Никако да се врати назад часовникот на апокалипсата

Нуклеарките, глобалното затоплување и лажните вести се најголемите закани за човештвото, поради кои часовникот на апокалипсата би можел многу брзо да означи крај на светот. Наместо да ги намалат заканите, светските лидери меѓусебно се напаѓаат кој е виновен за нив, а истовремено нѐ лажат дека работите ќе се променат на подобро. Како да не сфаќаат дека ако не преземат итни мерки, ниту тие ниту ние нема да доживееме подобрување

Научниците што стојат зад часовникот на апокалипсата велат дека светот во моментот е најблиску досега до тотално самоуништување, и тоа токму поради трката за нуклеарно вооружување, глобалното затоплување предизвикано од човекот и кампањите за дезинформирање на јавноста. Научниците годинава го поставија часовникот на две минути до полноќ, исто како и лани, ама нагласија дека тоа е новата (аб)нормала, а не причина за славење на стабилноста. Часовникот, кој е создаден во 1947 година од научници што помогнаа за развивање на првите атомски оружја во САД, симболично покажува колку човештвото е блиску до апокалипса. Заканите од тотално уништување на светот се драматично зголемени, а тоа само го потврдуваат и настаните од изминатите денови. Тамам ќе помислиме дека нешто позитивно се променило во однос на нуклеарната трка или климатските промени или кампањите за дезинформирање, ете нови потези што само дополнително ја влошуваат ситуацијата.

Лани се очекуваше намалување на заканите од нуклеарна војна по историските самити меѓу лидерите на Северна и на Јужна Кореја и на Северна Кореја и на САД, што еден ден би требало да доведат до т.н. денуклеаризација на Корејскиот Полуостров. Потоа следуваше и историскиот самит меѓу американскиот и рускиот лидер Доналд Трамп и Владимир Путин, што повторно требаше да ги затопли односите меѓу лутите ривали од Студената војна и да ги намали нуклеарните закани. Но средбите немаа позитивен исход. Напротив, односите во меѓувреме дополнително се влошија. Згора на тоа, Американците еднострано се повлекоа од договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година, иако другите потписнички, исто така големи светски сили, нагласуваа дека Техеран се придржува до одредбите од спогодбата, а и дека потегот само ќе го поттикне Иран да се вклучи во трката за вооружување. САД по водство на Доналд Трамп се повлекоа и од Парискиот климатски договор, со што само ја зголемија една од трите главни закани за апокалипса на човештвото. Научниците со право нагласуваат дека овие потези ги зголемија шансите за тотално уништување.

Во однос на Северна Кореја, ситуацијата е во најмала рака флуидна, бидејќи секој ден може да се прочитаат спротивставени информации. По најавата за нов самит месецов меѓу Трамп и Ким Јонг-ун, од разни места пристигнаа разни оцени и прогнози за односите меѓу двете земји и за можноста Пјонгјанг еден ден да се откаже од нуклеарното оружје, како што бараат САД. На пример, специјалниот пратеник на САД во Пјонгјанг објави дека Северна Кореја ветила дека ќе ги уништи сите капацитети за збогатување ураниум, по што исто така нагласи дека Америка нема намера да изврши инвазија на Северна Кореја и да издејствува „промена на режимот“ во Пјонгјанг. Од Пјонгјанг веднаш стигна демант дека дал ветување дека ќе се откаже од нуклеарките, барем засега. Во меѓувреме, американските разузнавачки служби објавија извештај во кој оценија дека е многу мала веројатноста Северна Кореја целосно да се откаже од нуклеарните оружја, бидејќи од нив зависи „опстанокот на режимот“, наспроти надежите на администрацијата на Трамп (во истиот извештај се наведува и дека Иран не развива нуклеарно оружје, иако администрацијата на Трамп реши да се повлече од нуклеарниот договор со Техеран). Значи, во пресрет на новиот самит меѓу Трамп и Ким работите се далеку од сјајни, иако Трамп смета оти е постигнат огромен напредок.
Кога станува збор за односите меѓу САД и Русија, состојбата сега е уште полоша. Москва објави оти го суспендира учеството во Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) откако тоа го стори Вашингтон, обвинувајќи ги Русите дека ја прекршиле спогодбата. Двете нуклеарни суперсили најавуваат развој на нови оружја. Најмногу стравуваат Европејците, зашто колапсот на договорот може да предизвика и трка за вооружување и јакнење на воените присуства на двете суперсили, и тоа на европска територија.

Повеќето аналитичари веднаш нагласија дека контролата на нуклеарното оружје никогаш не била понесигурна. Во прашање не се доведени само актуелните договори што ја ограничуваат употребата на нуклеарното оружје, туку и самиот начин на кој комуницираат двете суперисли, кој со децении беше клучен за одржување каква-таква глобална стабилност. За време на Студената војна, договорите за контрола на оружјето или за разоружување имаа клучна улога и за намалување на бројот на нуклеарни боеви глави и за одржување стабилен поредок. Тие беа основа и производ на дијалогот меѓу Западот и Истокот. Двете суперсили имаа еднаков статус кога ќе седнеа да преговараат на преговарачка маса. Таквиот однос се одржа и по завршувањето на Студената војна, иако Русија постојано нагласуваше дека Америка не сака да ѝ го признае статусот на еднаква суперсила. Конечно, беше потпишан и нов договор за ограничување на стратегиските ракети со долг дострел, новиот СТАРТ. Сега, кога двете страни го суспендираат учеството во ИНФ, многумина стравуваат дека на буниште може да заврши и новиот СТАРТ, чија важност истекува во 2021 година. Со толкави тензии меѓу САД и Русија, засега е тешко да се верува дека ќе преживее ИНФ, а истото тоа важи и за новиот СТАРТ. Затоа многумина со право предупредуваат дека системот за нуклеарно разоружување полека се самоуништува.

Во толку нестабилна ситуација, многу е полесно некој што било лидер да го притисне црвеното копче и да му пресуди на светот. Двете сили со најголеми нуклеарни арсенали, САД и Русија, но и преостанатите десетина сили со декларирано нуклеарно оружје, имаат доволно атомски бомби за неколкупати да ја уништат планетава. И што сме направиле тогаш? Додека се расправаат кој бил во право, ризиците за тотално самоуништување континуирано се зголемуваат. Ситуацијата со нуклеарките е слична како и ситуацијата со глобалното затоплување и со загадениот воздух. Додека да се усогласиме кој загадувал и какви мерки треба да се преземат, полека но сигурно се задушуваме. Целата планета полека згаснува и сѐ почесто сме сведоци на катаклизмични поплави, суши, лавини, бури и на масовни изумирања на живиот свет.

Последиците ги гледаме, иако лидерите продолжуваат да нѐ лажат дека работите се менуваат на подобро. Оние, пак, што предупредуваат на убиствените последици, веднаш ги обвинуваат оти шират паника и „лажни вести“. Како да не сфаќаат дека и тие и ние, и нивните и нашите деца, нема да дочекаме да се вратат назад стрелките на часовникот на апокалипсата.