, нелогичности, контрадикторности па и небулози. Како политичка алатка таа е дури спротивна на демократските закономерности, но истовремено претставува и своевидна негација на институционалните капацитети на државните органи. Ќе посочам само неколку примери зошто е така.

Која било техничка или преодна влада е производ на меѓупартиски политички договор. Со други зборови, таквата влада не го положила испитот пред граѓаните, односно не е легитимирана и легализирана на избори.

Без разлика кој каква позицијата ќе заземе во една таква влада и кој од која партија ќе биде застапен, таквата структура ниту програмски, ниту идеолошки нема добиено мандат од граѓаните да ги застапува како извршна власт. Понатаму, со самиот назив на технички премиер или технички министри за спроведување на изборите, личностите што ќе се најдат на тие позиции добиваат статус на некаков надпремиер, или надминистри, иако имаат ограничен мандат од само 100 дена. Зошто надпремиер и надминистри? Па затоа што им е доверена задача за која во редовните и регуларно избрани премиер и министри се нема доверба дека се способни успешно да ја завршат. Ако е поинаку зошто тогаш потребата од формирање техничка влада.

Самото тоа, пак, е тежок удар и нокдаун за институциите на државата. Тоа исто така е одраз и на неспособноста, недовербата, незрелоста и на политичките структури и на државата во целина.

Како тогаш бараме влез во ЕУ кога дома ни се потребни посебни технички влади за спроведување најобични избори?
Звучи парадоксално но кредибилитетот, професионалното функционирање и моралните капацитети на една мнозинска влада избрана од граѓаните (без разлика која и да е) да се доведуваат секогаш во прашање 100 дена пред секои избори и да се инсистира на техничка влада. Тоа не може да биде добра препорака ниту за државата, ниту за власта ниту за опозицијата (која и да е, и каде и да е).
Па зарем моралот и професионалното функционирање на институциите е важно само во период на избори?!

Се разбира дека не. Одговорното професионално однесување и високите морални вредности мора да бидат обврска и начин на дејствување на сите структури и на секое ниво од функционирање на државата. За да се постигне тоа, не се потребни ниту технички влади ниту какви било други специјални органи.

На крајот на краиштата изборниот циклус е во директна надлежност на Државната изборна комисија каде што има претставници од политичките партии застапени во Собранието. Да заклучам, длабоката политичка недоверба, меѓусебните антагонизми и поделеност не се надминуваат со формирање и потпирање врз некакви технички тела и органи, измислени и поттикнати однадвор, а потоа креирани од страна на партиите со единствена цел надзор и контрола на политичкиот противник. Зашто техничката влада е всушност тоа, спој на политичари од власта и од опозицијата со единствена цел однатре да се контролираат меѓусебно во периодот на изборите. Ова можеби е преодно решение за некои кризни времиња, но прашање е до кога.

До кога како држава ќе манифестираме незрелост и недоверба на ваков начин. Одговорност и контрола секако треба да има, но тоа мора да е перманентно и постојано, а не само за време на избори.
Истовремено неопходно е да се врати довербата во системот, во институциите, во процедурите, во законите. За нивно почитување не се потребни специјални органи. Што побрзо се оттргнеме од ваквата практика, толку е подобро за авторитетот и угледот на државата и во меѓународни рамки.
Впрочем, до неодамна имавме една таква специјална институција СЈО, па видовме каде нѐ донесе и како заврши.

Законитоста и довербата не се стекнуваат со формирање технички или преодни тела. Довербата постојано и макотрпно се гради и се заслужува.
Но очигледно нашата држава и општество се премногу затруени со меѓусебна недоверба, лаги и измами, во сиве изминати години, па веќе никој никому не му верува. Оттаму воопшто не зачудува што уште официјално незапочната предизборната кампања, а зборот „лаже“ почна да се наметнуваа како доминантен во реториката и кај власта и кај опозицијата. Овој пат се обвинуваат меѓусебно за лажење во врска со тоа кој бил за брзи избори во декември, а кој за бавни избори во април. Но и за ова има практични решенија. Не технички органи, туку технички уреди за откривање и разобличување на невистината, популарно наречени детектори за лаги.

Токму на едно вакво тестирање претседателот на Украина Володомир Зеленски неодамна ги упати членовите на Комисијата за финансии во парламентот, по повод наводите за вмешаност во корупција. Можеби не е лоша идејата да се набават вакви уреди и за нашите политичари. Особено сега за време на изборната кампања. Ако ништо друго барем повеќе да внимаваат што зборуваат и што ветуваат. Зашто граѓаните паметат сѐ. А нивните нокдауни и технички нокаути се токму она од што најмногу стравуваат политичарите.

[email protected]