Нова племенска средба

Каква и да биде одлуката, чии аргументи и да претежнат, кој и да биде договорениот датум, па дури и лидерите веднаш да се издигнат над своите политички суети и интереси, тоа никако нема да го промени фактот дека лидерската средба и понатаму останува параинституционален начин на договарање, кој повеќе личи на главатарски племенски совет, отколку на функционална и институционална демократска практика. Од друга страна, симптоматично за демократските европски цели на Македонија е што нема гаранција дека лидерската средба ќе се случи „само уште овој пат“

Додека граѓаните дисциплинирано (можеби и со извесен внатрешен отпор), сепак, рационално се соочуваат со укажувањата дека ќе треба да развијат нови социјални навики и да го променат начинот на секојдневното функционирање, дури и по завршувањето на пандемијата, политичарите во Македонија и понатаму посегнуваат по старите ретроградни методи на политичко договарање. Денеска ќе се одржи нова лидерска средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски, каде што партиските лидери треба (повторно) вонинституционално да се договорат за и така комплицираните политички прашања, кои вонредната состојба воведена поради коронавирусот ги претвори во навидум нерешлива правна Рубикова коцка. Иако партиските лидери најавуваат дека ќе се постават и некои други прашања на средбата, сепак главниот приоритет на средбата е постигнување договор за активирање на изборните активности, односно одредување нов датум за одржување на одложените, т.е. неодржаните избори од 12 април.

Пред средбата кај претседателот, партиите, но и изборните институции (ДИК), во јавноста веќе ги „промовираат“ своите позиции и аргументи за „датумот за избори“, а овој пат како фактор во одлуката се вклучува и Комисијата за заразни болести.
Каква и да биде одлуката, чии аргументи и да претежнат, кој и да биде договорениот датум, па дури и лидерите веднаш да се издигнат над своите политички суети и интереси, тоа никако нема да го промени фактот дека лидерската средба и понатаму останува параинституционален начин на договарање, кој повеќе личи на главатарски племенски совет, отколку на функционална демократска практика. Секако, не може да се одбегне политичкоправниот јазол во кој се доведе Македонија во мигот на констатирање на пандемијата и воведување на вонредната состојба: закажани избори и почнати изборни активности, распуштено Собрание, техничка влада по пржински принцип, со предвиден рок на траење од 100 дена, која се претвори во влада што може да носи уредби со законска сила…

Парадоксално и феноменски во исто време, но Македонија е единствената држава на глобално ниво што со пандемијата се соочуваа со практично нефункционални институции. Во такви услови, кога работата на затекнатите функционални институции речиси секојдневно се движи по работ на уставноста и законитоста (Уставниот суд има соборено неколку уредби на техничката влада и оцени дека враќањето на самораспуштеното собрание би било противуставно), првата логична помисла е дека изборите треба да се одржат што поскоро за да се врати функционалноста на институциите… Но на таквата логика ѝ се спротивставуваат контрадикторните процени и предвидувања за крајот на пандемијата и можноста за нејзино повторување, па одлуката за избори повеќе не претставува само политички ризик, туку овој пат навистина може да се претвори во одлука од животна важност.

Во такви околности, пандемијата практично создаде можност на македонската политичка сцена на голема врата да се врати лидерската средба, со „засилен легитимитет“ да се „вози“ со политички слалом низ Уставот, законите и институциите. Феноменот на т.н. лидерски средби функционира во Македонија речиси две децении, произлезен во услови на децениски значајно намалена функционалност на државата и институциите. Иако постојано предмет на критики и популистички заложби на политичарите, дека „само уште овој пат и ќе се прекине со таквата практика“, секогаш се појавува некоја понагласена неопходност за со овој божем „неформален начин“ да се постигне некаков „легален“ договор!? Но таквата „неопходност“ за посегнување по овој парасистемски феномен, секогаш за секоја „политички ненадминлива разлика“ значително придонесе политиката да го надвладее правото! Или уште попрецизно, владеењето на правото да падне во рацете на дневната политика, која е водена од моментални и актуелни сензации на политичките партии.

Секако, не може да се негира дека инструментот „лидерска средба“ можеби како адхок-алатка инцидентно придонел за решавање на некоја состојба, но неговото рециклирање суштински и перманентно придонесува ваквото практикување племенски политички решенија да ги надвладее институциите на системот. Иако Македонија е во специфична вонредна состојба со нефункционални институции, владеењето на правото и правната држава и понатаму остануваат примарни очекувања од ЕУ во процесот на преговори за членство во Унијата, но и неопходна потреба на државата за зацврстување на демократскиот начин и принцип на водење политика, наместо на принципот на „главатарски договор“. А симптоматично за таквите демократски европски цели на Македонија е што нема гаранција дека лидерската средба ќе се случи „само уште овој пат“!