Несреќата никогаш не доаѓа сама

За нас, Македонците, сѐ уште важи онаа стара наша поговорка: несреќата никогаш не пристигнува сама. Таа секогаш има друштво. На наша несреќа, како по некое непишано правило, нејзиното друштво е поголемо кога нам ни доаѓа на гости… Од друга страна, има уште една дебарска народна, која вели: сѐ што дојде – добредојде! Ќе излеземе накрај и со тоа. А она што нема да нѐ убие, ќе нѐ направи посилни

Иако македонскиот политички, но и економски, социјален, културен историски и секаков амбиент летово е доминантно опседнат со духот (но и клаузулите и последиците) на спогодбата од Мала Преспа, а во тој контекст и со референдумот, се чини дека Македонија и Македонците не можат да си дозволат комоција да ги решаваат историските предизвици сукцесивно еден по еден, туку, како по правило, предизвиците и (не)приликите одат одеднаш, во пакет. Додека македонскиот политички фокус оваа година најмногу е насочен кон решавање на односите со Грција (со повремено скршнување на вниманието и кон односите со Бугарија), идеите за решавање други регионални територијално-политички прашања секогаш носат зголемен ризик Македонија да биде колатералната жртва.

Како што се развиваат работите во темата за територијални размени (пред сѐ меѓу Србија и Косово), најреални се изгледите летниот политички хит за менување на границите на Балканот да заврши само со промоцијата на единствениот граничен премин Табановце – Прешево, меѓу Македонија и Србија, во неделата, на 2 септември. Само еден ден подоцна, по заедничката промоција на интегрираниот граничен премин, од страна на премиерот на Владата на Р. Македонија, Зоран Заев, и претседателот на Р. Србија, Александар Вучиќ, претседателството на Собранието на Косово одлучи да расправа на вонредна седница, свикана по барање на опозицијата, во врска со дијалогот со Србија и иницијативата на косовскиот претседател Хашим Тачи за „корекција на границите“. Се очекува на таа седница (се одржува денеска) да се усвои резолуцијата со која ќе му се забрани секому, па и на претседателот на државата, да преговара во врска со територијалниот интегритет на Косово. Покрај опозициските партии, на намерите на Тачи да се договара со српскиот колега Александар Вучиќ за размена на територии се спротивставуваат и две од трите албански партии во владејачката коалиција… Веднаш по објавувањето на вонредната седница на Собранието на Косово, српскиот претседател Вучиќ изјави дека станува сѐ појасно дека ќе биде тешко да се дојде до какво било решение за Косово.

Темата за т.н. корекција на границите се чини како да доби „дозвола за пласирање“ во светската јавност, по средбата на претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, на средината на јули, во Хелсинки. Во некоја од анализите на самитот во Хелсинки во германските медиуми беше оценето дека целата дебата за промена на границите „би можела да биде сфатена како летен театар, да не се вмешаше Џон Болтон“. Имено, изјавата на новиот советник на претседателот на САД за национална безбедност дека „не се исклучуваат територијални приспособувања“, доколку двете страни се договорат за нив, ги активира тлеечките амбиции и територијално-политички проекции на балканските лидери, кои постојано се обидуваат да се наметнат и како „лидери на регионот“, а не само во своите земји.

Истовремено, таквата дебата за „територијални приспособувања“ наиде на реакција со предупредувања за можноста за поттикнување верижна реакција на барања за гранични корекции. Германската канцеларка Ангела Меркел јасно стави на знаење дека „територијалниот интегритет на Западен Балкан е дефиниран и не е тема за преговори“. И британската дипломатија е особено резервирана во врска со темата „менување на границите“, додека еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се обидува да го релативизира ставот на германската канцеларка, дека позициите во Брисел можеби не се толку тврди, но со длабока задршка поради можниот домино-ефект. Сепак, принципиелно, Хан не исклучи поместување на границите.

Обидот за конечно решавање на потенцијално невралгичните политичко-територијални прашања со особено некреативната идеја за размена на територии и прекројување граници, сепак сѐ уште повеќе се смета за пиромански проект отколку за креативно решение. Доколку се реализира едно територијално приспособување, политичките аналитичари за Балканот предупредуваат дека „и Албанците во Македонија, како и Србите и Хрватите во Босна крајно би можеле да бараат вакви ‘корекции’ -– и за час балканскиот лифт би тргнал назад во 1990-тите“.

Сепак, оваа идеја за прекројување на границите, по системот на политички сврзани садови, во неколку наврати беше искористена за безбедносно спинување во еден особено сензитивен момент на одлуки за иднината на Македонија. Поттекстот на македонската интерпретација на оваа воскресната идеја е дека ако таа се реализира, прва во која ќе се прелее ефектот на прекројување на границите е токму Македонија. За некои политички аналитичари ваквото ставање на земјата во контекст на идеите за „територијални приспособувања“, тоа е повеќе дел од стратегија за заплашување на граѓаните на Македонија, со безбедносни ризици пред референдумската одлука.

Темата за корекции на границите, која во различни периоди и трендови на меѓународната политика можеби добива и поинакви именувања, секогаш претставува отворање на Пандорината кутија, дури и кога намерата е од сите зла во неа, да се пронајде само надежта. На Балканот кога се зборува дури и за укинување на границите, секогаш треба да се внимава на скриените намери на тој што говори во името на заедничката иднина. Всушност, Балканците сѐ уште и не се обидуваат да ги скријат своите намери за доминација на својата идеја, политика, нација, држава. Па и Европската Унија и НАТО се злоупотребуваат за сопствено наметнување во балканскиот атар. Така што за нас, Македонците, сѐ уште важи онаа стара наша поговорка: несреќата никогаш не пристигнува сама. Таа секогаш има друштво. На наша несреќа, како по некое непишано правило, нејзиното друштво е поголемо кога нам ни доаѓа на гости… Од друга страна, има уште една дебарска народна, која вели: сѐ што дојде – добредојде! Ќе излеземе накрај и со тоа. А она што нема да нѐ убие, ќе нѐ направи посилни.