Неподнослива леснотија на поигрувањето со Македонија

Драмскиот заплет во садо-мазо сценариото за Македонија кулминира по отстапките направени со Преспанскиот договор со Грција и промената на името на државата… Дека климаксот сега би дошол повторно и уште посурово, со евентуалното прифаќање на секоја минимална уцена од Бугарија, при што тоа ќе значи активирање на спиралата на целосна себенегација и деидентификација

Длабочината на хамлетовската дилема „да се биде или не“ се чини дека во Македонија е толку пресушена, што е сведена на практика при носење брзопотезни одлуки дури и за прашања од суштински карактер. Да се биде во ЕУ или да се биде Македонец? Да се патува „без багаж“ во иднината или да не се откажеш од сопствената историја? Да се биде полиглот, а да се одречеш од сопствениот јазик? Да веруваш во суперхерои, а националните херои и митови да ги (с)поделиш со соседите, или уште подобро – да им ги подариш?
Безбројни се дилемите со кои речиси секојдневно се соочуваат Македонците, што за некои други луѓе и народи можеби би ја имале тежината на прашањето што Шекспир му ја ставил на товар на данскиот принц Хамлет во 17 век, но во Македонија во 21 век се живеат постојано, хронично и прагматично, според логиката – сме имале ние и поголеми проблеми, па не сме ги решиле.
Развојот на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија ги исфрли на површина овие непристојни дилеми пред македонските политичари, што како уцена за добивање шанса за влез во ЕУ им ги постави бугарската политика, но и речиси секојдневните провокации од бугарските политичари упатувани до македонските граѓани и македонското општество. Ноторниот шизофрен т.н. објаснувачки меморандум на Бугарија до земјите-членки на ЕУ, со кој се бара практично претходно бришење на посебноста на македонска историја и на македонскиот јазик, доби и своја оперативна верзија во вид на отворена закана за вето пред работните тела на ЕУ, каде што се подготвува преговарачката рамка за Македонија.

Бугарија, како членка на ЕУ, инсистира спроведувањето на договорот за добрососедство, односно резултатите од работата на заедничката историска комисија (произлезена од договорот), да биде вградено како посебно поглавје во преговарачката рамка за Македонија. Целиот заплет во новото македонско-бугарско т.н. добрососедство со уцени е насочен всушност кон отворањето на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ, што би требало да се случи со првата меѓувладина конференција во декември. Заканите на Бугарија се дека ќе го блокира (одложи) одржувањето на планираната конференција.
Датумот за одлука за прифаќање на преговарачката рамка за Македонија, од земјите-членки на ЕУ, 10 ноември, некако индикативно се совпаѓа со датумот на одржување на конференцијата од Берлинскиот процес за земјите од Западен Балкан, која заеднички ја организираат Бугарија и Македонија. За тој ден е извесна средбата меѓу македонскиот премиер Зоран Заев и бугарскиот Бојко Борисов, од кои се очекува да најдат соодветен начин за надминување на разликите и тензиите во „добрососедството“, во интерес на македонските ЕУ-интеграции, но и да биде задоволен некој интерес на бугарската политика. Официјалниот став на ЕУ е дека нема надлежност за решавање билатерални спорови (како што го третира бугарското оспорување на правото на самоидентификација за Македонија), иако ја има предвид можноста Бугарија да го користи неформалното право на вето за преговарачкиот процес на Македонија.

Европските официјални претставници новиот обид за наметнување уцени спрема Македонија не го сметаат за „драматичен“, иако бил „сериозен“… Сепак, драмата со скриена закана за Македонија е што по отстапките направени со Преспанскиот договор со Грција и промената на името на државата, прифаќањето на секоја минимална уцена од Бугарија значи активирање на спиралата на целосна себенегација и деидентификација.
Покрај веќе слушнатите барања за „интегрирање“ на македонската историја како дел од бугарската и македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот, Бугарија пронајде уште една „закана“ за себе и во новото име на Македонија, што наводно упатувало на територијални претензии. И во македонската и во бугарската јавност сѐ погласно се зборува за некаков анекс, или дополнителна декларација на актуелниот Договор за добрососедство, но официјалната политика и во двете земји дава амбивалентни изјави за постоењето на таква иницијатива. Во Македонија обично таквите информации првично се демантираат, за потоа да се искажува одредена подготвеност за нивна реализација, но и да се повлече подготвеноста, што создава недоумици, недоверба и револт во јавноста.

Во најновата изјава на министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, изразен е оптимизам за започнување на преговорите за членство во ЕУ, до крајот на годинава, што подразбира дека Бугарија нема да блокира, но и подготвеност за сепак да се потпише некаква декларација или анекс на договорот за допрецизирање дека Македонија нема никакви територијални претензии кон Бугарија. Тој зборуваше и за работните групи формирани во нашето и бугарското министерство за надворешни работи, велејќи дека работат на дневна основа за да се надминат разликите. Со оглед на асиметричноста на актуелниот договор за добрососедство, на штета на Македонија, секое негово преработување или дополнување го буди скептицизмот за можноста за нови отстапки и попуштање на бугарските уцени. Јавноста во Македонија силно е заинтересирана за членството на земјата во ЕУ, но и загрижена за неподносливата леснотија на поигрување со националното постоење.