Нова вербална војна во замрзнатиот косовски конфликт

За тоа како влијае новата вербална војна меѓу Белград и Приштина покажува и анкетата на која граѓаните на Србија повеќе веруваат во концептот на „замрзнат конфликт“. Ова значи дека овој дел од регионот уште долго време ќе остане во состојба на постојано „зовривање“ на политичките и националистички страсти, со можност тие да претечат од загреаниот балкански котел

„Сѐ додека сум жив нема да го признаам Косово во сегашните граници“. Оваа изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ, која е дадена минатата недела, претставува продолжување на новата стратегија во српско-албанскиот дијалог што се одвива меѓу на властите во Белград и Приштина, која е потпомогната од Владата на Албанија. По водењето на тивката дипломатија за решавање на косовското прашање, а кое се однесуваше на темата за разграничување и размена на територии меѓу Србија и Косово, главните актери во оваа „политичка драма“ преминаа кон јавно испраќање пораки за непопустливост во преговорите, кои се водат зад затворени врати. Вербални провокации има од двете спротивставени страни, со што сѐ повеќе се отежнува наоѓањето заедничко прифатливо решение, за што постои сѐ позасилен притисок од меѓународната заедница. Така, од состојба на безизлез и водење бескрајни и бесмислени состаноци во рамките на т.н. Бриселски дијалог, Белград и Приштина од состојбата на „замрзнат“ конфликт преминаа во отворена вербална војна полна со провокации, кои дополнително го отежнува преговарачкиот процес.

Ако се погледне внимателно, заострената реторика меѓу српските и албанските политички фактори во Албанија и во Косово, се интензивира по одржувањето на Берлинскиот самит за Западен Балкан, што се одржа под покровителство на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. Како што е познато, овој нов обид за продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина заврши неуспешно. Но тоа што стана јасно е дека пропадна идејата за разграничување, за која отворено се залагаше српскиот претседател Вучиќ. Од коментарите во медиумите станува јасно дека тој е изложен на силен притисок за признавање на Косово. На овој начин Приштина добива ветар во едрата, што само ги „охрабри“ тамошните политички лидери да даваат сѐ понагласени популистички изјави, кои повеќе служат за јакнење на домашниот национализам. Последната изјава во низа е онаа на косовскиот претседател Хашим Тачи, кој веднаш по враќањето од Тирана, каде што учествуваше на самитот на „Процесот Брдо-Бриони“, побара укинување на границата меѓу Косово и Албанија. Тачи на својот фејсбук-профил напиша дека „поминал низ граничниот премин Морина“, кој, според него, „неправедно ги дели Косово и Албанија“.

По претходното еднострано воведување царини за увоз на српските производи, Приштина презеде и други чекори, кои официјален Белград ги оцени како отворена провокација кон нив. Еден од нив е донесувањето на резолуцијата во косовското собрание со кое „се бара признавање на сторениот геноцид на Косово и за силувањето на 20.000 албански жени“. За српските челници ова е само уште еден доказ дека на косовските политичари најмалку се залагаат за наоѓање компромисно решение во долгогодишниот спор меѓу двете земји. Како своевиден одговор на Белград на сѐ поотворените вербални напади, може да се сфати и организирањето воената парада во Ниш, на која беше промовирано руско оружје, со што се испрати пораката дека нема да се дозволи создавање нов „албански простор без граници, кој би бил под евроатлантско покровителство“. Секако, веднаш следуваа реакции од Приштина, а косовскиот вицепремиер Енвер Хоџај, по повод вчерашната парада на српската војска во Ниш, го обвини Белград за провокација кон Косово, но и кон другите соседи. И така сѐ во недоглед…

Ако се погледне внимателно, заострената реторика меѓу српските и албанските политички фактори во Албанија и во Косово се интензивира по одржувањето на Берлинскиот самит за Западен Балкан. На овој начин Приштина добива ветар во едрата, што само ги „охрабри“ тамошните политички лидери да даваат сѐ понагласени популистички изјави, кои повеќе служат за јакнење на домашниот национализам

За тоа како влијае новата вербална војна меѓу Белград и Приштина покажува и анкетата на која граѓаните на Србија не искажуваат оптимизам кога е во прашање решавање на косовскиот проблем и не очекуваат дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе потпише признавање на Косово. На прашањето кое е најдоброто решение за српското население на Косово, половина од анкетираните се определиле за „замрзнат конфликт“, 32 отсто одговориле дека се за разграничување, а само осум отсто се согласуваат со признавањето на новата држава на Балканот. Високиот процент на тие што се залагаат за замрзнат конфликт е затоа што тоа не бара лично и национално одрекување, а на овој начин Косово би останало непризнаено.

Ова значи дека овој дел од регионот уште долго време ќе остане во состојба на постојано „зовривање“ на политичките и националистички страсти, со можност тие да претечат од загреаниот балкански котел. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој со својата последна изјава во Варшава предупреди дека на проблемите на овој дел од Балканот не треба да им се пристапи како на регионални, туку како на проблем на цела Европа. Клучните играчи во решавањето на спорот околу Косово се српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама. Нивната прва средба, која беше одржана меѓу лидерите на двете соседни земји по 70 години, не резултира со градење доверба и меѓусебно почитување. Вучиќ и Рама се наоѓаат во истиот чамец и двајцата се соочуваат со протести на опозицијата во своите земји, што само го отежнува брзото конечно расплетување на косовскиот јазол. Тоа само повеќе ќе ја разгорува националистичката реторика на релацијата Белград – Приштина -Тирана, полна со провокации.