Нов лист

Откако ќе се ресетира и ќе се почне одново со натпреварувањата, за спортот тоа ќе биде како своевидна нова година, во смисла на вртење нов лист, новопоставени цели, па и желби, сега сето тоа погледнато од нова перспектива, предизвикана од пандемијата. Новата ера на спортот нема да значи само менување на периодот во кој тој ќе се одвива туку менување на многу аспекти, ново значење ќе добијат иновативните идеи, а малку ќе значат желбите ако во заднина нема да има стратегија, план, идеја, програма… за тоа како да се продолжи во новите услови

Рецептот на успешните, кој вели дека целите секогаш треба да се поставени високо и да не се запре додека не се достигнат, веројатно ќе биде во употреба како никогаш претходно, откако ќе заврши пандемијата на коронавирусот и кога и спортот ќе продолжи со својот тек. Бразилецот Пеле, кралот на фудбалот, пак, вели: „Успехот не е инцидент. Тој е последица на напорна работа, упорност, учење, жртвување и, најмногу од сѐ, љубов кон тоа што работите или учите да го работите“. Па, и неговите зборови како да добиваат на тежина, како еден вид патоказ за тоа како да продолжи спортот по кризата во која се најде целиот свет. „Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“, пак, рекол славниот американски фудбалер Томи Ласорда.

Накратко, иако спортот, според многу параметри, ќе биде поинаков откако планетата ќе излезе од изолацијата (на пример Џани Инфантино, претседател на Светската фудбалска федерација, вели: „И нашиот свет и нашиот спорт ќе бидат различни откако ќе се вратиме во нормалноста“), на спортистите, како и на многумина, очигледно им претстои нова борба за нови височини, титули, рекорди…, со поставени високи цели, напорна работа и голема одлучност, како предуслови за напредок, нешто што важеше и досега, а особено ќе важи и откако спортот ќе се врати на сцената.

Секако, сето тоа ќе се одвива во, веројатно, ново опкружување, сосема различно отколку до пред два месеца, кога запреа спортските активности речиси во целиот свет.
Откако ќе се ресетира и ќе се почне одново со натпреварувањата, за спортот тоа ќе биде како своевидна нова година, во смисла на вртење нов лист, новопоставени цели, па и желби, сега сето тоа погледнато од нова перспектива, предизвикана од пандемијата.

Новата ера на спортот нема да значи само менување на периодот во кој тој ќе се одвива, туку менување на многу аспекти, ново значење ќе добијат иновативните идеи, а малку ќе значат желбите ако во заднина нема да има стратегија, план, идеја, програма… за тоа како да се продолжи во новите услови (здравствени, економски и други услови поради пандемијата). Тоа, секако, треба да биде дополнето со волја, работливост, мотивираност итн. На сите инволвирани во спортот.

По една ваква година на спортско планетарно стопирање, многу се важни чекорите што ќе се преземат, како и нивниот редослед. Во прв план, секако, е здравјето на луѓето.
Поради паузата, секој дел од спортскиот синџир е засегнат, како спортистите, клубовите, лигите… Пандемијата ги прекина повеќето спортски активности, вклучувајќи ги и најголемите спортски настани предвидени за годинава, како Летните олимписки игри и Летните параолимписки игри или Европското фудбалско првенство и популарната Копа Америка, потоа разни други континентални и планетарни првенства, сите одложени за в година. Згора, како домино-ефект, некои спортски настани од следната, се префрлени за 12 месеци подоцна.

Во меѓувреме секој спорт веќе реагира за финансиска помош на своите членки (планетарните и континенталните спортски институции, националните спортски федерации…). Но паузата дава и време за обмислување на идните потези.
Во најавите за продолжување на сезоните во некои спортови, но генерално и во најавите за идната сезона, често се зборува за организирање натпревари и воопшто спортски настани без присуство на публика.

Со тоа отпаѓа еден извор на приход (влезници и услуги на денот на натпреварите), но ќе останат некои други, пропорционални на новата економска моќ по пандемијата.
Сепак, одново како во преден план да се наоѓаат спортските школи, каде што има големи потенцијали, нешто што многу клубови, особено во фудбалот, и досега ги користеа како начин да се стигне до успех, но и како извор на приход.

Така, и понатаму важна ќе биде работата со младите категории, масовноста на спортските школи. Славниот Бразилец Пеле со својата изјава наедно вели и дека ништо не доаѓа само од себе, најмалку совршенството во спортската изведба.

[email protected]