Недопишана или избришана историја на Балканот

Во тој наплив на национални емоции за прочистување на историјата треба отворено да се биде внимателен на обидите за негирање на македонската историја и на нашиот национален идентитет. Ова особено е важно за Македонија, која во последно време е изложена на отворени надворешни притисоци да прифати нешто што директно навлегува во македонскиот национален код

Медиумите во Република Српска мината недела ја пренесоа информацијата од тамошното министерство за култура дека во учебниците по историја во основно и во гимназиско образование ќе бидат прикажани настаните за создавањето на новата српска република во БиХ, а учениците ќе имаат можност да се запознаат и со значењето и улогата на Ратко Младиќ, Радован Караџиќ и на другите личности на тогашното воено-политичкото раководство. Во образложението за објавувањето на учебниците од новата и современа историја беше наведено дека тие нема да содржат навредливи текстови за другите конститутивни народи или малцинства во БиХ.
Пишувањето историски книги за настаните што се случувале на просторот на балканските земји секогаш предизвикувало високо внимание, поради начинот на кој се прикажувале и најважното како се толкувале одредени факти од минатото. Познато е дека меѓу сите народи на Балканот постојат различни дури и спротивставени ставови за тоа што се случувало во подалечното минато. Секоја страна во учебниците по национална историја се обидувала да ги истакне историската улога, потеклото и значењето на сопствената нација. Речиси без исклучок тоа е правено со величање на нивните личности од минатото, а најчесто на штета или со отворена негација на припадниците на другите народи.

Токму овде лежи и опасноста од последната информација што доаѓа од Република Српска за тоа дека ќе се пишуваат нови учебници од современата историја. Посебно што сѐ уште се свежи сеќавањата за последиците од последната војна на просторот на Босна и Херцеговина и секој збор напишан во новите книги ќе биде подложен на сериозна критика и опсервација од спротивната страна. Тоа секако ќе ги продлабочи длабоките етнички поделби и разлики во историското читање на настаните од последната војна.

Познато е дека меѓу сите народите на
Балканот постојат различни дури и спротивставени ставови за тоа што се случувало во подалечното минато. Секоја страна во учебниците по национална историја се обидувала да ги истакне историската улога, потеклото и значењето на сопствената нација

Иако намерата на Министерството за култура на РС е да се даде објективен приказ на современата историја, новата наставна програма по историја претставува одговор на намерата на Федерацијата на БиХ да издадат учебници од кои децата од бошњачката националност ќе учат за „геноцидот во Сребреница и опсадата на Сараево“. Истовремено, како што беше објавено во некои медиуми лани, децата во Кантонот Сараево ќе учат за имињата на хероите на кантонот и на државата БиХ, кои ги дадоа своите животи за одбраната од агресијата.

Ова е само продолжување на старата балканска приказна за тоа историјата да ја гледаат исклучиво низ сопствените национални (и националистички) очила. Тоа е изразено и во однос на српско-хрватското читање на историјата. Историчарите или поточно политичарите од Србија и од Хрватска имаат спротивставени ставови за многу настани и личности од минатото, како она за тоа што бил логорот во Јасеновац. Длабоките разлики продолжуваат и за прикажувањето на современата историја, како онаа за завршната воена акција во Хрватска „Олуја“, која за едните претставува „етнички прогон на српското население“, а за другите тоа е решавачки удар над „странската агресија“ во Хрватска.

Несомнено, ќе бидат потребни уште долги години за балканските народи да се ослободат од вечните теми за тоа „кој прв дошол и кој е најстариот народ на Балканот“. Со тоа ќе има уште многу обиди за пишување, допишување, но и препишување и присвојување на некои историски настани. Во сето ова се занемарува еден факт на кој се посочува во еден текст на германската агенција ДПА за содржините на учебниците во Хрватска и во Србија, во кои се наведува дека младите од двете држави се учат да се мразат едни со други.

„По 25 години од распадот на Југославија нема сериозно соочување со оваа војна. Наместо тоа, учениците во Србија и во Хрватска учат еднострана и неисториска верзија на минатото. Во најважните учебници по историја сѐ е претставено во црно-бела нијанса без сиви зони. Позицијата на сопствениот народ како жртва се докажува уште во 19 век. Секоја вина е апсолутно на другата страна, а сопствената улога се прикажува како мирољубива“, се заклучува во анализата на ДПА.

За пишување на новата балканска историја загрижува еден непобитен факт дека за тоа повеќе зборуваат политичарите, а многу помалку или никако тоа не го прават историчарите. Поради тоа се појавуваат еден опасен тренд и обиди за ревизија на историјата на Балканот и за релативизирање на некои настани, токму од оние што историски гледано се нашле на погрешната страна и биле активни поддржувачи на етнички поделби на Балканот. Затоа во тој наплив на национални емоции за прочистување на историјата треба отворено да се биде внимателен на обидите за негирање на македонската историја и на нашиот национален идентитет. Ова особено е важно за Македонија, која во последно време е изложена на отворени надворешни притисоци да прифати нешто што директно навлегува во македонскиот национален код. Поради тоа отворено и јасно мора да им се спротивставуваме на сите изјави од малите балкански политичари, кои јавно мавтаат со картите за големи држави на Балканот. Време е тие политичари што сонуваат дека ќе бидат нови „обединувачи“ да се разбудат и да ја видат реалноста и да ја научат најважната историска лекција. Секое величање на сопствениот народ на сметка на другите носи само нови страдања, војни, убиства, злосторства и омраза меѓу луѓето од различни националности.