Не е фраза дека уметноста ќе го спаси светот

Уметниците отсекогаш знаеле како да се организираат за да ја искажат својата солидарност и да ја понудат својата помош, преку она со што најдобро знаат да ја изразат својата емпатија, а тоа е уметноста. Кога поголема група луѓе од една фела ќе го препознаат моментот дека тие како луѓе, како граѓани, имаат должност да помогнат е прекрасна манифестација на разбудена граѓанска и човечка свест. Оттука, можеби не во буквална смисла, но сигурно на едно повисоко, духовно ниво, уметноста е таа што ќе го спаси светот

Деновиве по иницијатива на македонската уметница Љупка Делева, која живее и работи во Венеција од 2001 година, вонинституционално се поведува уметничка акција за помош и поддршка на Венеција, која е буквално на колена со последната поплава, која е една од најголемите во последните 50 години. Имено, Делева дојде на идеја да подари свое дело за добротворна изложба со чии средства ќе им се помогне на загрозените фамилии во италијанскиот град, за што доби поддршка и од Паоло де Грандис, човекот што организира многу наши претставувања на Венециското биенале. Таа доби поддршка и од Италија, од волонтери за логистичка помош, галеристи… На поканата да подарат свое дело, од чија продажба парите ќе се донираат, се приклучуваат и други уметници од Македонија…

Некако во исто време во Музејот на современата уметност во Скопје се отвори изложбата „Скопје одново: интернационализам, уметност, солидарност“ на која може да се погледнат над сто дела од меѓународната колекција на музејот, создадена исто така како резултат на уметничка солидарност. Преку делата од нашата вредна колекција и преку изложување документи и друг архивски материјал е дадена интегрирана информација за почетоците, за големиот ентузијазам во основачките години на музејот. Имено, „Скопје одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 година од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ – Скопје станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата го потпишуваат водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Во една таква атмосфера на транснационална соработка и ентузијазам, претставена во извештајот на ООН од 1966 година, под наслов „Скопје воскреснува“, МСУ развива и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства. Во колекцијата на МСУ посебно место имаат и стотиците уметнички дела што токму Италија му ги подари на постземјотресно Скопје.
И лани група македонски уметници ја покажаа својата голема солидарност на дело, донирајќи околу 70 оригинални дела за настраданите во јунските катастрофални пожари во околината на Атина, кога загинаа повеќе од 90 луѓе. Идејата тогаш потекна од графичкиот дизајнер и активист Зоран Кардула, од пост на Фејсбук, кој беше своевидна критика на недоличните реакции на дел од македонската јавност за пожарите. За да се покаже дека сме подобри од тоа, спонтано се роди иницијативата „Донирај уметност“, во која придонесоа десетици македонски уметници со фотографија, разни сликарски техники, дигитална уметност, скулптура, таписерија…, за да се создаде една уникатна колекција.

Овие неколку примери на уметничка размена и солидарност покажуваат дека уметниците, креативците, луѓето од културните кругови се навистина „подобри од тоа“, дека се над политиката, но и дека со отворено срце пристапуваат секогаш кога е потребно. Тие отсекогаш знаеле како да се организираат за да ја искажат својата солидарност и да ја понудат својата помош, преку она со што најдобро знаат да ја изразат својата емпатија, а тоа е уметноста. Кога поголема група луѓе од една фела ќе го препознаат моментот дека тие како луѓе, како граѓани, имаат должност да помогнат е прекрасна манифестација на разбудена граѓанска и човечка свест. Оттука, можеби не во буквална смисла, но сигурно на едно повисоко, духовно ниво, уметноста е таа што ќе го спаси светот.