(Не)научени лекции за протестите

Македонија повторно се соочува со серија протести. Крајот на преговорите околу (не)решавањето на спорот за името, го означи почетокот на серијата нови протести на кои сме сведоци деновиве, не само во Скопје, туку и во голем број градови во државата.

Незадоволни од потпишаниот договор во Нивици во врска со „прекрстувањето“ на државата во „Република Северна Македонија“, еден дел од граѓаните го крена својот глас против, како што тие јавно се изјаснуваат, „предавството и капитулантскиот договор, кој го потпиша и прифати македонската влада“.
Иако со потпишувањето на договорот за (не)решавање на спорот за името се мислеше дека ќе се стави крај на овој проблем, кој речиси три децении ја оптоварува македонската јавност, сепак се чини дека тој добива третман на „секундарна суровина за конфликт“ и дека постојано ги рециклира протестите.

За владејачкото мнозинство и за дел од граѓаните, договорот е најдоброто компромисно решение што ќе ѝ ги отвори вратите на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, за другиот дел од македонските граѓани овој договор е неприфатлив и претставува во најмала рака „предавство и капитулација“, чии последици нема да ги чувствува само сегашната туку и сите идни генерации, а во голема мера ќе придонесе и за бришење на нашето минато.
Во зависност од тоа кој какви очила ќе стави, читајќи го договорот од Нивици, розови или опскурни, такви се и коментарите на (не)задоволните. Но за договорот и за последиците од истиот тој, во наредниот период, до распишувањето на референдумот ќе се потроши уште многу мастило.

Во оваа пригода поводот за овие редови се протестите, кои повторно ѝ се случуваат на Македонија. И кога станува збор за протестите и за протестните собирања, пред Владата или парламентот, Македонија има значајно и различно искуство. Иако најголемиот број од нив биле најавувани како мирни и цивилизирани, сепак Македонија памети не само немирни туку и голем број насилни протести, кои најчесто завршувале со класична брутална пресметка на протестантите со полицијата.
Во своето дебело „досие“ Македонија има голем број примери за масовни и насилни протести.

Во еден таков протест, во 2001 година, незадоволните граѓани дури го освоија и парламентот, а претседателот на државата, покојниот Борис Трајковски, мораше да биде евакуиран на безбедна локација.
Само до пред една година, во времето на владата на Груевски, се случи т.н. шарена револуција при што „шарените демонстранти незадоволни од владеењето на Груевски едноставно со месеци секоја вечер колорно ретушираа и сквернавеа јавни објекти, споменици, државен имот, без притоа да бидат спречувани или санкционирани од полицијата.

Нема изминато многу време кога сегашната власт, а тогаш опозиција, ги организираше насилните протести пред Владата, кога буквално полицијата од разбеснетите протестанти спасуваше жива глава.
Сега, кога ни се случуваат актуелниве протести, сѐ уште се свежи сеќавањата од крвавите протести од 27 април, кога незадоволните граѓани влегоа во Собранието како цунами предизвикано од тектонски потрес, при што и физички настрадаа лидери на партии и пратеници.

Деновиве, по потпишувањето на договорот за (не)решавање на спорот за името, бевме сведоци на нови насилни протести пред Собранието на Македонија, во кои беа повредени десетици полицајци и граѓани и кога и едните и другите се обвинуваат меѓу себе за примена на прекумерна сила.
Би ни требало многу простор кога би ги набројувале сите протестни собирања кај нас, кои завршија со раскрвавени и искршени глави. Протестите и протестните собирања се уставно и гарантирано демократско право на граѓаните. Но иако Македонија има значително искуство кога се во прашање протестите и протестните собирања, сепак сѐ уште не ја научивме основната лекција за организирање и за одржување протести.
А таа е дека секој има право да протестира и да го искажува своето (не)задоволство. Но секој мора да знае дека не може да уништува државен имот, или да напаѓа овластени службени лица (и обратно)… не може да се напаѓаат и да се малтретираат новинари, фоторепортери, обични граѓани и да се девастира сѐ што ќе се најде при рака. Секој треба да знае дека е одговорен не само за својата туку и за туѓата безбедност. И дека и за протестите и за протестантите важи закон што мора да се почитува. Се разбира, и овластените службени лица треба да го почитуваат законот што точно предвидува што е дозволено, а што не е при протестите. Во спротивно, повторно влегуваме во една спирала на непочитување на прописите, законите, игнорирање на владеењето на правото, кое секако дозволува протести.

Но не дозволува вандализам од никого, од двете страни на барикадите. Непочитувањето на правилата и во вакви случаи на силна наелектризираност, праќа силна порака во јавноста. И во домашната и во меѓународната. Негативна, се разбира… Дека овде сѐ уште живеат „нескротени агресивни племиња“, кои не познаваат правила и востановени процедури. Зарем сме такви? Зарем така сакаме да бидеме третирани?
Како човек, кој како лидер на ТАТ има организирано над стотина протести на штедачите, едно научив дека организаторот на протестите е најдоговорен за нивното одржување и организирање, но и за последиците што ќе произлезат од нив и дека полицијата не е и не може да биде виновна за проблемите што нѐ тиштат и за кои протестираме.

Се сеќавам, како да беше вчера, кога при организирањето на првиот масовен протест во Битола што го пријавив во полицијата, командирот на полицијата дословно ми рече да внимавам што правам бидејќи можам побрзо да завршам зад решетки од Соња Николовска, зашто освен полицијата и јас како организатор на протестот одговарам за редот и за мирот во градот. Многу подоцна ми стана јасно дека навистина „милицијата“ на протестите е не само да го чува државниот имот и да ги обезбеди тие против кои се протестира, туку и тие што протестираат, зашто најчесто за време на протестите страдаат тие што се најмалку виновни, граѓаните или полицијата.
И уште нешто. Мојот апел е политичарите (читај партиите) треба да се тргнат настрана од оцените за протестите, бидејќи во зависност од тоа кој во која улога бил, власт или опозиција, тие во изминатите години често ги (зло)употребувале граѓаните при протестите. На протестите сите што протестираат не ги води иста идеја или мисла. Освен луѓето што протестираат со чиста идеја и мисла, таму протестираат (провоцираат) и луѓе што настојуваат да го искористат (народното) незадоволството за да ги реализираат своите фрустрации или неостварени свои или туѓи желби. Од една страна, тие ја рушат чистата потреба за искажување на незадоволството на оние што протестираат, но во исто време, со своите провокации и постапки предизвикуваат несиметрична реакција и бруталност кај полицијата.

А полицијата како и во песната на Жељко Бебек (Милиција тренира строгост), во зависност од ситуацијата – реагира. Некогаш со симетричен одговор, некогаш асиметрично. Но поентата е дека ако таа по дефиниција во теоријата на државата и правото, е „инструментот на присила“ што го користи власта, во никој случај не смее по своја произволна оцена, ниту по нечија нарачка „да тргне на народот и на граѓаните“. Бидејќи тоа е рецепт за анархија и најкраткиот пат кон држава што нема да биде тоа.