Нема да помине

Постоењето на македонската држава е многудецениски историски факт и постојна реалност. А, пак, посебноста и автентичноста на македонскиот народ и јазик е столетен историски факт, дамнешно научно докажан и меѓународно признаен. Обидите со извртување и манипулација на европските вредности и принципите на ЕУ да се изнуди поништување на историската вистина и да се активира „ревизија за вечен заборав“ на македонското постоење и на македонскиот народ, или барем признание за „бугарски корени“, наликува на патетично негирање, но со безобразно негирање на научната вистина во пакет со меѓународното право. Македонија и Македонците, многупати во подалечната историја, демонстрирале желба, стремеж, непоколебливост и борба за самостојност, вклучувајќи и на 11 октомври 1941 година, кога организирано, сплотено и најмасовно дотогаш јасно ја соочија тогашна официјална Софија, а и Бугарија, со реалноста на својата посебност,
која во 1944 година со АСНОМ ја потврдија и со државност

Осумдесет години по востанието на 11 октомври во 1941 година, на истиот денешен ден, некако како Македонија да има потреба од сјајниот блесок на искрите од пламената желба со која се осветлуваше патот на македонска самобитност, национално самоспознание и верба дека народот на оваа земја заслужува да биде дел од новиот свет што ќе се создаде по Втората светска војна, да биде препознаен и да се нарекува – македонски. Предизвиците на Македонија во третата деценија на 21 век, пресликани во актуелните состојби дека „една нација ќе биде соочена со обиди за политичко негирање, дури и бришење на нејзиното постоење во минатото, но и барање гаранции дека нема да посака да постои и во иднината“, ги надминува дури и креативните фантазии на „истражувачите на апсурдот“. Но Македонија и македонскиот народ, 80 години по националното востание во Втората светска војна, предизвикано од желбата за слобода од сите окупатори (во тој конкретен историски миг – од бугарскиот фашистички окупатор), реалнополитички сѐ уште се справува со предизвикот да се избори и да го докажува во современиот геополитички контекст, своето право на постоење и самоопределување. Во прилог на апсурдот што Македонија како самостојна држава го живее како реалност, очекувањата и условите за нејзино самооткажување од цивилизациските и демократски права на егзистенција и самоопределување, повторно ги поставува Бугарија. Во 1941 реализацијата на своите намери за асимилација на Македонците (како континуитет), Бугарија ја спроведуваше конкретно и брутално преку воена окупација, па и со воени злосторства на територијата на денешна Македонија (за што во светската историја е обележана како дел од коалицијата на фашистичката оска). И наместо да се извини за тоа, во манир на една голема, современа и демократски ориентирана нација, Бугарија продолжува и денес со таквите амбиции, со квазидемократски манипулации на вистината и настојува да ги прикаже пред ЕУ како „чување и одбрана на европските вредности“.
Резонанцијата од пораките на бугарскиот претседател Румен Радев со нови уцени за македонските евроинтеграции, искажани на самитот ЕУ – Западен Балкан, минатава седмица во Словенија, во етерот на и така разбрануваните македонско-бугарски односи ги наостри перцепторите за откривање на сите скриените криминални стапици во т.н. бугарски предлог, кој во најголема мера е дрско противправен и јасно уценувачки. Значи, дебело криминален!

Бугарскиот претседател Радев отворено испорача уште порадикални и понеразумни услови за Македонија за повлекување на бугарското вето, во вид на: барање за внесување „бугарско малцинство во македонскиот устав“, прифаќање на „бугарската историска вистина“ како што тоа било направено со Грција во Преспанскиот договор, запирање на некаков, од Бугарија замислен, процес на дебугаризација во Македонија, а сето тоа да биде внесено во поглавјето 35 во македонската преговарачката рамка на ЕУ… Сложените и според перцепцијата на ЕУ, тешки за дефинирање македонско-бугарски релации, ставени во контекст на сопствените предизвици на земјите-членки и изразеното нерасположение за проширување (токму поради искуството со Бугарија), како да ја демотивираат Унијата да се повика на своите фундаментални принципи на постоење, во решавање на, како што самите го нарекуваат, билатералниот спор меѓу Македонија и Бугарија. Значителен дел од лидерите присутни на неодамнешниот самит во Словенија искажаа став дека „не се среќни со бугарското вето“ за Македонија, но дека ќе преземат нешто поконкретно дури откако во Бугарија ќе заврши третиот обид за парламентарни избори и конституирање политичка влада, како и избор на нов претседател. Одложувањето на барањето решение за започнување на преговорите на Македонија за полноправно членство во ЕУ, сепак не остави впечаток на искрени намери и покрај манифестацијата на интерес кај европските лидери, преку организирање „помирувачки средби“ на бугарскиот претседател и македонскиот премиер. Позицијата на лидерите, „билатералните прашања да не го обременуваат процесот на проширување“, која сепак можеше само да се насети, без конкретна идеја како да се реализира, не остава голем простор за потпирање на веродостојноста во ангажманот на ЕУ, околу надминувањето на причините за бугарското вето.
Бугарскиот претседател, како и другите бугарски политичари, откако во два наврата го потврдија ветото за Македонија во ЕУ, постојано се жалат дека се под притисок на ЕУ, па и на САД, лицемерно обидувајќи се да ја наметнат перцепцијата на жртва во спорот што самите го наметнаа со реактивирање прашања и проблематизирање состојби за кои процесот веќе е затворен.

Постоењето на македонската држава е многудецениски историски факт и постојна реалност. А, пак, посебноста и автентичноста на македонскиот народ и јазик е столетен историски факт, дамнешно научно докажан и меѓународно признаен. Обидите со извртување и манипулација на европските вредности и принципите на ЕУ да се изнуди поништување на историската вистина и да се активира „ревизија за вечен заборав“ на македонското постоење и на македонскиот народ, или барем признание за „бугарски корени“, наликува на патетично негирање, но со безобразно негирање на научната вистина во пакет со меѓународното право. Македонија и Македонците, многупати во подалечната историја, демонстрирале желба, стремеж, непоколебливост и борба за самостојност, вклучувајќи и на 11 октомври 1941 година, кога организирано, сплотено и најмасовно дотогаш јасно ја соочија тогашна официјална Софија, а и Бугарија, со реалноста на својата посебност, која во 1944 година со АСНОМ ја потврдија и со државност.
Таквата реалност на македонското постоење не смее да биде ставена во залог и жртва за (не)искрени ветувања за заедничка европска иднина во ЕУ, која не е подготвена да се повика и на сопствените принципи и право на народите за самоопределување и самоименување. Македонија не смее да дозволи востанието од 1941 г., како и она од 1903 г., и сите други востанија и борби за слободно македонско постоење да ги претворат во она што тие сакаат: во историска фатаморгана! Нема да помине!