Нема иднина за Европа без македонскиот идентитет

Со ова (не)најавено вето за Македонија во ЕУ, на 10 ноември, Бугарија секако ќе долее масло во антагонизмот и растечките несимпатии кон нејзините политики во Македонија. Можеби со тоа очекува докази од Македонија за зацврстување на нејзината улога на жртва пред ЕУ, можеби очекува конечно (како со Грција) Македонија да ги прифати бугарските позиции за сопствениот национален идентитет и историја, можеби навистина само прави внатрешнополитички маневри пред своите претстојни парламентарни избори…, но на македонските политичари (и граѓани) веројатно им е јасно дека веќе нема простор за отстапки и задоволување на соседските каприци и итроштини, па дури и во име на европската иднина без македонски идентитет

Искреноста не е карактерна доблест што се очекува од политичарите, особено кога најгласно се повикуваат на неа, но некаков политички наратив на неверување и изненаденост од страна на македонските политичари, дека Бугарија нема да го (зло)употреби Договорот за добрососедство со Македонија за да ги опструира македонските евроинтеграции, би било неискрена или лошо одглумена наивност. Секако, и наивноста воопшто не е препорачлива квалификација во биографијата на кој било политичар (па и македонски), па изгледа како неодржлива теза уверувањето дека нестивнатата аспирација за остварување на сонот за санстефанска Бугарија, во која клучен мотив е асимилацијата на Македонија и Македонците, ќе исчезне прекуноќ со надградување со европски вредности на профилот на бугарските политичари. Особено по ефектуираните придобивки на Грција со Преспанскиот договор, по наметнувањето на тридецениски спор пред НАТО и ЕУ за името на државата Македонија. Политички наивни или неискрени би биле (ако постоеле) очекувањето и верувањето на македонската страна дека Бугарија би ја пропуштила таквата шанса.
Сѐ поизвесното вето од страна на Бугарија за преговарачката рамка од ЕУ за Македонија, во која нема да бидат вградени нејзините ирационални услови за признавање на „бугарскиот идентитет на македонската нација, историја и јазик“, се чини наидува на реакција на помиреност со таквата опција во актуелната македонска политичка реалност.

Всушност, премиерот Заев уште пред еден месец, во еден миг на категорична агресивност во манифестацијата на своите услови од страна на некој бугарски политичар (Каракачанов, Ковачев, Захариева или можеби дури и Ангел Димитров, предводникот на бугарскиот дел од заедничката историска комисија), изјави дека треба да ја подготвува македонската јавност на големата веројатност дека во декември годинава, Македонија повторно нема да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Големиот предизвик за владиниот пиар во актуелниов миг е веројатно како да се амортизира „иронијата на судбината“, кога во вторник на 10 ноември, македонскиот и бугарскиот премиер заедно ќе бидат домаќини во Софија, на конференцијата од Берлинскиот процес за Западен Балкан, а истиот ден во Брисел, Бугарија планира да го ефектуира (не)најавеното вето за преговарачката рамка за Македонија. Потребно е да се пронајде соодветна формулација за денот што веројатно бил испланиран да добие историска тежина за македонско-бугарското добрососедство по европски терк да не се претвори во целосно фијаско на заложбите за проширување на Унијата, кои ги протежира сѐ уште новата Европска комисија, а секако е и еден од приоритетите на актуелното германско претседателство. Во така подготвената атмосфера за вето, изненадување и херој на денот во Брисел, Софија и Скопје би можел да стане бугарскиот премиер Бојко Борисов, со евентуално одложување на ветото за понатаму во текот на македонските преговори со ЕУ, односно Бугарија да ја прифати преговарачката рамка за Македонија што ја има подготвено германското претседателство, засега без бугарските услови. Но со оглед на жестокоста на целата бугарска кампања со „својата вистина за Македонија“ пред ЕУ, во изминативе два-три месеци, речиси е неверојатно дека бугарската политика ќе направи таков пресврт во интерес на европската перспектива на Македонија и регионот (па и на вредностите и политиките на ЕУ), пред прокламираниот (иако анахрон, ирационален, па и шовинистички) национален интерес на својата држава.

Во прилог на целата извитопереност на бугарските гледишта за смислата на добрососедството, се надоврзува и аргументацијата за „подготвеноста за вето“ од бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, по состанокот во Берлин со македонските министри Бујар Османи и Никола Димитров, организирана и со учество на германските министри Михаел Рот и Хајко Мас. Главната аргументација на Захариева зошто Бугарија не може да ја одобри предложената преговарачка рамка се темели на непочитувањето и неспроведувањето од страна на Македонија на Договорот за добрососедство, односно, според неа, избегнувањето да се прифати „заедничката историја како бугарска до 1944“ (во комплет со признавање на бугарската основа на македонскиот јазик и откажување од македонското малцинство во Бугарија), но и забелешката за изразен говор на омраза во македонската јавност спрема Бугарија. Индикативно, речиси истиот ден кога Захариева ги изрази своите „аргументи за вето“, во Бугарија е објавена анкета што укажува дека речиси 84 отсто од испитаниците во таа земја го поддржуваат ветото за македонските евроинтеграции, сѐ додека „Македонците не признаат дека се Бугари“. Секако, барањето за стивнување на говорот на омраза кај спротивната засегната страна, додека го разгоруваш дома на истата тема, воопшто не е израз на политичка наивност, туку повеќе провокација со желба за нов погрешен чекор на противникот.

Тоа уште еднаш ја покажува ирационалноста на Договорот за добрососедство, кој наместо зближување и поддршка на народите во двете земји, очигледно сѐ позачестено продуцира наратив во кој доминира зборот „противници“. Со ова (не)најавено вето за Македонија во ЕУ, на 10 ноември, Бугарија секако ќе долее масло во антагонизмот и растечките несимпатии кон нејзините политики во Македонија. Можеби со тоа очекува докази од Македонија за зацврстување на нејзината улога на жртва пред ЕУ, можеби очекува конечно (како со Грција) Македонија да ги прифати бугарските позиции за сопствениот национален идентитет и историја, можеби навистина само прави внатрешнополитички маневри пред своите претстојни парламентарни избори…, но на македонските политичари веројатно им е јасно дека веќе немаат простор за отстапки и задоволување на соседските каприци и итроштини, па дури и во име на европската иднина без македонски идентитет.